Достапни линкови

Во Русија владее „система“


Политичкиот аналитичар Алена Леденева од Универзитетискиот колеџ во Лондон во нејзината книга „Како Русија навистина функционира“ се осврнува врз таканаречениот систем на неформално владење во таа земја. Во интервју за Радио Слободна Европа, таа објаснува дека станува збор за специфичен метод кој се храни со корупција и е пречка за модернизација на Русија.

„Система“ е третиот најупотребуван збор во Русија. Тоа е краток израз за систем на владеење со кој вообичаено се именуваат работите кои не би требало да се именуваат, вели Алена Леденева во интервју со нашиот дописник од Лондон Роберт Коалсон.
Алена Леденева
Алена Леденева

„Тоа е како јавна тајна на владеење. Станува збор за начин на вршење на работите или за притисок врз луѓето. Ние никогаш експлицитно не знаеме какви се тие односи, но сите разбираме за што зборуваме“, вели Леденева, додавајќи дека на една средба со претседателот Владимир Путин таа го запрашала што тој планира во борбата против корупцијата во земјата.
Ние можеме да проповедаме за моќта на институциите или за владеењето на законите колку што сакаме, но доколку луѓето не гледаат ефекти од таквите работи за нив, тие секогаш ќе се решат за нешто што функционира. А она што функционира во Русија е неформалното владеење.
Алена Леденева, политички аналитичар од Универзитетискиот колеџ во Лондон.

„Во деталниот одговор на неговото прашање тој кажа интересна работа. Тој рече: „Знаете, не е добро да ги казнувате луѓето индивидуално. Ви треба целосна промена на системот за да се справите со курупцијата.“

Според Леденева, станува збор за неформален метод на владеење кој се покажал, барем во денешната путинова Русија, за поефикасен од официјалните канали, бидејќи тие и онака не функционираат.

„Тоа е ситуација кога институциите не работат, а раководството треба да направи нешто. И што прават тогаш тие? Користат работи кои функционираат: неофицијални врски, неформални преговори, роднински односи. Но, тие неформални инструменти на владеење ви се удираат од глава, бидејќи со нив се нарушува работата на официјалните институции.“

Тогаш, како што вели Алена Леденева, имате поголем проблем, бидејќи таквиот систем се заснова врз сложени анонимни, непредвидливи и неразумни сили, кои меѓусебно се поврзуваат и си ја обезбедуваат нивната натамошна иднина.

„Ние можеме да проповедаме за моќта на институциите или за владеењето на законите колку што сакаме, но доколку луѓето не гледаат ефекти од таквите работи за нив, тие секогаш ќе се решат за нешто што функционира. А она што функционира во Русија е неформалното владеење.“

Затоа, како што додава Леденева, 62 насто од Русите гласаат за Путин, иако неговиот трет мандат претставува кршење на Уставот.

„Со ваков систем се зафатени и другите земји во регионот, со оглед на фактот што и тие некогаш беа дел од поранешниот Советски Сојуз. Сите тие си имаат нивни сопствени неформални системи на владеење“, вели политичкиот аналитичар Алена Леденева од Универзитетискиот колеџ во Лондон во интервјуто за Радио Слободна Европа.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG