Достапни линкови

Бугарија пред натамошна нестабилност


Од протестите во Софија по изборите на 12.05.2013.
Од протестите во Софија по изборите на 12.05.2013.

Најсиромашната земја во Европската унија, Бугарија, се соочува со нова политичка и економска несигурност по вчерашните парламентарни избори до кои дојде три месеци по насилните протести и по оставката на владата. Конзервативната партија ГЕРБ на експремиерот Бојко Борисов доби над 30 насто од гласовите што не е доволно за сама да формира влада.

На второ место со над 27 насто од гласовите е Бугарската социјалистчка партија, по што следат партијата на турското малцинство „Право и слобода“ и ултранационалистичката „Атака“.
Голем е ризикот да добиеме парламент кој ќе биде во ќорсокак.
Огњан Минчев, аналитичар.

Ваквите резултати значат дека 53-годишниот Бојко Борисов ќе мора да формира коалициска влада, но се уште не јасно кои би можело да му бидат партнери. Атака вчера демантира дека ќе биде дел од власта.
Бојко Борисов
Бојко Борисов

Доколку Борисов не успее да формира влада, тогаш мандатот го преземаат социјалистите, но и тие немаат многу шанси за успех.

„Голем е ризикот да добиеме парламент кој ќе биде во ќорсокак“, вели аналитичарот Огњан Минчев.
Со ова гласање може само да се повтори претходниот парламент на олигарси и мафијаши кои ние еднаш ги истеравме.
демонстрант во Софија

Според експертите, земјата се соочува со повторување на протестите против сиромаштијата и корупцијата кои ја погодија земјата во текот на изминатата зима и кои го присилија премиерот Борисов да поднесе оставка.

Откако гласаше, претседателот Росен Плевенлиев изјави:

„Нема да дозволам некој друг да донесува одлуки наместо бугарскиот народ. Секакви сценарија за дестабилизација на земјата и за непризнавање на изборите немаат никаква шанса ако народот гласа.“

Веднаш по вчерашните избори неколку стотици луѓе се судрија со полицијата, извикувајќи „мафија“.

„Со ова гласање може само да се повтори претходниот парламент на олигарси и мафијаши кои ние еднаш ги истеравме“, изјави еден од демонстрантите.
Бојко Борисов и Сергеј Станишев
Бојко Борисов и Сергеј Станишев

Во текот на изминативе неколку месеци од кризата во Бугарија се самозапалија седум луѓе.

Законот ги штити политичарите, а тие ги штитат криминалците. Тие се поврзани додека ние и натаму сме најсиромашната земја во Европската унија.
Калин Бориславов, специјалист по информатичка технологија од Софија.
Шест години откако таа земја влезе во Европската унија, скоро една четвртина од над 7 милиони население живее под официјалната линија на сиромаштија.

Економијата лани порасна за 0,8 насто, странските инвестиции згаснаа, а невработеноста се проценува на 20 насто. Скоро 2 милиони Бугари ја напуштија земјата од падот на комунистичкиот режим во 1989 година.

Повеќето избирачи сметаат дека политичарите ги полнат своите џебови и немаат намера да се справат со корупцијата.

Постојат и сомневања дека партијата на поранешниот телохранител Борисов се обидела на разни начини да влијае врз изборните резултати.

„Со вакви нарушувања што ги видовме во изборниот ден и со ваков изборен хаос би можеле да кажеме дека изборите беа лажирани“, изјави лидерот на социјалистите Сергеј Станишев.

Во саботата истражните органи извршиле рација во една печатница чиј сопствениик бил близок соработник на Борисов каде што биле конфискувани 350 илјади гласачки ливчиња над официјалниот број на избирачи. Овие ливчиња биле доволно да решат 25 од 240 места во парламентот.

Има наводи дека постоеле доволно докази и за обвинување против Цветан Цветанов, поранешен минситер за внатрешни работи и шеф на изборниот штаб на Бојко Борисов дека наредил прислушување на опозицијата.

Затоа можеби и одѕивот на изборите беше околу 53 насто, најнизок во посткомунистичката историја на Бугарија.

„Законот ги штити политичарите, а тие ги штитат криминалците. Тие се поврзани додека ние и натаму сме најсиромашната земја во Европската унија“, вели за Ројтерс Калин Бориславов 28-годишен специјалист по информатичка технологија од Софија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG