Достапни линкови

Шеќеринска до Мијалков - Апсете, не се плашам


Потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска реагира дека не се плаши од заканите по вчерашното соопштение на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков дека за истите обвинувања за нелегално збогатување пред три години, Љубе Бошкоски се извинувал.

Апсете, заканувајте се и продолжете со истата политика на создавање страв, му одговори потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков кој вчера преку писмено соопштение реагираше на нејзиното пратеничко прашање за тоа како заработил 1,6 милиони евра за пет години.
Вчерашното соопштение како да излегло од некои редовни гледачи на американскиот филм „Кум“. Ако мислат, ако се надеваат дека споредбите со Љубе ќе нè уплашат, се лажат.
Радмила Шеќеринска, заменик претседателка на СДСМ.

„Вчерашното соопштение како да излегло од некои редовни гледачи на американскиот филм „Кум“. Ако мислат, ако се надеваат дека споредбите со Љубе ќе нè уплашат, се лажат“, вели Шеќеринска.
Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Таа уште еднаш праша како е можно шефот на тајната полиција да го дуплира своето богатство за само пет години, споредувајќи ги притоа податоците од анкетниот лист на Мијалков во 2008 година и во 2013. Не сакаше да каже кои се фирмите за кои имаат информации дека шефот на тајната полиција се јавува како сопственик или во кои учествува со свој удел.
Ја користам и денешнава прилика да ги повикам сите институции да ги проверат ситните технички грешки од, само во еден случај, 720 илјади евра.
Радмила Шеќеринска, заменик претседателка на СДСМ.

„Ние на тие теми не шпекулираме, она што го зборувавме беа тврди и потврдени факти“, рече таа.

Според Шеќеринска, спорно е тоа што во имотниот лист Мијалков пријавил дека зел 500 илјади евра од продажба на основачки долг на фирми и исто толку за удели во странски фирми, па оттука е чудно тоа што во 2008 година има само еден сопственички удел во домашна фирма, а денеска е сопственик на четири фирми, две домашни и две странски.

Во својот писмен одговор до јавноста, Мијалков вели дека неговиот удел од 50 отсто во фирмата регистрирана во 2003 година е продадена во Прага на двајцата други косопственици, односно во две одвоени трансакции по 25 отсто, кои вределе по 500.000 евра, како што впрочем е наведено во анкетниот лист.

Една од разликите во имотните листови се однесува и на пријавениот имот по основ на часовници и семеен накит. На пример во анкетниот лист за 2008 година, по основ на уметнички слики пријавил 30.000 евра, а денеска тој изнесува 300.000 евра. По основ на семеен накит и часовници, во 2008 година пријавил имот од 50.000 евра, а во анкетниот лист од 2013 истиот изнесува 500 000 евра. Според Мијалков, единствената разлика со првиот анкетен лист е само во вредноста на накитот, па оттука тврди дека се работи за ненамерна техничка грешка, која е коригирана во вториот анкетен лист.

„Јас ја користам и денешнава прилика да ги повикам сите институции да ги проверат ситните технички грешки од, само во еден случај, 720 илјади евра“, вели таа.

Шеќеринска додаде дека нема да се извини како што тоа од неа го побара Мијалков, оти, како што вели, ја зборува вистината и според неа ниту еден податок не е без основа и аргумент.

Во меѓувреме со контра обвинувања се јавија и од владејачката партија. Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат како за само пет години Шеќеринска се стекнала со имот од пет стана во вредност од најмалку 500 илјади евра. Јас стојам зад мојот анкетен лист и не велам дека сум направила техничка грешка, реагираше Шеќеринска, според која ова е веќе виден филм.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG