Достапни линкови

Инаетењето на опозицијата во прилог на власта


Архивска фотографија: Средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на 22 јануари 2013 година.
Архивска фотографија: Средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на 22 јануари 2013 година.

Без разлика кој е виновен за политичката криза во Македонија, факт е дека инаетот на СДСМ му оди во прилог на премиерот Никола Груевски, сметаат некои аналитичари. Според нив, власта, како најодговорна за состојбите во државата, влегува од криза во криза веќе седум години и дека се ближи крајот кога ќе мора да се плати сметката.

Според домашната експертска јавност, инаетливото однесување на СДСМ ѝ оди во прилог на политиката на власта, зaшто, како што посочуваат аналитичарите, во Македонија е најлесно да се обвинува противникот за секој поголем политички неуспех.
Оваа ситуација секако му оди во прилог на Груевски. Нормално е, оваа криза или која било друга криза која тој директно или индиректно ја создава му оди во прилог за секогаш да покажува со прст кон другите и да ги обвинува дека тоа е нивна грешка и нивна вина, а тој е чист како солза.
Соња Стојадиновиќ, политиколог.

Ако пак се земе предвид нашето „тапкање во место“ во однос на евро-интеграциите кои никогаш не му биле приоритет на премиерот Никола Груевски, а кои сега поради него, но и поради однесувањето на опозицијата ќе стагнираат, тогаш е сигурно дека политичката криза ѝ одговара на власта, вели политикологот Соња Стојадиновиќ.

„Оваа ситуација секако му оди во прилог на Груевски. Нормално е, оваа криза или која било друга криза која тој директно или индиректно ја создава му оди во прилог за секогаш да покажува со прст кон другите и да ги обвинува дека тоа е нивна грешка и нивна вина, а тој е чист како солза.“
Не може ние секој ден да очекуваме дека Американците или Европјаните ќе ни се јават на телефон и ќе ни кажат што треба да направиме. Ние треба да ги знаеме нашите домашни работи.
Арсим Синани, универзитетски професор.

И според универзитетскиот професор Арсим Синани, долгогодишното владеење на Груевски поминува во знак на политички турбуленции и создавање на кризи врз кои, како што вели, власта почнува да губи контрола.

„На внатрешен план ја имаме криза со Албанците и нерешавањето и нефункционирањето како што треба Охридскиот рамковен договор. Втората криза е меѓу власта и опозицијата и трета криза со која се соочува Македонија е надворешната криза со Грците. Мислам дека веќе на Груевски ситуацијата му излегува од контрола и ова што се случува со локалните избори мислам дека многу брзо ќе го однесе во опозиција.“

Синани и Стојадиновиќ велат дека е тешко да се прогнозира расплетот, иако очекуваат на крај и двете страни да попуштат под притисок на меѓународната заедница. Најголем проблем е тоа што политичките лидери дозволуваат некој друг да ни ги решава внатрешните проблеми.

„Во поглед на парламентарната криза мислам дека ќе си ги направат сметките и двете партии, а потоа ќе седнат на маса да се договорат. Мислам дека во овој случај најмногу ќе загуби опозицијата, бидејќи ваква криза која се создаде, во овој правец во кој оди државата, никако не може да се реши со инает“, изјави Стојадиновиќ.

„Не може ние секој ден да очекуваме дека Американците или Европјаните ќе ни се јават на телефон и ќе ни кажат што треба да направиме. Ние треба да ги знаеме нашите домашни работи“, вели Синани.

Според нашите соговорници, земјава има само една перспектива, а тоа е влезот во евроатлантските структури. Тие посочуваат дека граѓаните не ги интересираат внатрешно-партиските нервози и игри, туку решенија кои ќе ги стават во прв план нивните интереси и перспективи.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG