Достапни линкови

Без диплома или занает немаш ништо


Куманово.
Куманово.

Квалитетот и знаењето се приоритет, а со партиска книшка лесно се достигнува врвот, но уште полесно се паѓа многу ниско, велат дел од луѓето кои уште на млади години се зафатиле со работа во приватен сектор.

Инфицирана со партиски вработувања и полесно и побрзо градење кариера во секоја област, кумановската млада популација најчесто се определува за една или за друга партиска боја. Меѓутоа, луѓето кои уште на млади години се зафатиле со работа во приватен сектор, поминале и се уште поминуваат низ сито и решето, сметаат дека напредување со партиска книшка не може да трае вечно. Според нив квалитетот и знаењето се приоритет, а со партиска книшка лесно се достигнува врвот, но уште полесно се паѓа многу ниско.
Тоа е што во секој голем бизнис е вмешана власта. Ако добро ви оди некој бизнис, партиите прават, да не кажам некој вид рекет, тоа е многу силен збор, ама нешто слично.
Џингис Агуш, стопанственик од Куманово.

Кумановецот Џингис Агуш (56) поранешен угостител, а подоцна трговец раскажува за предностите и недостатоците на работата и обезбедување егзистенција од заработувачката во приватниот сектор.

„Кога почнав 1984 година тоа беше друга дејност, се занимавав со угостителство. За да успеете во секој бизнис треба постојано да иновирате нешто. Тогаш беше друг систем и имаше лимит во напредувањето. Сега не е така. Сега има условно некои други можности, но има неповолности. Тоа е што во секој голем бизнис е вмешана власта. Ако добро ви оди некој бизнис, партиите прават, да не кажам некој вид рекет, тоа е многу силен збор, ама нешто слично.“
Џингис Агуш, стопанственик од Куманово.
Џингис Агуш, стопанственик од Куманово.

Јовица Димковски (40) безмалку две децении е еден од познатите фризери кој на млади години имал храброст или немал друг избор, отворил дуќан и од сопствена работа обезбедува егзистенција. Тој вели дека приватната работа има и свои предности и недостатоци.
Младите ако имаат можност да учат занает, бидејќи со книшката се постигнува, но и не многу. А приватен бизнис е свој и кога си свој е поинаку.
Јовица Димковски, фризер од Куманово.

„Ајде да почнам прво од предностите. Како самостоен работник дејноста ја обавувам сам, немам тутор над глава, сам си газда над својот имот. Негативно е тоа што дејноста ја обавуваш цел ден, сите активности ги обавуваш сам и немаш време за личниот живот.“
Јовица Димковски, фризер од Куманово.
Јовица Димковски, фризер од Куманово.

Двајцата кумановци кои работат во приватниот сектор никогаш не размислувале да работат за некој друг, односно да се вработат на друго место. А на младите генерации им препорачуваат:

„Син ми е втора година на Правен факултет. Уште на почетокот му кажав дека прво мора да заврши факултет. Тоа е (conditio) sine qua non! (без тоа ништо). А второ, само со свои способности, никако со партиска книшка да се вработи. Ако треба нека оди во Америка,во Австралија, ама само со свои способности. Затоа ќе треба многу да учи и да се труди“, вели Агуш.

Димковски додава:

„Младите ако имаат можност да учат занает, бидејќи со книшката се постигнува, но и не многу. А приватен бизнис е свој и кога си свој е поинаку. Но, младите сега не се заинтересирани, а јас им препорачувам да учат занаети бидејќи тоа останува додека си жив.“

Можеби и младите ги знаат сите предности и недостатоци на обезбедување егзистенција преку сопствен бизнис, сепак, се уште сметаат дека полесно и поедноставно е да се вклучат во партиските редови и да очекуваат вработување. Не мал број од младите кумановци иако квалитетни кадри без партиска книшка или врска не можат да се вработат. Таквите или бараат начини да заминат од државава или пак запаѓаат во летаргија. Занаетчиството секако изумира.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG