Достапни линкови

Чудни коалиции и чудни противници


Уште кога Управниот суд ги дозволи заедничките листи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Струга и Кичево, Бедредин Ибраими, член на ДИК предложен од ДПА, оцени дека тоа е атентат врз локалните избори.

Доминантна тема во втората третина од предизборната кампања без сомнение е заедничкиот настап на коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Кичево и Струга. Уште од моментот кога Управниот суд ги дозволи заедничките листи, Бедредин Ибраими, член на Државната изборна комисија предложен од ДПА, оцени дека ваквата пресуда е атентат врз локалните избори, и демонстративно ја напушти седницата на ДИК. На еден од партиските митинзи оваа недела реагираше и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Ме прашуваат за случувањата во Кичево - ве повикувам самите да пресудите... за моментот кога се соединуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, мачката и глушецот. Тие не го погодија моментот за соединување и покажаа паника. Бидејќи Албанците, историски отсекогаш биле мнозинство во Кичево, а по Втората светска војна не се почитува волјата на тој народ.
Али Ахмети, претседател на ДУИ.

„Ме прашуваат за случувањата во Кичево - ве повикувам самите да пресудите... за моментот кога се соединуваат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, мачката и глушецот. Тие не го погодија моментот за соединување и покажаа паника. Бидејќи Албанците, историски отсекогаш биле мнозинство во Кичево, а по Втората светска војна не се почитува волјата на тој народ“, рече Али Ахмети, претседател на ДУИ.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на предизборен митинг во Струга.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на предизборен митинг во Струга.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митинзите во Струга и во Кичево објасни зошто го направиле овој потег и ги повика граѓаните да гласаат за нив.

„Не не заради нас, туку заради вас и за заради Струга, заради вашите деца.“
Не не заради нас, туку заради вас и за заради Струга, заради вашите деца.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Освен Кичево и Струга, уште во неколку градови предизборните случувања се нешто поинтересни и отскокнуваат од здодевниот просек, а најостри тонови оваа недела слушнавме од кандидатите за градоначалник на Карпош, каде што ситуацијата е специфична затоа што актуелниот општински татко има противкандидати од двете најголеми коалиции.

„Резервниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Стевчо Јакимовски, ги користи државните ресурси, ја товари администрацијата во автобуси и како циркус ја шета по општина Карпош“, изјави Андреј Петров.

„Жал ми е што Андреј Петров има многу слаба поддршка во општина Карпош и мора дури и сопствената фамилија да ја вклучи да оди од врата на врата и тој лично за да се моли за гласови на граѓаните од општина Карпош“, рече Стевчо Јакимовски.

Инаку, деновиве во сите изборни единици беше потпишан и кодекс за фер избори, што секако не придонесе за помирно одвивање на кампањата. Продолжија навредите, ниското ниво на однесување и обраќање на политичарите. Исто така, се обвинуваа противниците дека немаат своја програма, па крадат од нивната, како да станува збор за некаков ексклузивен производ со авторски права.

На крајот и за уште една епизода од серијата „кој прв почна“. Имено, СДСМ вчера поднесе 210 претставки до Државната изборна комисија за поведување прекршочна постапка против ВМРО-ДПМНЕ поради предвремено започнување на предизборната кампања и прекршување на член 69-а од Изборниот закон. Да не остане покусо, и ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе претставки до ДИК и ќе побара да биде поведена прекршочна постапка за предвремено започнување на предизборна кампања против СДСМ и коалицијата Сојуз за иднината.
  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG