Достапни линкови

Сигнали за името и изборите од гостинот од САД?


Политичките случувања на домашен и на меѓународен план, регионалната стабилност и евро-атлантската интеграција на Македонија остануваат главни теми на разговор на денешните средби меѓу заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Држави за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји и државниот врв.

Посетата на заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Држави за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји во Македонија е рутинска и договорена многу однапред, смета опозицијата.
Заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји.
Заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји.

Стево Пендаровски од Советот за безбедност и НАТО интеграции на Социјалдемократскиот Сојуз вели дека сите најави од политичките субјекти дека од гостинот очекуваат да чујат иницијатива за името или негов дециден став за евентуални предвремени парламентарни избори се само обид неговата посета да ја врамат во домашната политичка агенда.
Прилично сум сигурен дека функционерот на Стејт департментот, доаѓа тука само за да види што тековно се случува во Македонија и дека не носи никаква иницијатива за името, ниту пак ќе има дециден став за или против предвремени парламентарни избори.
Стево Пендаровски, аналитичар.

„Прилично сум сигурен дека функционерот на Стејт департментот, доаѓа тука само за да види што тековно се случува во Македонија и дека не носи никаква иницијатива за името, ниту пак ќе има дециден став за или против предвремени парламентарни избори. Најмногу што може да каже, по моја проценка,во вториот дел е да остави на автономното право на домашните политички субјекти тоа да го направат, ако сметаат дека тоа е важно за иднината на државата“, вели Пендаровски.

Политичките случувања на домашен и на меѓународен план, вклучувајќи ги и односите САД-Македонија, регионалната стабилност и евро-атлантската
интеграција на Македонија остануваат главни теми на разговор на денешните средби.

Пендаровски ја исклучува можноста дека на средбите на Ји со претседателот Ѓорге Иванов, со министерот за надворешни работи Никола Попоски и со лидерите на владејачките и опозициските партии, ќе се разговара за спорот за името.

„Ја исклучувам затоа што процесот кај Нимиц е замрен неколку години наназад. Последниве рунди преговори беа обична симболика, обична формалност, нема никаква најава од ниту една страна, особено не од Атина или од Скопје дека нешто ново се подготвува, напротив, гледаме дека реториката се заострува во последниот месец, посебно од Атина, значи нема никаква атмосфера, нема контекст во кој некој може да се надева дека иницијатива од надвор може да ги придвижи работите, значи во однос на името буквално ништо не мрда.“

И од Демократската Унија за интеграција ги отфрлаат како шпекулации, пишувањата во медиумите дека од средбата на лидерот Али Ахмети со високиот американски претставник ќе зависи одлуката на ДУИ за евентуални предвремени парламентарни избори. Од оваа партија повторуваат дека нивната одлука ќе зависи само од анализа на сработеното и од моменталната проценка што ќе биде подобро за иднината на државата и нејзините граѓани.

Инаку Хојт Брајан Ји на оваа функција доаѓа на местото на Филип Рикер, поранешен амбасадор на Соединетите Држави во земјава. Ји е дипломат од кариера кој служеше на голем број важни функции во американската администрација, а на високата позиција во Стејт Департментот е именуван од местото заменик амбасадор на САД во Хрватска. Пред Хрватска, каде што тој живеел од 2010 година, Ји беше директор на Канцеларијата на Стејт департментот за реконструкција во Авганистан , додека три години пред тоа работел како Генерален конзул на Соединетите Држави во Солун, Грција. Од 2002 до 2005 тој беше на мисијата на САД во Подгорица, додека Црна Гора беше дел од Сојузна Република Југославија.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG