Достапни линкови

Што Вие рековте за изборите


Најмногу коментари од читателите, разбирливо, и на наштата веб страна и на страницата на Фејсбук, има за текстовите поврзани со изборниот процес.

Во денешниот преглед на вашите коментари на интернет, најпрвин за најактуелното. На Фејсбук профилот на Радио Слободна Европа, Жак Мартин напишал честитка: „Чао, честито победа на ВМРО“. Но, Даниела Ѓорѓиевски го ставила следново: „Зар поткупот да владее? Зар гласачите од Пустец и дијаспората да ни ја кројат иднината? Зар гинење на вредности да прифатиме и со мито да се занимаваме? НЕ, благодарам, јас не сакам таков вид политика во нашава МК!“.
Зар поткупот да владее? Зар гласачите од Пустец и дијаспората да ни ја кројат иднината?
Коментар од читател.

По објавата на Заев дека СДСМ не ги признава изборите, Осмен Ајрули вели: „Човекот буквално не разбира дека проблемот е во нивни редови“, а и Никола Мишев има слична реакција: „Кој губи има право да се лути, а кој се лути нека му стои.“ Марјан Петковски ги потсетува СДСМ дека знаеле против кого излегуваат на избори и дека кога знаеле дека изборите ќе бидат нефер, прашува зошто воопшто излегле, а Стефче Едип Стефче напишал дека е легитимно Заев да си даде оставка. Тања Донева Тодорова не гледа ништо за срамење во тоа да не се признаат нерегуларни избори. Владимир Чецков, пак, прашува зарем има некој што во последниве пет години верува во „фер и демократски“ избори и смета дека техничка влада која ќе спроведе вистински фер избори е единственото решение кое им одговара на сите. „Се изнагледавме репризи на наметнување на својата ’вистина‘ врз сите други“, пишува Владимир.

Во врска со предизборните ветувања на политичарите, редовниот Бургија од Зрзе во коментар оставен на нашата веб страна констатира дека ако некој упорно го лаже народот, а тој упорно излегува и гласа, тоа значело дека нешто со народот не е в ред и дека ние како народ им дозволуваме да си играат мајтап со нас. Незабеган иронично напишал дека очекува да станеме членка на Руската федерација во 2020 година. Милисав нè обвинува дека сме биле пристрасен медиум, а пак Бургија возвраќа: „Што да се каже за провладините медиуми кои никогаш во изминативе 8 години не ја искритикувале владата. Не е можно власта за овие 8 години да не направила ниедна грешка, таква негрешлива влада не постои во светот и читајте си ги и слушајте си ги само нив, ќе ви биде сè потаман и „убаво“ (во наводници) - коментира Бургија.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG