Достапни линкови

Киев почна воена операција во источна Украина


Украинските безбедносни сили почнаа операција против проруските групи во неколку градови во источна Украина.

Украинските безбедносни сили почнаа операција против проруските групи во градот Краматорск во источна Украина. Се известува дека имало престрелки на аеродромот во овој град. Руската новинска агенција Интерфакс, повикувајќи се на очевидец, објави дека украинската војска ја презела контролата врз аеродромот, но нема потврда на оваа информација. Има наводи дека има и жртви во, како што се наведува, битката за аеродромот. Новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на очевидец, објави дека на аеродромот слетале два хелихоптери од кои се истовариле украински војници. Руската телевизија Росија24 објави снимки од Краматорск на кои се гледа дека воени авиони и хеликоптери ја надлетуваат областа.
В.д. претседателот на Украина, Олександр Турчинов потврди дека Киев ја повратил контролата врз аеродромот во Краматорск.

Новинската агенција Ројтерс објави дека почнала „анти-терористичка операција“ и во градот Славјанск. Украински сили поддржани од оклопни возила, претходно пристигнаа во периферијата на овој град во источна Украина, каде што проруски групи ја презедоа власта. Дописниците на новинските агенции АФП и АП објавија дека денеска забележале колона од оклопни возила и тенкови северно од Славјанск.
Поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко ги повика Украинците заедно да ја бранат земјата од, како што рече, војната почната од Русија за окупирање украински територии.


Турчинов, вчера најави дека, ако е неопходно, ќе употреби и сила да ја поврати контролата врз 10 градови во источна Украина, каде што проруските групи ги окупираа владините згради. Според Турчинов, овие групи се терористи.


Руската новинска агенција ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на прорускиот градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономарјов, објави дека градот е опколен од украински владини сили. Тој рече дека „милициите за самоодбрана“ ги зајакнуваат барикадите на влезовите во градот.

Претходно, поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко ги повика Украинците заедно да ја бранат земјата од, како што рече, војната почната од Русија за окупирање украински територии. Тимошенко, која најави дека ќе се кандидира за претседател на Украина, во разговор за Радио Слободна Европа, ги повика властите веднаш да прогласат вонредна состојба во источните региони во Украина.

Таа исто така го поддржа формирањето „бригади за територијална самоодбрана“ во Запорожната, Дњепропетровската и Харковската Област и изјави дека командирите мора да ги мобилизираат граѓаните да им се приклучат на бригадите. Тимошенко смета дека кризата не треба да доведе до одложување на претседателските избори закажани за 25 мај.

Русија минатиот месец го анектираше украинскиот регион Крим, но Москва ги негира обвинувањата на Украина и на западните земји дека испратила оперативци во источниот дел на Украина кои треба да поттикнат немири кои би биле подготовка за евентуална руска воена интервенција.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG