Достапни линкови

Наводнување само за една третина од пелагониските ниви


Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски на жетва во Пелагонија на 21 јули 2012 година.
Архивска фотографија: Премиерот Никола Груевски на жетва во Пелагонија на 21 јули 2012 година.

Од 60.000 хектари обработлива површина во битолскиот дел на Пелагонија, организирано се наводнуваат само 20.000 хектари.

Само една третина од земјоделските површини во битолскиот дел на Пелагонија, еден од најплодните во земјава, се опфатени со систем за наводнување. Земјоделците чии ниви се во останатите две третини се снаоѓаат како знаат и умеат, па во услови на глобално затоплување трпат штети од намалување на родот. Од 60.000 хектари обработлива површина, организирано се наводнуваат само 20.000 хектари.
Потребата од проширување на системот преку Црна Река во делот на општините Новаци и Могила се чувствува од одамна. Ние сметаме дека е направена голема грешка што кога се правеше проектот за Стрежево, беше оставено овој дел да бара вода од изградбата на браната Бучим. Да се реши овој проблем. Разговаравме со премиерот во повеќе наврати и бараме субвенции за копање бунари од кои ќе се наводнуваат оние површини кои сега немаат вода.
Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци.

Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци, смета дека неминовна е потребата од проширување на хидро-системот „Стрежево“, а во меѓувреме се бараат алтернативни начини за нивите да се снабдат со вода.

„Потребата од проширување на системот преку Црна Река во делот на општините Новаци и Могила се чувствува од одамна. Ние сметаме дека е направена голема грешка што кога се правеше проектот за Стрежево, беше оставено овој дел да бара вода од изградбата на браната Бучим. Да се реши овој проблем. Разговаравме со премиерот во повеќе наврати и бараме субвенции за копање бунари од кои ќе се наводнуваат оние површини кои сега немаат вода“, вели Тантаров.

Од Јавното претпријатие „Стрежево“, од каде се снабдуваат нивите со вода ветија дека од идната година ќе го прошират системот низ Пелагониско Поле.

„Проектот за вода преку Црна Река е добар проект. Имаме соработка со градоначалникот на Новаци, па заедно го инициравме овој проект. Преку тој проект ќе се наводнуваат уште 3.000 хектари земјоделска површина. Се надеваме дека на тој начин ќе се зголеми и родот на површините кои ќе се покријат со системот“, изјави директорот на „Стрежево“, Љупчо Бошевски.

Низ Македонија со хидро-системите покриени се 145.000 хектари обработлива површина. Но, забележана е недоволна искористеност, некаде и поради руинираност на системите.

Заменик министерот за земјоделство, Зоран Коњановски, најави дека е изготвена петгодишна програма за санација, реновирање, доградба и изградба на системи за наводнување. Во следниот период, околу 80 милиони евра ќе бидат инвестирани во оваа дејност.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG