Достапни линкови

Колку новите трактори се достапни за земјоделците?


Модерните и нови трактори се уште се скапи за нас, па користиме половни увезени од Европа стари по 15 години, велат земјоделците.

Модерните и нови трактори се уште се скапи за нас, па користиме половни увезени од Европа стари по 15 години. Вакви беа реакциите на дел од земјоделците од битолскиот крај на неодамнешната промоција на најсовремени трактори од чешко производство која се одржа во земјоделското училиште во Битола. Најскапиот трактор, велат земјоделците чини колку еден стан.
Поголемите трактори над 150 коњи се компјутерски, а ние земаме постари од 10 или 15 години, електрониката затајува, имаме проблем, немаме сервис за тие трактори.
Тоде Ивановски, земјоделец.


„Поситните и средните земјоделци немаат нова механизација. Тешко е да се дојде до неа. Во последно време оваа помош од Владата од 50-50, ИПАРД програмата и други проекти се исклучи полјоделството, им даваат само на лозарство и градинарство. За нив треба трактори со мали коњски сили, а со повеќе единствено за производство на пченка и пченица. Се снаоѓаме со половни стари трактори, што ги увезвуваат од странство. Поголемите трактори над 150 коњи се компјутерски, а ние земаме постари од 10 или 15 години, електрониката затајува, имаме проблем, немаме сервис за тие трактори“, вели земјоделецот Тоде Ивановски.


„Не се произведува толку колку што е скапо. Производот не чини пари има ниска цена“, вели земјоделецот Ванчо Николовски од битолско.


Трговските компании кои продаваат трактори тврдат дека во соработка со одредени банки на земјоделците им нудат поволни кредити за купување земјоделска механизација.

„Учествуваме во нудење на евтини земјоделски кредити.Со мало учество нудиме одложено плаќање, лизинг на две до три години. Само „Зетор“ е трактор европски. Единствен трактор чие прозиводство остана во Европа, сите други денес се произведуваат во Индија, Кина, Бразил. Нашиот аграр со ова ќе има три години гаранција за купен трактор, без потреба од поправки и сервис, најевтиниот е 14 000 евра, а најновиот 150 коњски сили околу 40 000 евра“, вели Митко Велковски, директор на компанија за продажба на земјоделска механизација.

Наспроти ваквите тврдења на некои земјоделци, од Министерството за земјоделство до сега во повеќе наврати укажале дека преку програмата за поддршка на земјоделството новата механизација никогаш не била подостапна за земјоделците, па повеќето ја обновиле. Понатаму, преку ИПАРД програмата им се враќаат 50 проценти од цената на тракторот што го купиле. Во следните години пак се најавува вложување од 1,7 милиони денари годишно државна помош за механизација и поволни кредити со 3 до 4 проценти годишна камата.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG