Достапни линкови

Груевски - Верувам дека опозицијата набрзо ќе се врати во Собранието


Верувам дека пратениците од опозицијата набрзо ќе се вратат во оваа сала за која толку многу ги молеа граѓаните да им ја дадат таа шанса, рече мандатарот Груевски во експозеро пред пратениците.

Со празни столчиња од левата страна и со аплауз од присутните пратеници, мандатарот Груевски го заврши своето експозе попладнево. Во 25-минутното обраќање пред пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, тој вети дека во следните четири години Македонија ќе ја направи многу подобра.

Во првите минути од своето обраќање им честита на избраните пратеници вклучително и на оние од опозицијата кои не беа во собраниската сала.
Честитката подеднакво е упатена и до вас присутните пратеници и до оние кои поради политиките и интересите на партиското раководство одлучија денес да ја следат преку медиумите и за кои верувам дека набрзо ќе се вратат во оваа сала за која толку многу ги молеа граѓаните да им ја дадат таа шанса, и тоа само пред околу два месеци.
Никола Груевски, мандатар.

„Честитката подеднакво е упатена и до вас присутните пратеници и до оние кои поради политиките и интересите на партиското раководство одлучија денес да ја следат преку медиумите и за кои верувам дека набрзо ќе се вратат во оваа сала за која толку многу ги молеа граѓаните да им ја дадат таа шанса, и тоа само пред околу два месеци“, рече Груевски.


Во објаснувањето на програмата, пак, мандатарот ги повтори приоритетите односно економијата, ЕУ и НАТО, борба против корупцијата и криминалот, одржување на добри меѓуетнички односи, инвестирањето во образованието, науката и информатичката технологија.

Но, сепак Груевски најмногу се задржа на економијата. Рече дека очекуваат нови странски инвестиции, намалување на невработеноста, дека ќе ги зголемеле платите, пензиите и социјалната помош, вети нови субвенции за земјоделците, изградба на нови патишта и на делници, доизградување на пругата со Бугарија, нови вагони и возови, а напомена и дека гасификацијата останува стратегиски приоритет.
Во следните четири години се стремиме кон отворање на нови 64 илјади работни места и намалување на невработеноста од постоечките 28,4 отсто на околу 22 отсто.
Никола Груевски, мандатар.

„Во следните четири години се стремиме кон отворање на нови 64 илјади работни места и намалување на невработеноста од постоечките 28,4 отсто на околу 22 отсто“, рече Груевски.

Почнување на преговорите со ЕУ и зачленувањето во НАТО останува стратегиски приоритети нагласи мандатарот.

„Во однос на политичкиот спор кој Грција го наметна за уставното име на нашата земја, владата е подготвена да го продолжи грчко-македонскиот дијалог врз основа на веќе утврдената стратегија и принципи. Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот што го наметна Грција да биде прифатено без претходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум, а притоа мнозинството граѓани кои ќе излезат на тој референдум да се согласат со можното решение“, рече Груевски.

Тој нагласи и дека ќе продолжат со спроведување на Охридскиот рамковен договор, додавајќи дека етничките прашања не треба да ја одземат силата на општеството.

Груевски ја спомена и слободата на медиумите и вршењето на професионалната медиумска дејност кои морале да бидат обезбедени и почитувани од секој чинител.

Правевме грешки, но не стратегиски, рече мандатарот, кој оцени дека сигурно ненамерно му згрешиле на некого и го повредиле за што жалел. Инаку седницата почна со еден час задоцнување, а Груевски ескпозето го заврши со „Господ да ги благослови сите и Република Македонија“.
  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG