Достапни линкови

Зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не сакаат нов избирачки список?


Архивска фотографија: Седница на државната изборна комисија.
Архивска фотографија: Седница на државната изборна комисија.

Се ближат претседателски избори, се шпекулира со можни предвремени избори. Прочистувањето на изборачкиот список се отвора како дел од предкампањата.

Производ на перманентната кампања дека власта е постојано подготвена за избори и практиката веќе неколку пати да се распишуваат вонредни парламентарни избори, е, како што анализираат дел од експертите, позадината на актуелизирањето на темата прочистување на избирачкиот список од страна на премиерот.
Начинот на кој го прави Груевски значи да не се прочисти избирачкиот список, затоа што терминот е многу краток, кратко време има ДИК да го прочисти и тоа се прави повеќе маркетиншки.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„Начинот на кој го прави Груевски значи да не се прочисти избирачкиот список, затоа што терминот е многу краток, кратко време има ДИК да го прочисти и тоа се прави повеќе маркетиншки преку медиуми за да не се направи сериозна работа“, е на мислење аналитичарот Алајдин Демири.

Тој не гледа голема подготвеност и од страна на ДИК сериозно да се зафати за прочистувањето на избирачкиот список однесувајќи се лежерно и незаинтересирано. Се добива впечаток дека СДСМ сака да добие време, свесни дека не се подготвени за вонредни парламентарни избори, додава Демири.
Мислам дека што побргу се нафатат политички да се договорат дека ќе имаме соодветен избирачки список, ќе биде подобро за изборниот процес во целина.
Никола Дујоски, универзитетски професор.

„Свесни дека сè уште не се консолидирани, свесни дека реформите во партијата не се направени, веројатно мислат дека им треба малку повеќе време“, вели Демири.

Професор Никола Дујоски, не сакајќи да прогнозира дали предвремени парламентарни избори ни се сè поизвесни, вели дека и сега на шест месеци пред претседателските е исто така вистинско време да се разговара за прочистување на избирачкиот список, но создавањето на сите потребни услови за тоа е поврзано како што посочува со постигнување политички договор меѓу власта и опозицијата.

„Велиме ДИК согласно законот е единствено надлежна за избирачкиот список, но реално и функционално таа сама не може да го направи тоа доколку не ги добие потребните податоци од сите други институции, меѓу кои и Државниот завод за статистика и МВР се разбира. Мислам дека што побргу се нафатат политички да се договорат дека ќе имаме соодветен избирачки список, ќе биде подобро за изборниот процес во целина“, вели тој.

Во секој случај, додава Дујовски, темата и власта и опозицијата ја отворија прерано и тоа преку медиумите, што, според Демири, е еден од начините таа да се доведе повторно во ќорсокак и да се потврди дека не постои сериозна заинтересираност кај политичките субјекти таа да се разреши.

„Мислам дека се прави спектакл по медиуми за да се вклучат малку и медиумите и народот во таа секирација за изборните листи, а да не се направи докрај таа работа“, додава Демири.
XS
SM
MD
LG