Достапни линкови

Локалните избори ќе ги „решат“ неопределените


Сите анкети покажуваат голем процент неопределени гласачи. Аналитичарите велат дека кога се ближи денот на изборите, тие бројки се топат.

Невработеноста, економската криза, недовербата во институциите и во политичарите, недовербата во програмите со кои настапуваат политичките кандидати за градоначалници се само дел од неповолниот социјален амбиент којшто влијае негативно врз неопределените гласачи и доведува до апатичност и незаинтересираност на граѓаните да го дадат својот глас за некој политичар на избори.
Ќе го привлече или интересот или пак она што ние го зборуваме како т.н. македонски инает, „ај да одиме да видиме што ќе се случи, што ќе биде резултатот од сето ова, од гласањето“. Големата кампања којашто ја води ВМРО-ДПМНЕ, односно коалицијата којашто е околу ВМРО-ДПМНЕ е голема и скапа кампања, исто така може да го привлече вниманието.
Ѓорги Тоновски, универзитетски професор.

Како се ближат изборите, се редат и резултатите од анкетите, па во зависност од нарачателот се забележуваат разлики во расположението на јавноста. Но она што останува непроменето е високиот процент на испитаници кои не сакаат да коментираат или кои одговориле дека нема да гласаат. Според последните испитувања на јавното мислење, над 40 проценти од гласачите се неопределени, што е висок процент, кој покажува дека сè повеќе граѓани сметаат дека нивниот глас не може ништо да промени или дека ниту една партија или политичар не ја заслужува нивната поддршка.

Аналитичарите велат дека апатијата во изборна кампања укажува на заситеност кај гласачкото тело од политички пораки, но кога ќе дојде денот на изборите, особено кога станува збор за локални, тие бројки се топат.
Очекувам дека на овие локални избори одѕивот ќе биде поголем, ако се имаат предвид овие две ситуации. Една ситуација со политичка тензија и политичка ситуација со која граѓаните не се сложуваат и најверојатно ќе одговорат со нивниот глас против и за тие кои најверојатно ќе излезат поради нивните претставници.
Исмет Рамадани, аналитичар.

Професор Ѓорги Тоновски вели дека самата напната атмосфера, состојбите со опозицијата и предходно најавениот бојкот, може да го привлече вниманието на неопределените и да ги натера да излезат на гласање.

„Ќе го привлече или интересот или пак она што ние го зборуваме како т.н. македонски инает, „ај да одиме да видиме што ќе се случи, што ќе биде резултатот од сето ова, од гласањето“. Големата кампања којашто ја води ВМРО-ДПМНЕ, односно коалицијата којашто е околу ВМРО-ДПМНЕ е голема и скапа кампања, исто така може да го привлече вниманието.“

Тој додава дека и приказната околу Струга и Кичево може да биде дополнителен мотив на граѓаните за зголемување на излезноста на изборите.

Според податоците од Државната изборна комисија, во последниве десет години најголем процент на одѕив имаа парламентарните избори во 2002 година, веднаш по конфликтот, кога гласаа над 73 проценти од избирачите. Висок процент на одѕив имаше и на последните парламентарни избори во 2011 година, кога бројката стигна до 63 отсто, додека на изборите во 2006 , 2008 и 2009 година одѕивот беше околу 55 отсто.

Аналитичарот Исмет Рамадани вели дека очекува на овие избори поголем одзив на гласачите, затоа што иако е тензична атмосферата, сепак таа е провокативна за граѓаните.

„Очекувам дека на овие локални избори одѕивот ќе биде поголем, ако се имаат предвид овие две ситуации. Една ситуација со политичка тензија и политичка ситуација со која граѓаните не се сложуваат и најверојатно ќе одговорат со нивниот глас против и за тие кои најверојатно ќе излезат поради нивните претставници.“

Според анализите на резултатите од досегашните избори во Македонија, гласачите може да се поделат во три категории. Во првата категорија спаѓаат определените гласачи, кои секогаш гласаат за иста партија. Според проценките на агенциите за истражување на јавни мислење, такви се 50 проценти од целото гласачко тело во двата политички блока, македонскиот и албанскиот. Втората категорија се гласачи кои покажуваат симпатии за лево или десно ориентирани партии, но во минатото се случило да гласаат и за спротивната страна поради слабата понуда на преферираната опција. И третата група се неопределените гласачи, кои немаат емотивна поврзаност со партиите и гласаат речиси секогаш во зависност од политичката понуда - оваа група претставува 25 до 30 проценти од целото гласачко тело.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG