Достапни линкови

Покрај кавги, конечно и идеи


Илустрација.
Илустрација.

По низата бранувања и дискусии во јавноста за тоа дали е оправдана идејата на опозицијата за поврат на ДДВ од 15 насто на граѓаните, власта врати со нова идеја, во која „со фискалната во рака се стигнува до награда без мака“.

Домашните аналитичари позитивно ги оценуваат партиските идеи за подобрување на животот на граѓаните кои во периодот доаѓаат и од адреса на владејачката партија и од опозицијата. По низата бранувања и дискусии во јавноста за тоа дали е оправдана идејата на опозицијата за поврат на ДДВ од 15 насто на граѓаните, власта врати со нова идеја, во која „со фискалната во рака се стигнува до награда без мака“.
Во последно време има идеи за подобрување на животот на граѓаните, тоа е за поздравување, но знаејќи ги нашите политички партии, не може да им се верува само на збор, туку да се бара од нив и да ги остварат.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Аналитичарите велат дека овој натпревар на идеи на политичката сцена е добредојден, но треба да се има предвид дека и најдобрата идеја не вреди ништо, ако истата не се реализира.

„Во последно време има идеи за подобрување на животот на граѓаните, тоа е за поздравување, но знаејќи ги нашите политички партии, не може да им се верува само на збор, туку да се бара од нив и да ги остварат“, изјави универзитетскиот професор Здравко Савески.
Сега ќе се препукуваат со знаења, кој е подобар економист, кој подобро ја разбира економијата, кој предлага квази научни решенија итн.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

Убаво е да се слушне нешто поразлично од секојдневните препукувања, лични навреди и дискредитации од партиските говорници, особено ако се тоа идеи кои имаат за цел да го подобрат животниот стандард на граѓаните, се согласува и универзитетскиот професор Алајдин Демири. Според него, препукувањата ќе продолжат, но тие ќе се водат на друг терен.

„Сега ќе се препукуваат со знаења, кој е подобар економист, кој подобро ја разбира економијата, кој предлага квази научни решенија итн. Ако досега беа некои национални, националистички, корупциски ставови итн., сега ќе се пренасочат на економското познавање“, вели Демири.

Иако не е исклучено ваквите идеи да се обвиткани со популизам за полесно да допрат до граѓаните, Савески смета дека треба да им се даде шанса на партиите да покажат дека овојпат навистина мислеле на народот, а не на теснопартиските интереси.

„Тоа што граѓаните треба да го бараат е да инсистираат на тоа барање и да не преминуваат така лесно преку неисполнето барање од тој тип кога некој може да го оствари тоа барање“, вели Савески.

Ако овие слушливи идеи се реализираат, полза ќе имаат и граѓаните, иако Демири посочува дека единствената цел на партиите е тие да им донесат повеќе гласови во пресрет на следниот изборен циклус.

„Тие се бенефити кои се наменети за добробит на граѓаните и ним им одат во полза, а политичките партии ќе имаат една полза, тоа е гласот“, заклучува Демири.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG