Достапни линкови

Живот под оџаците РЕК „Битола“


Освен чадот од огништата и издуваните гасови во сообраќајот, граѓаните се прашуваат колку загадува РЕК „Битола“?

Деновиве загадувањето со ситна прашина во амбиенталниот воздух во Битола се искачи десет пати над дозволеното. Освен чадот од огништата и издуваните гасови во сообраќајот, граѓаните се прашуваат колку загадува РЕК „Битола“? Еве што велат жителите од село Новаци, оддалечено на два километри од комбинатот.
Од чадот, од јагленот, се таложи и дишењето е многу тешко. Кога на стаклото од автомобилот ќе тргнам со прстот се гледа црнило.
Симе Вељановски, жител на Новаци.

„Во зима, посебно наутро е многу тешко дишењето. Преку денот е подобро зашто дувнува некое ветерче. Кога е топло и тогаш е тешко. Мириса од оџакот од РЕК. Секој може да почувствува, од чадот, од јагленот, се таложи и дишењето е многу тешко. Кога на стаклото од автомобилот ќе тргнам со прстот се гледа црнило“, вели Симе Вељановски.

„Има навечер чад и магла, мирис на РЕК. Фаќаат кашлици, посебно кога е мирно времето и кога чадот слегува надолу“, вели Пеце Стојановски.
Вака е тешко на памет да се каже кој е точниот загадувач. По тоа податоци ќе можеме директно да реагираме кај големите загадувачи со помош на Министерството за животна средина.
Владимир Талески, градоначалник на Битола.

„Воздухот не е квалитетен. Најтешко е преку зима, се јавуваат кашлици кои постарите ги фаќаат помалку, а децата почесто“, изјави Драгица Кузмановска од Новаци.

Од РЕК велат дека редовно вршат мерења на квалитетот на амбиенталниот воздух на три пункта околу комбинатот и резултатите покажуваат вредности во рамки на максимално дозволените граници. Тоа, велат е резултат на модернизацијата и автоматизацијата на блоковите што значи намалена емисија на штетни честички во околината.

Од комбинатот посочуваат дека започната е модернизација на котлите што значи целосна промена на јагленовиот тракт, намалување на нивото на штетните емисии, инсталирање на опрема за континуиран мониторинг на емисија на штетни честички и редица други зафати. Со целосната реализација на проектот, од РЕК велат дека ќе ги исполнат најстрогите европски директиви за заштита на животната средина.

Градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески вели:

„Со нашата инспекција подготвуваме тендер кој ќе значи стручна служба - форма која во следните година-две ќе има неколку мерни станици низ општината. Вака е тешко на памет да се каже кој е точниот загадувач. По тоа податоци ќе можеме директно да реагираме кај големите загадувачи со помош на Министерството за животна средина“, изјави Талески.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG