Достапни линкови

Главен услов пред Самитот на ЕУ останува името


Премиерот Никола Груевски на средба со претседателот на Европскиот Совет, Херман ван Ромпуј.
Премиерот Никола Груевски на средба со претседателот на Европскиот Совет, Херман ван Ромпуј.

На 17 декември, на состанокот меѓу министрите за надворешни работи на Советот за општи работи на Европската унија, ќе биде објавен заклучокот за Македонија.

Не слушнавме ништо ново и досега непознато по вчерашната средба на премиерот Никола Груевски со претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпуј во Брисел, коментираат од Демократската унија за интеграции.
Пораката на Ромпуј дека за отворање на преговорите за членство треба согласност од сите членки на Унијата е уште едно потсетување дека спорот со името е главниот проблем, вели Ермира Мехмети Деваја од ДУИ.
Статус квото по однос на тоа единствено прашање кога тоа е блокирано или не функционира или не се реализира, тогаш гледаме како внатрешно се генерираат кризи.
Ермира Мехмети Деваја, ДУИ.

„Веќе подолго време ние повторуваме дека статус квото не е добра или пожелна позиција за Република Македонија, затоа што статус квото по однос на тоа единствено прашање коешто ги обединува сите етнички, јазични, религиозни и други заедници во Република Македонија, кога тоа е блокирано или не функционира или не се реализира, тогаш гледаме како внатрешно се генерираат кризи“, вели Мехмети Деваја.

Ние не сакаме да бидеме дел од создавањето на таква атмосфера, а како партија која е дел од власта, сносиме одговорност за тоа, истакнува таа.

Од СДСМ со став дека нерационалните политики на Владата имаат голем удел во размислувањата на европските дипломати.
За жал, наметнатиот проблем од страна на Грција ги спречува македонските евроатлански интеграции, но исто така и нерационалните политики изминатите седум години се од значителен придонес за ваквата констатација на Европската комисија.
Петар шилогов, СДСМ.

„За жал, наметнатиот проблем од страна на Грција ги спречува македонските евроатлански интеграции, но исто така и нерационалните политики изминатите седум години се од значителен придонес за ваквата констатација на Европската комисија. Сметаме дека политиките кои ги води Македонија во однос на Европската унија треба да се сведат на реална имплементација на критериумите со што ќе се олесни положбата на Македонија во однос на проблемот за името. Така што, работата по однос на евроинтеграциите треба да е перманентна и секојдневна, а не на неколку дена пред одржување на Самитот на Советот на Европската унија“, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов

Ако пет години по ред вие стоите во место, а сите останати земји во регионот напредуваат, тоа значи дека назадувате, смета Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование. Оттука, вели тој, какво било лобирање преку работни средби во Брисел не може да вроди со плод.

„Прашањето е дали Македонија и Грција ќе покажат желба, волја и начин да направат некаква рамка за решавање на овој спор за да може ЕУ да верува дека спорот ќе биде решен“, вели тој.

Дали ќе има некаков ефект од средбите ќе се види набрзо, вели Маричиќ, но се сомнева дека постои некаква сериозна рамка за брзо решавање на спорот.

„Македонија останува со Босна на некое ниво на проблематични држави коишто едноставно не можат да продолжат понатаму и мислам дека тоа дефинитивно е назадување“, вели Маричиќ.

На 17 декември, на состанокот меѓу министрите за надворешни работи на Советот за општи работи на Европската унија, ќе биде објавен заклучокот за Македонија. Претходните години, Европскиот совет ја прифаќаше препораката на Европската комисија, со образложение дека на ова прашање ќе се навратат за време на следното претседателство.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG