Достапни линкови

Египет пред граѓанска војна?


Над 520 луѓе биле убиени и околу 3.500 ранети во насилствата што го зафатија Египет откако безбедносните сили ги растурија протестните кампови во Каиро на приврзаниците на соборениот претседател Мухамад Морси, соопшти министерството за здравство на Египет. Земјата на работ на граѓанска војна.

Египетските власти, поддржани од војската, по вчерашното крвопролевање, воведоа едномесечна вонредна состојба во целата земја, вклучувајќи и полициски час во 13 области.

Вршителот на должноста претседател на Египет Адли Мансур и нареди на војската да и помогне на полицијата во напорите да воспостави ред во земјата.
Претходно членот на привремената египетска влада, нобеловецот за мир Мохамед Ел Барадеј соопшти дека во знак на протест ја напушта функцијата.

Вчерашната акција на властите за растурање на двата протестни кампа во Каиро, при што беа употребени оклопни возила и боева муниција, беше осудена од регионалните сили Турција и Иран, како и од Европската унија и Соединетите држави.

Борби имало и во Александрија, Минија, Асиут, Суец и други места во Египет.

„Верувам дека по објавата на вонредната состојба и откако претседателот и нареди на војската да и помага на полицијата, значи со целосна координација меѓу нас и армијата, нема да дозволиме протестни кампови во земјата, без оглед на жртвите.
Мухамад Ибрахим, министер за внатрешни работи на Египет.

Приврзаниците на Муслиманското братство најавија дека ќе ја продолжат нивната кампања за враќање на Морси кој на 3 јули беше соборен од функцијата шеф на египетската држава. Меѓутоа, министерот за внатрешни работи Мухамад Ибрахим изјави дека властите веќе нема да дозволат протести.

„Верувам дека по објавата на вонредната состојба и откако претседателот и нареди на војската да и помага на полицијата, значи со целосна координација меѓу нас и армијата, нема да дозволиме протестни кампови во земјата, без оглед на жртвите.“

Министерот Ибрахим вети дека ќе го врати нивото на безбедност какво што беше за време на режимот на експретседателот Хосни Мубарак кој беше соборен со народно востание во февруари 2011 година. Во поголем дел од неговото 29 годишното владеење Египет беше под вонредна состојба.

Американскиот државен секретар Џон Кери ги осуди насилствата, наведувајќи дека тоа ќе го уназади процесот за помирување меѓу египќаните.

„Египќаните во и надвор од владата треба да се повлечат. Тие треба да ја смират ситуацијата и да избегнат натамошно губење животи. Ние исто така остро се противиме на враќање на состојбата на вонредно владеење и ја повикуваме владата да ги почитува основните човекови права.“

Не е јасно каква акција, доколку воопшто дојде до неа, би можело да покрене официјален Вашингтон како одговор на насилството во земјата која е најголем американски сојузник во Арапскиот свет.

Соединетите држави годишно издвојуваат, главно за египетските воени сили околу милијарда ипол долари.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган оцени дека насилството претставува сериозен удар врз надежите за враќање на демократија во Египет, додека Иран предупреди од можноста за граѓанска војна.

Соборувањето на претседателот Морси следеше откако милиони египќани излегоа на улиците да демонстрираат против неговите врски со исламистите и поради неуспехот на неговата влада да ја заживее економијата по револуцијата пред две години.

Египетската војска образложи дека го соборила демократски избраниот претседател како одговор на барањата на јавноста за негово остранување.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG