Достапни линкови

Британија го прославува раѓањето на принцот


Раѓањето на синот на британскиот принц Вилијам и војвотката од Кембриџ Кејт е проследено со огромна радост, но и со голем интерес на светските медиуми. Мајката и бебето, според Бекингемската палата, се чувствуваат добро и во текот на денешниот ден треба да ја напуштат лондонската болница „Сент Мери“.

„Не можеме да бидеме посреќни“, соопштил гордиот татко, принциот Вилијам, по раѓањето на неговиот син, кој сега е трет во редот наследници на британскиот трон, по престолонаследникот, неговиот дедо принцот Чарлс и секако Вилијам.

Премиерот Дејвид Камерон раѓањето го оцени како важен момент за Британија.

„Ова е прекрасна вест од Сент Мери Падингтон и јас сум убеден дека низ целата земја и низ целиот Комонвелт луѓето ќе прославуваат. Тоа е важен момент во животот на нашата земја, но над се прекрасен момент за љубовниот пар“, изјави Камерон.

Американскиот претседател Барак Обама во честитката наведува дека новиот британски принц се роди во „време на ветувања и можности во односите меѓу двете земји“.

Пред објавувањето на веста за породувањето на Кејт, еден автомобил од болницата Сент Мери се упатил кон Бекингемската палата, лондонската резиденција на кралицата Елизабета Втора, која по протоколот мора да биде информирана прва.

Нејзе и била предадена порака со потпис на кралските лекари на која го пишува полот и часот на раѓањето на бебето.

Веднаш потоа на дрвена плоча во дворот на Палатата е поставено известување за народот.

Раѓањето на новиот принц, според аналитичарите, може значително да придонесе и за британската економија. Има проценки дека само од продажба на „кралски“ детски прибор ќе се заработат над 380 милиони долари.
Но, во согласност со новото време веста симултано беше објавена и на кралските домени на Твитер и Фејсбук.

Интересно е да се каже дека уште пред раѓањето, бебето имаше страница на Википедија од над деветстотини зборови.

Впрочем досега ниту едно кралско бебе не било во центарот на толку голем интерес по социјалните мрежи и на медиумите во светот.

Со недели, новинари кампираа пред болницата во Лондон, а откако Кејт беше примена таму секоја минута просечно беа постирани по 200 твитови со нејзиното име.

Членовите на британското кралско семејство со децении се третирани како славни личности, чии скандали и настани редовно се на насловните страници.

Овој феномен особено беше интензивиран во времето на принезата Дијана, мајката на Вилијам и неговиот помал брат Хери. Таа загина во сообраќајна несреќа во 1997 година во Париз, една година по разводот од Чарлс.

Раѓањето на новиот принц, според аналитичарите, може значително да придонесе и за британската економија. Има проценки дека само од продажба на „кралски“ детски прибор ќе се заработат над 380 милиони долари.

Бебето би можело да го продолжи и таканаречениот „Кејт ефект“, односно се што ќе облече војвотката да се продава брзо.

Се наведува дека е можно неговото име да биде соопштено за неколку денови. Обложувалниците како фаворити веќе ги исфрлија имињата Џорџ и Џејмс.

Британскиот монарх е шеф на британската држава, но и на уште 15 земји на Комонвелтот, меѓу кои: Австралија, Канада, Јамајка и Нов Зеланд.

Најголемата промена во правилата за наследство на британскиот трон беше направена во април 2011 година со што првото дете на Кејт и Вилијам може да биде наследник и ако не е машко. Кралицата Елизабета Втора стана монарх само затоа што нејзиниот татко немаше синови.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG