Достапни линкови

„Биди чист - не биди муле“ - едукација на средношколците


Царинската управа преку проектот „Биди чист - не биди муле“ се обиде на дел од кумановските средношколци да им укаже на последиците од злоупотреба на опијатите и тргувањето со нив.

Царинската управа на Република Македонија преку проектот насловен „Биди чист - не биди муле“ се обиде на дел од кумановските средношколци да им укаже на последиците од злоупотреба на опијатите и тргувањето со нив. Матурантите од Средното училиште „Наце Буѓони“ беа запознаени со видовите на дроги, за нивното штетно влијание врз животот и здравјето на луѓето, за разните начини на кои дрогата им се нуди на младите, како и за предвидените казнени мерки за дилерите или пренесувачите на дрогата преку граница.
Токму од тие причини тргнавме со една кампања за последиците и ефектите од злоупотребата на дрогата, „уживање“, трговија, производство и нејзино криумчарење.
Љиљана Живковиќ Давиткова.

Љиљана Живковиќ Давиткова им рече на средношколците дека единствениот мотив за криумчарење дрога се парите. Таа додаде дека Царинската управа посветува големо внимание на безбедноста и на здравјето на граѓаните на Македонија, особено на младата популација.

„Токму од тие причини тргнавме со една кампања за последиците и ефектите од злоупотребата на дрогата, „уживање“, трговија, производство и нејзино криумчарење“, рече таа.

За да им се укаже на младите да бидат претпазливи со дрогата изберен е и провокативниот назив на кампањата „Биди чист - не биди муле“, а муле значи лице кое пренесува дрога.

„Сакавме слоганот да им остане во свеста и потсвеста и во случај да помислат на нешто слично, да им дојде до потсвест и да ги одвратиме од тоа. Доколку успееме макар едно дете да го оттргнеме од дрогата со овој слоган,сметаме дека ќе има ефект“, вели Живковиќ Давиткова и додава дека ова не е прво училиште и дека има заинтересираност кај младите да го слушнат тоа што е подготвено.

Што за средношколците значи оваа кампања едниот од нив вели дека тоа е поучно и дека младите треба да бидат запознаени со несаканите последици од дрогата.

„И да размислуваме посвесно, да не ги користиме дрогите и да не тргуваме. На врсниците им порачувам се повеќе да обрнат внимание на образованието, а да не посегнуваат по дрогата“, вели таа.

Со оглед на тоа што во Куманово безмалку две децении бројот на наркозависниците не е мал иако точна статистика нема, запрашаните велат дека до сега немале контакт ниту со дрога, ниту со некој нарко зависник. Затоа сметаат дека вакви кампањи треба да има почесто.

„Да знаат младите и да не користат дрога, со тоа и да нема криминал во Македонија, па и пошироко“, велат матурантите.

А, директорката на училиштето Лидија Михајловска вели дека немаат податоци дали меѓу учениците има такви кои злоупотребуваат дрога, иако како што додава не е исклучено да има некои кои што пробале „џоинт“ или лесна дрога.

„Ние сме тука да работиме на превенција од злоупотреба на дроги и разни видови опојни средства и секакви девијантни појави што се јавуваат кај младите“, вели Михајловска.

Затоа и оваа кампања меѓу другите во училиштето е прифатена и реализирана, смета таа.

Живковиќ Давиткова им појасни на средношколците дека дрогата не е ништо ново. Таа постои од постоењето на човекот. Опијатите биле користени како лек, во верски обреди и религиозни ритуали. Но, во средината на 19-от век започнала трговијата со дрога, кога и некои земји како Кина ја забраниле. Во светот дрогата во денешницата секаде е забранета.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG