Достапни линкови

Украина поблиску до ЕУ, Крим во Русија


Европската унија денеска во Брисел го потпиша политичкиот дел од Спогодбата за асоцијација со Украина. Во истовреме, рускиот Совет на федерацијата ја одобри анексијата на Крим. Европската унија и Соединетите Држави кои се против ваквиот потег најавуваат нови санкции против Москва.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо изјави дека денешниот договор меѓу Брисел и Киев ќе го запечати силното политичко партнерство меѓу Украина и Европската унија.

„Ова е демократски избор што го направи Украина. Наша цврста намера е и преостанатите делови од спогодбата да ги потпишеме наскоро. Европа долгорочно и е посветена на Украина“, изјави Баросо откако евролидерите се согласија да ги замрзнат имотите и да им забранат влез во земјите на Унијата на уште 12 Руси и Украинци поради руската анексија на Крим.


Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј вели дека новите санкции против Москва не претставуваат одмазда, туку се со цел да ја запрат руската акција во Украина.

„Ние ставаме јасно до знаење дека неуспехот да се реши кризата по мирен пат и секој потег на Русија да ја дестабилизира Украина ќе има натамошни последици врз нашите односи. Побаравме од Комисијата да подготви нови мерки“, рече тој.
Ова е демократски избор што го направи Украина. Наша цврста намера е и преостанатите делови од спогодбата да ги потпишеме наскоро. Европа долгорочно и е посветена на Украина.

Според Херман Ван Ромпуј, сенката на санкциите веќе имала ефекти врз климата за инвестирање во Русија.

Европската унија уште еднаш ја потврди нејзината намера за натамошно зацврстување на политичкото асоцирање и економска интеграција со Грузија, и Молдавија.

Договорите со овие земји наместо кон крајот на оваа година, како што претходно беше планирано, ќе бидат потпишани во јуни.

Аналитичарите велат дека тоа е со цел да се испрати порака до Русија дека Европската унија останува посветена на приближувањето на поранешните советски републики кон нејзината орбита и покрај руското влијание.

Претходно, дополнителни санкции против Москва соопшти и американскиот претседател Барак Обама. Со нив се опфатени 20 луѓе, вклучувајќи го и Сергеј Иванов, шеф на кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин, како и Банката на Русија која е тесно поврзана со руското раководство.

Обама изјави дека потпишал и наредба со која се отвара патот Соединетите Држави да воведат санкции и врз сектори на руската економија.

Неколку минути потоа, руското министерство за надворешни работи објави список на Американци на кои им се забранува влез во Русија. На списокот се шестмина конгресмени и сенатори, меѓу кои Џон Мекејн, Роберт Менендез и Хери Рид, како и тројца советници на претседателот Обама.

Пентагон вчера соопшти дека министрите за одбрана на Соединетите Држави и Русија, Чак Хејгел и Сергеј Шојгу, имале телефонски разговор за разместувањето илјадници руски војници на границата со Украина.

„Шојгу даде три гаранции. Станува збор само за воена вежба. Не постои намера да ја минат границата со Украина и нема да преземаат никакви агресивни акции. Тоа беа зборовите на Шојгу и секретарот Хејгел очекува тој и да ги почитува“, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG