Достапни линкови

Со европски пари до социјално претприемништво


Работилница „Социјално претприемништво, можности и предизвици“ во рамки на проектот Техничка поддршка на граѓанските организации - ТАКСО.
Работилница „Социјално претприемништво, можности и предизвици“ во рамки на проектот Техничка поддршка на граѓанските организации - ТАКСО.

Во финансиската стратегија на ЕУ (2014-2020) се предвидени 85 милиони евра за социјални претпријатија. Македонија е една од земјите коишто имаат потенцијал да искористат дел од европските пари предвидени за социјално претприемништво.

Македонија е една од земјите коишто имаат потенцијал да искористат дел од европските пари предвидени за социјално претприемништво. Експертот за европски политики за социјално претприемништво Лаура Катана вели дека во европската финансиска стратегија за 2014-2020 се предвидени 85 милиони евра за социјални претпријатија. Програмата се уште не е операционална и е во развој, вели таа.
За да може да имате пристап до европските пари од програмата „ Лесни пари“ на пример, македонската влада треба да потпише договор како што досега има направено со другите финансиски програми кои ги менаџира Комисијата.
Лаура Катана, eксперт за европски политики за социјално претприемништво.

„За да може да имате пристап до европските пари од програмата „ Лесни пари“ на пример, македонската влада треба да потпише договор како што досега има направено со другите финансиски програми кои ги менаџира Комисијата. Мислам дека имате потпишано договор за програмата за истражување и иновација, што значи ова ќе функционира на истиот начин. Тоа е рамковна програма која се фокусира на сите програми за кои од Комисијата ќе побарате да бидете дел од нив“, рече Лаура Катана на работилницата „Социјално претприемништво, можности и предизвици“, која се одржа во рамките на проектот Техничка поддршка на граѓанските организации – ТАКСО.

Станува збор за инструмент кој овој пат нема да биде целосно посветен на грантови за градење на капацитети туку ќе биде фокусиран на заеми и гаранции со кои на пример Европската комисија ќе ги мотивира банките да вложуваат повеќе во овој сектор.
Главните играчи, социјалниот сектор, владата и бизнисмените ќе треба да соработуваат многу подлабоко од нивото на кое до сега соработуваа.
Аиво Орав, eвроамбасадор.

Евроамбасадорот Аиво Орав вели дека покренувањето на свесноста за бизнис кој што ќе има позитивен социјален импакт со кој ќе се адресираат токму социјалните потреби повеќе од идејата за максимизирање на профитот е стартната точка.

„Главните играчи, социјалниот сектор, владата и бизнисмените ќе треба да соработуваат многу подлабоко од нивото на кое до сега соработуваа. Тоа значи дека јавните пари и приватниот инвестициски капитал произлезен од различни нивоа треба да се спојат во ефективен финансиски микс.“

Глигор Михајловски од Македонската развојна фондација вели дека за сега имаме само една слична работа со ЕУ кога станува збор за социјалното претприемништво.

„А тоа е дека немаме статистика и мапирање на социјалните претпријатија, значи имаме една работа која е заедничка, меѓутоа се друго немаме.“

Министерството за труд и социјалната политика до јуни годинава треба да подготви закон за социјално претприемништво и да го достави до Владата на разгледување, вели министерот Диме Спасов.

„Со законот ќе се нормира оваа област и на некој начин ќе се создаде законски основ за формирање на социјални претпријатија коишто ќе вработуваат ранливи категории на граѓани и во иднина ќе продолжиме да преземаме мерки за поттикнување и подобрување на вработливоста и зголемување на бројот на вработувања, особено на загрозените категории на граѓани“, вели министерот Диме Спасов.

Катана предупредува дека кога се изработуваат социјални стратегии и закони потребно е да се внимава при копирање на текстот од другите земји членки на Европската Унија затоа што од една до друга земја постои различен начин на живеење, па затоа таа препорачува споделување на искуство со земјите членки на Унијата, но не и копирање на закони и стратегии.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG