Достапни линкови

Се засилуваат тензиите на Крим


Прорускиот премиер на украинскиот регион Крим, Сергеј Аксионов, изјави дека војската, полицијата, граничната служба и безбедносните служби треба да ги слушаат само неговите наредби.

Кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека Русија нема да го игнорира барањето за мировна поддршка од Сергеј Аксионов, прорускиот премиер на украинскиот регион Крим.
Несоодветното присуство на руски војници на украинска територија е провокација и рускиот обид да се натера Украина да реагира со сила пропадна.
Арсениј Јаценјук, премиер на Украина.

Аксионов денеска побара помош од Путин и изјави дека војската, полицијата, граничната служба и безбедносните служби треба да ги слушаат само неговите наредби. Тој рече дека командирите што не се согласуваат со тоа, треба да си дадат оставка.

Русија има историски врски со Украина, вклучително и културни и економски врски, како и воени капацитети на Крим. Сепак, какво било нарушување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет ќе бидат многу дестабилизирачки.
Барак Обама, претседател на САД.
Украинскиот премиер Арсениј Јаценјук денеска во Киев ја повика Русија да ги запре сите воени движења во регионот на Крим. Тој исто така рече дека Украина одбива да одговори со сила на руските „провокации“. За време на владината седница, која директно беше пренесувана на телевизија, Јаценјук рече дека „несоодветното присуство на руски војници на украинска територија е провокација и рускиот обид да се натера Украина да реагира со сила пропадна“.

Украинскиот министер за одбрана Игор Теник ја обвини Русија за испраќањето на 6.000 војници и 30 оклопни возила во украинскиот регион Крим. Тој вели дека Русија испратила војска „без предупредување или дозвола на Украина, спротивставувајќи се на принципот на не-повреда на државните граници.“ Министерот за одбрана го изјави ова на седницата на владата во Киев која уследи по тензиите на Крим.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека е длабоко загрижен поради извештаите за руска воена раздвиженост на Кримскиот Полуостров кој е украинска територија. Тој предупреди дека секоја руска воена интервенција во Украина „ќе ја чини“ Москва.

„Русија има историски врски со Украина, вклучително и културни и економски врски, како и воени капацитети на Крим. Сепак, какво било нарушување на украинскиот суверенитет и територијален интегритет ќе бидат многу дестабилизирачки“, рече Обама.
Како што знаете, ние имаме договор со Украина за присуство на Руската црноморска флота во базата во Севастопол и ние се однесуваме во согласност со договорот.
Виталиј Чуркин, руски амбасадор во ОН.

Тој не кажа како Вашингтон и сојузниците би реагирале на руска воена интервенција во Крим. Сепак, висок американски функционер изјави дека Обама и европските членки на Г8 може да го бојкотираат Самитот на групата Г8 што треба да се одржи во јуни во рускиот град Сочи. Има разговори и за можни економски санкции.

Денешниот развој на настаните доаѓа откако вооружени лица, за кои се смета дека се руски војници вчера беа распоредени на два аеродроми на Крим. Во меѓувреме се појавија информации дека на аеродромите ноќеска дошле руски транспортни авиони со војници. Според долгорочен договор меѓу Русија и Украина, во пристаништето во градот Севастопол на Крим е стационирана командата на Руската црноморска флота .

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, вчера изјави дека руските воени активности во регионот на Крим се дозволени според тој договор со Украина.

„Како што знаете, ние имаме договор со Украина за присуство на Руската црноморска флота во базата во Севастопол и ние се однесуваме во согласност со договорот“, рече Чуркин.

Сепак, в.д. претседателот на Украина Олександр Турченко ја обвини Русија за агресија во Крим. Турчинов го повика Путин да запре со провокациите и да ги повлече руските воени сили.

Во телевизиското обраќање, Турчинов повлече паралела меѓу ситуацијата на Крим „провокациите“ што доведоа до краткотрајната војна меѓу Русија и Грузија во 2008 година. Сепак, тој рече дека украинските воени сили ќе ги исполнат нивните должности без да бидат вовлечени во провокациите.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG