Достапни линкови

Неделен печат - Односите со Бугарија и лустрацијата


Средба на премиерите на Македонија и Бугарија, Никола Груевски и Пламен Орешарски во Ќустендил, Бугарија.
Средба на премиерите на Македонија и Бугарија, Никола Груевски и Пламен Орешарски во Ќустендил, Бугарија.

Република ги анализира македонско-бугарските односи по средбата на делегации на двете влади предводени од премиерите, а Глобус се осврнува на лустрацијата.

Поради празникот Илинден, на располагање ни се само два неделника за прегледов.

Тоа што Македонија не смее да го направи е да ги прифати бугарските барања во форма во каква што се сега (за јазикот и за нереципроцитетот на грижата за малцинствата) затоа што тоа ќе биде погубно за македонскиот народ и за македонската историја.
Република.
Република – Трошка надеж од македонско-бугарската владина средба

Една од најбизарните резултанти на процесот на лустрација кај нас е можноста битката против „комуњарите“ да се води до „последниот вмровец“.
Глобус.
Република со нагласено позитивна нишка, и во уводникот и во посебна анализа, се осврнува на заедничката седница, како што официјално беше кажано, на македонската и на бугарската влада, иако од коалициониот партнер ДУИ и во јавноста се појавија реакции дека тоа всушност било само средба на двајцата премиери, а не на двете влади. Заедничката седница на владите фрли трошка надеж дека работите може да се поместат од мртва точка, пишува Република, па препорачува: „Она што може Македонија да направи е да му пристапи на проблемот позитивно и искрено за на крајот да можеме да очекуваме решение“. Неделникот ја заговара тезата дека тоа не само што ќе ни ги нормализирало односите со Бугарија, туку можело да ја направи и наш најголем поддржувач на евроинтеграциите, со што значително ќе се ослабнела позицијата на Грција во спорот за името. „Тоа што Македонија не смее да го направи е да ги прифати бугарските барања во форма во каква што се сега (за јазикот и за нереципроцитетот на грижата за малцинствата) затоа што тоа ќе биде погубно за македонскиот народ и за македонската историја“ - предупредува Република.

Глобус - Го ’тераа‘ Божин Павловски, од дупката на лустрација излезе Драган Богдановски

Некако со историјата, но онаа поблиската, се занимава и Глобус, чиј фокус на интересирање е досието „Рашомон“, конспиративното име за основачот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Богдановски. „Го ’тераа‘ Божин Павловски, од дупката на лустрација излезе Драган Богдановски“ - е насловен текстот во Глобус кој пишува дека една од најбизарните резултанти на процесот на лустрација кај нас е можноста битката против „комуњарите“ да се води до „последниот вмровец“. Ваквата ситуација за власта е недозволива, иронизира неделникот за да заврши со констатацијата дека генерално, со појавата на „Рашомон“, а потоа и со апсењето на Паско Кузман, конфликтите во општеството влегоа и зад портите на Груевски и неговото семејство. Многу бргу работите за тој, последен конфликт, ќе се развиваат, засилувани со уште еден, кој се гледа на хоризонтот, а тоа е нов судир со ДУИ по „автономно“ потпишаниот договор (Спогодба) со Москва околу гасот, предвидува Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG