Достапни линкови

Со тригодишно дете спијат под мост


Тричленото семејство на Трајко Василевски од Куманово ја поминало зимата во стари и напуштени куќи, а пред тоа живееле и под кирија.

Триесетгодишниот кумановец Трајко Василевски со неговата невенчана сопруга Стефани и триипол годишната ќерка Мелани веќе два месеци се без свој покрив над главата. Средства за егзистенција немаат, а од временските неприлики се заштитиле под еден од мостовите на автопатот.
Татко ми и мајка ми починаа, постариот брат сега покоен, ми беше старател. Според Законот за деца без родители, до 26-годишна возраст примав паричен надоместок, а веќе петта година немам ништо. Барем едно сопче да имаме било каде во државава.
Трајко Василевски, жител на Куманово.

Трајко раскажува дека уште од детството животот го научил на мака и на тешкотии. Иако е млад, тој има сериозно нарушено здравје, а помош од никаде. Социјалниот надоместок од околу илјада денари го загубил бидејќи бил принуден и нешто да работи за да заработи за неопходните лекови, за облека, за храна.

„Татко ми и мајка ми починаа, постариот брат сега покоен, ми беше старател. Според Законот за деца без родители, до 26-годишна возраст примав паричен надоместок, а веќе петта година немам ништо. Барем едно сопче да имаме било каде во државава“, вели Трајко и додава дека тој никогаш не одел на школо и дека е неписмен.

Со Стефани се невенчани бидејќи нејзините родители биле против таа да живее со него. Извесно време Стефани со ќеркичката живеела кај татко ѝ, а според неа, детето не било прифатено добро и таа одлучила детето да не живее без татко, макар тоа било и под ведро небо.
Одиме до нашиот зелен пазар во Куманово, полниме шишиња со вода за да можеме да се измиеме, бараме помош од луѓето. Некои нè игнорираат, а некои ни помагаат. Нашите надлежни не преземаат никакви мерки да ни помогнат.
Трајко Василевски, жител на Куманово.

Зимата ова бездомно семејство ја поминало во стари и напуштени куќи, а пред тоа живееле и под кирија. Трајко раскажува како го поминуваат денот.

„Одиме до нашиот зелен пазар во Куманово, полниме шишиња со вода за да можеме да се измиеме, бараме помош од луѓето. Некои нè игнорираат, а некои ни помагаат. Нашите надлежни не преземаат никакви мерки да ни помогнат. Две-три години бевме под кирија и во таа куќа изби пожар. Во тој период плаќавме кирија додека се изгради куќата“, вели тој.

Трајко вели дека од Центарот за социјални работи му понудиле помош да го сместат во Катланово каде што има и други бездомници. Трајко не прифаќа таква помош, бидејќи не е сам, а за детето условите таму не се соодветни. А Стефани вели дека нивниот заеднички живот не е законски регулиран поради нејзините родители.

„Едно време бевме одделени, бидејќи моите родители не го сакаат Трајко. Не ми дозволуваат да бидам со него, а јас не сакам моето дете да живее без татко и некој да ми го малтретира“, вели таа.

Ова бездомно семејство апелира до надлежните институции да им помогнат барем за мал покрив над главата. Познато им е дека локалната самоуправа нема такви можности, туку дека за нив треба да се грижи државата и додаваат дека кога бараат помош сите креваат раменици. Но, како што вели Трајко кога треба да гласаат на изборите, тогаш им ветуваат помош.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG