Достапни линкови

Завршува кампањата за првиот круг претседателски избори


Од она што можевме да го видиме досега, ставовите на претседателските кандидати за важните прашања се слични, иако за дел од прашањата имаат сериозни разлики.

Кампањата за претседателските избори завршува, а граѓаните гласот за својот фаворит од четворицата кандидати ќе го дадат в недела. Секој од кандидатите на митинзите низ земјава ја презентираше својата програма, а нивните ставови можевме да ги видиме и на дебата. „Државата пред сè“ е паролата на актуелниот претседател Ѓорге Иванов и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. „Македонија заслужува претседател“ е пораката на кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски. Кандидатот на ДПА Илјаз Халими атакува на гласачите со паролата „За претседател Албанец“. Кандидатот на ГРОМ, Зоран Поповски, пак, порачува „Храбро за државата“.
Не прифаќаме да се промени Уставот на Република Македонија, не прифаќаме да се промени уставното име на Република Македонија.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија кој бара втор мандат од граѓаните.

Од она што можевме досега да го забележиме нивните ставови за важните прашања се слични, но за некои имаат сериозни разлики. Централно место во нивните говори заземаа прашањето за името, економијата, евроатланските интеграции и меѓуетничките односи. Во однос на решавање на спорот за името заедничко за сите е што црвените линии им се заштита на идентитетот.
Со најширок можен политички консензус да изградиме став на Македонија, па потоа да одиме кај Нимиц и да кажеме ова е македонската црвена линија.
Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ за претседател на Македонија.

„Тоа решение има рамка во ОН, од резолуциите на ОН, од привремената спогодба што сме ја склучиле со Грција, од пресудата од Хаг, а тоа значи дека не прифаќаме да се промени Уставот на Република Македонија, не прифаќаме да се промени уставното име на Република Македонија“, рече Иванов.

„Јас заговарам прво ние во Македонија, сите битни, релевантни, политички субјекти со најширок можен политички консензус да изградиме став на Македонија, па потоа да одиме кај Нимиц и да кажеме ова е македонската црвена линија. Грците тоа го имаат“, порача Пендаровски.

„Детално да се анализираат предлозите на Нимиц, па евентуално и некој наш предлог што би произлегол од една стручна анализа за решавање на овој проблем и да се најде прифатливо решение за името што нема да влијае негативно врз идентитетот не само врз македонскиот народ, туку и врз другите националности кои живеат во Македонија, изјави Халими.“

„Во таа комуникација јас би го актуелизирал повторно ставот околу двојната формула, мислам дека тоа би било едно решение коешто би било навистина прифатливо доколку успееме да ја убедиме Грција дека друго ништо не нè интересира поврзано со нивната територија“, вели Поповски.

Тие имаат различни погледи и за евроинтеграциите, демократијата, слободата. Иванов смета дека со почитувањето на уставно-правниот поредок се гарантираат правата и слободите на граѓаните. Пендаровски и Поповски со поинаков став дека Македонија е далеку од демократска земја. Халими, пак, вели дека страшно е народот да се плаши за корка леб. Повеќето од граѓаните што ги анкетиравме за тоа за кого ќе гласаат се изјаснија дека за нив е важна личност, но има и такви кои признаваат дека партијата од каде што доаѓа е најважна.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG