Достапни линкови

Ракометарките на Вардар во борба за фајнл-фор


Вардарки в недела против шведскиот Савехоф во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе бијат битка за освојување барем на второто место во групата, а со тоа и за пласман на фајнал-фор турнирот од Лигата на шампионите.

Македонскиот женски ракометен првак Вардар СЦБТ в недела ќе го одигра најзначајниот натпревар во клупската историја. Вардарки против шведскиот Савехоф во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе бијат битка за освојување барем на второто место во групата во која се и германскиот Турингер и данскиот Митјиланд, а со тоа и за пласман на фајнал-фор турнирот од Лигата на шампионите.
Знаеме колку големо значење има овој меч, но не сакаме да даваме преголемо значење, за од таа силна желба да не се случи спротивното.
Индира Кастратовиќ, тренер на РК Вардар.

Индира Кастратовиќ, тренер на женскиот ракометен клуб Вардар од Скопје.
Индира Кастратовиќ, тренер на женскиот ракометен клуб Вардар од Скопје.
За обезбедување на таа виза на црвено-црните в недела доволен ќе им биде и нерешен резултат, но сите во и околу клубот, размислуваат само за победа. Тоа е нормално за тимот во кој, покрај актуелната најдобра ракометарка во светот Лекиќ, се и „ѕвездите“ Пино, Радичевиќ, Ѓокиќ, Хмирова, Дембеле, Суслина, Лејно, Фернандез, а чиј тренер е Индира Кастратовиќ. И тие со нетрпение го очекуваат почетокот на дуелот, за кој, според Кастратовиќ, нема потреба од посебни подготовки.
Ние со самото тоа што бевме први во групата, наметнавме дека можеме да поминеме на фајнал-фор, затоа што луѓето мислеа дека сме во полесна група. Јас не би се согласила, затоа што мислам дека секој кој се пласира меѓу најдобрите 8 во ЛШ, дека е голем квалитет.
Индира Кастратовиќ, тренер на РК Вардар.

„Знаеме колку големо значење има овој меч, но не сакаме да даваме преголемо значење, за од таа силна желба да не се случи спротивното. Значи се подготвуваме за Савехоф, како и за секој друг натпревар. Расположението е добро и се надевам дека салата ќе биде полна, ќе имаме голема мотивација и поради луѓето кои ќе дојдат и со самото тоа не смееме да дозволиме да има некое изненадување од Савехоф“, изјави Кастратовиќ.

Таа, пред 11 години, како ракометарка на Кометал Ѓорче Петров триумфира во Лигата на шампионите, а есеноска (во дебитантската тренерска сезона на меѓународната сцена), го освои првото место во групата во која противник на Вардар му беше европскиот вицешампион Ларвик. По тој успех, за домашната спортска јавноста влезот во полуфиналето стана императив, па не изостанаа и критики за прикажаното на средбите на кои не беа забележани победи во втората групна фаза. За Кастратовиќ тие забелешки не се на место, бидејќи со нив се потценува неспорниот квалитет на годинашните ривали.

„Ние со самото тоа што бевме први во групата, наметнавме дека можеме да поминеме на фајнал-фор, затоа што луѓето мислеа дека сме во полесна група. Јас не би се согласила, затоа што мислам дека секој кој се пласира меѓу најдобрите 8 во ЛШ, дека е голем квалитет. Овие три екипи играат сосема поинаков ракомет од нас, значи брз ракомет. Цело време трчање, цело време сосема поразлично мора да се подготвуваме. Така што, не би рекла дека ние играме полошо. Имаше и подеми и падови, тоа е нормално, но мислам дека начинот на игра на другите екипи, кои играат 60 минути без запирање, не треба да се потценува“, додаде Кастратовиќ.

Инаку, пред последното шесто коло во нашата четвртфинална група 1, лидер на табелата е Турингер. Германките имаат 7 бодови, еден повеќе од Вардар, а два повеќе од данскиот Митјиланд, додека Савехоф е убедливо последен со само два освоени бода. Тоа значи дека Митјиланд и Турингер, исто така в недела, ќе имаат директен дуел за втората виза за завршниот турнир во Будимпешта, каде што веќе се пласираа европскиот шампион Ѓер и тимот на Будуќност, кои минатата недела ги обезбедија првите две позиции во четвртфиналната група 2 од ЛШ.
XS
SM
MD
LG