Достапни линкови

Евроинтеграциите во втор план на седницата на Советот за евроинтеграции


Седница на Националниот совет за евроинтеграции.
Седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Пратениците не дочекаа одговор на нивните прашања од вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими затоа што се посветија на расправа за стилското изразување и на политички дисквалификации.

Нетранспарентноста на институциите, селективното спроведување на правичната етничка застапеност при вработување во локалната самоуправа, селективното однесување на инспекциите и спроведувањето на закони како и проблемите околу избирачкиот список и гласачите од Пустец, беа дел од прашањата на пратениците и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои ги адресираа до вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.
Во оваа комисија ние разговараме на конкретна тема, а тоа е извештајот кој ни е даден и како тој да биде подобар. Испадна дека мојот евроскептицизам бил мила мајка за она што го слушам изминативе месеци. Па оваа институција е поголем евроскептик, отколку сите евроскептици во оваа држава.
Антони Пешев, претставник на Стопанската комора во Советот за евроинтеграции.

Но, пратениците не дочекаа одговор затоа што се посветија на расправа за стилското изразување и за политички дисквалификации. Политичката пресметка започна со пратениците Сафет Бишевац и Кенан Хасипи на кои им се придружија и дел од останатите членови на советот.

Од друга страна, пак, претставникот на Стопанската комора во Советот за евроинтеграции, Антони Пешев, ги искара пратениците укажувајќи им дека не сака да биде дел од таквата политичка пресметка.
Наместо да зборуваме за индивидуални мислења на пратеници за твитер пораки кои што биле оставени, овде да разговараме врз основа на извештај, врз основа на скоро 600 гласови од европарламентарците коишто кажаа дека Република Македонија треба да добие датум за преговори. Искрено ќе кажам уште еднаш, се срамам од вакви дискусии.
Силвана Бонева, ВМРО-ДПМНЕ.

„Во оваа комисија ние разговараме на конкретна тема, а тоа е извештајот кој ни е даден и како тој да биде подобар. Испадна дека мојот евроскептицизам бил мила мајка за она што го слушам изминативе месеци. Па оваа институција е поголем евроскептик, отколку сите евроскептици во оваа држава. Тонот кој се пропагира во оваа институција е далеку полош и понепродуктивен за нашата држава од она што треба да биде, искрено да ви кажам. Ми смета прозивката индивидуална на луѓето во овој комитет и навистина ќе не натерате и ние да си се повлечеме и ретко да доаѓаме“, рече Пешев.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева изјави дека се срами од тоа што главното тежиште на дебата во Советот е изместена.

„Наместо да зборуваме за индивидуални мислења на пратеници за твитер пораки кои што биле оставени, овде да разговараме врз основа на извештај, врз основа на скоро 600 гласови од европарламентарците коишто кажаа дека Република Македонија треба да добие датум за преговори. Искрено ќе кажам уште еднаш, се срамам од вакви дискусии“, рече Бонева.
Фактот дека денеска ниту еден од пратениците и учесници во дебатата досега не го спомена Европскиот совет оваа недела веќе доволно говори. Тоа покажува дека малкумина во Македонија имаат очекувања дека Македонија ќе ги почне преговорите и тоа никого не го радува.
Радмила Шеќеринска, СДСМ.

Претседателката на Советот, Радмила Шеќеринска од СДСМ, вели дека ова тело не е надпартиско па да не може да се дебатира за политички прашања, и дека ова е место каде што треба да се дискутира за клучните проблеми кои што ги засегаат граѓаните, а кои пратениците во своите излагања ги детектирале.

„Фактот дека денеска ниту еден од пратениците и учесници во дебатата досега не го спомена Европскиот совет оваа недела веќе доволно говори. Тоа покажува дека малкумина во Македонија имаат очекувања дека Македонија ќе ги почне преговорите и тоа никого не го радува“, рече Шеќеринска.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО–ДПМНЕ, пак, во дел од својот говор посвети внимание и на спорот за името.

„Во врска со проблемот со името кој што е клучен и ние често во Собранието дебатираме за него, не знам зашто сте ги пропуштиле тие дебати, и практично секоја десетта точка ние ја поврзуваме со тоа. Мислам дека имаше две релевантни изјави во минатите недели, едната е од грчкиот претседател Папуљас, а другата е соопштение од вашиот коалиционен партнер ВМРО-НП, каде што и двете се во ист правец, а тоа е ревизија или затварање односно финиширање на „македонизмот“ и ако тоа за вас и вашата коалиција е прифатливо и разумно со среќа, повелете со тие ставови, јас тоа го отфрлам“, рече Димовски.

Во меѓувреме, голем дел од членовите на советот ја напуштија седницата.

Ниту Самитот на ЕУ и можните очекувањата од него, ниту извештајот што го презентираше вицепремиерот Бесими за активностите од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија за првото тримесечје од оваа година не беа главната тема на седницата.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG