Достапни линкови

Дневен печат - Невработеност, името и Самитот на ЕУ


Невработеноста, посетата на високиот американски дипломат Филип Рикер на земјава, како и очекувањата од претстојниот Самит на ЕУ се главни теми во македонските весници.

Кому човек да верува? На меѓународните институции или на домашните медиуми: Светска банка објави дека 53 отсто млади во Македонија се невработени и дека невработеноста во државава се прекрши токму врз нив, објави Утрински. Вечер, пак, пишува дека „Македонија ја победува невработеноста“, која паднала на нешто над 29 отсто. Еуростат, од друга страна, извести дека Македонија е трета најсиромашна земја во Европа и дека нејзините граѓани се 65 отсто под стандардот на ЕУ, објави дневниот Капитал.
Светска банка објави дека 53 отсто млади во Македонија се невработени.
Утрински весник.

Ако пред извесно време како да постоеја вообичаените обиди од страна на некои провладини медиуми да се влее оптимизам пред јунскиот самит на ЕУ, деновиве, дописникот на државната МИА од Брисел, преку Дневник и некои електронски медиуми, најотворено соопшти: „Ниту заклучок, ниту датум за Македонија на претстојниот Самит на Унијата“ - и дека ирското претседателство објавило дека на Европскиот совет кон крајот на јуни ќе се разговара само за доделување датум за преговори на Србија.
Договорот меѓу Србија и Косово и наметнатиот проблем со името од страна на Грција се неспоредливи.
Дневник.

Посетата на поранешниот американски амбасадор во земјава, Филип Рикер на Македонија му овозможи на министерот за надворешни, Никола Попоски храбро да им возврати на САД: Утрински и Дневник ја цитираа изјавата на Рикер дека земјава треба да го следи примерот на Србија и на Косово, препорачувајќи отворен дијалог за последните предлози на Нимиц за името. Утрински и Дневник ја објавија изјавата на Поповски дека: „Договорот меѓу Србија и Косово и наметнатиот проблем со името од страна на Грција се неспоредливи“. Вечер ја заобиколува поентата од изјавата насловувајќи: ,,Реафирмирана поддршката од САД за членство на Македонија во ЕУ - Рикер дојде да нè куражи на десет дена пред Самитот на ЕУ“.

Нова Македонија поттикната да анализира, па оди со наслов: „На Македонија ѝ е најтешко во играта меѓу Србија и Косово - и затоа е често во ситуација да повлекува дипломатски потези што секогаш завршуваат со помал или поголем неуспех“.

„Заев со новата екипа ќе ја урива власта“ - насловува Утрински за кадровските промени во СДСМ, објавувајќи ја и изјавата на Груевски кој, како што пишува, „со сарказам“ го проследи соопштувањето на новиот тим на Заев дека тоа се „истите луѓе на Црвенковски“. Вечер во свој стил, со голема фотографија на Заев и на Шеќеринска, со една месечина зад нив, на насловната оди со наслов: „Овие загубија пред и да заиграат, дајте ги следните - Тхе месечари“.

„Слободата на медиумите под лупа на ОН“ и „Полна папка поплаки до гостинот Франк Ла Ру“ - насловува Утрински, информирајќи за престојот на специјалниот известувач за заштита на правото на слобода на мислење и изразување.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG