Неуспешната средба - дијалог меѓу Груевски и Заев е тема за анализирање во неделниците од кои го правиме и овој преглед на нивното пишување.
Заев на средбата излегол со ултимативно барање за техничка влада, одбивајќи ја на тој начин, подадената рака на премиерот да изнајдат некакво заедничко решение во интерес на граѓаните.Република.
Република - Техничка влада
Република продолжува со нападите на опозиционерите, па во уводникот на главниот уредник пишува за „Технички проблем“ настапувајќи од името на „неутралните и на поддржувачите на опозицијата“, како што пишува, на кои, според него, Заев им ја урнал надежта дека раководството на опозицијата се грижи за кој и да е друг, освен за себе. Според авторот на уводникот во Република, Заев на средбата излегол со ултимативно барање за техничка влада, одбивајќи ја на тој начин, „подадената рака на премиерот да изнајдат некакво заедничко решение во интерес на граѓаните“.
Глобус - Преговори кои не смеат да завршат како палома марамче
„Преговори кои не смеат да завршат како палома марамче“, ја насловува својата анализа Глобус, потсетувајќи со насловот на случувањата од пред една година, кога власта и опозицијата, притиснати од ЕУ потпишаа еден вид спогодба која потоа, речиси за еден ден, за власта стана „палома хартија“. Глобус потоа го цитира професорот на ФОН, Владимир Пивоваров, кој прашува дали треба да се повтори истото омаловажување на сите оние кои не мислат или не сакаат да бидат врзувани за владините политики. Овие преговори никако не треба да бидат реприза на помирувањето по 24 декември 2012 година, пишува покрај другото Глобус.
Дијалогот во ќор-сокак - Заев за техничка, Груевски за пиротехничка влада.Фокус.
Фокус - Дијалогот во ќор-сокак
„Дијалогот во ќор-сокак - Заев за техничка, Груевски за пиротехничка влада“, ја насловува својата анализа Фокус. На Заев, пишува неделникот, му е јасно оти Груевски никогаш нема да се согласи да абдицира од премиерската фотелја за да се организираат слободни, фер и демократски избори и затоа треба да го рационализира и уточни барањето за техничка влада. Премиерот, пак, сака надве-натри да го врати СДСМ во Собранието, да ѝ ги замачка очите на јавноста, да ја прелаже Европа дека има политички дијалог и следните избори повторно да ги лажира. Со такви почетни нејасни и неискрени позиции, решението на политичката криза ќе трпи! - смета Фокус, па во анализата заклучува: „На Македонија не ѝ треба опозиција во парламентот само за да се смираат политичките страсти помеѓу ДПМНЕ и СДСМ, на Македонија, како воздух ѝ е потребна слобода, демократија и правда, а не е јасно дали и како тоа може да го обезбеди барањето за „техничка влада“, чија суштина СДСМ јавно не ја дефинира, плус, опозицијата мора да поставува барања што ќе почнат веќе утре да ја демократизираат општата атмосфера во државата, а не откако таа евентуално ќе дојде на власт“.