Достапни линкови

Обама - Ни треба силна средна класа


Американскиот претседател Барак Обама во редовниот годишен говор за состојбата на нацијата пред членовите на двата дома на Конгресот главно се осврна врз домашни прашања, од начините за подобрување на економијата, до мерките за спречување на оружените напади. Тој исто така најави завршување на војната во Авганистан, како и решеност за натамошно намалување на нуклеарното оружје во светот.

Претседателот Барак Обама во традиционалнот годишен говор за состојбата на нацијата прогласи дека американската војна во Авганистан ќе биде завршена до крајот на идната година.

Тој најави дека оваа пролет американските сили ќе ја преземат улогата на поддржувачи, додека авганистанските безбедносни сили ќе го преземат раководењето.

„Вечерва можам да објавам дека во текот на идната година 34 илјади американски војници ќе се вратат дома, а повлекувањето ќе продолжи со што нашата војна во Авганистан ќе заврши.“

Обама вети дека Соединетите Држави ќе останат ангажирани во Авганистан и потоа, но не даде детали.
Во текот на идната година 34 илјади американски војници ќе се вратат дома, а повлекувањето ќе продолжи со што нашата војна во Авганистан ќе заврши.
Барак Обама, претседател на САД

Тој исто така оцени дека Ал Каеда, по повеќегодишните операции против оваа милитантна група во Авганистан, но и во други делови на светот, сега е, како што рече, „само сенка од она што била“.

Во говорот, Обама ги повика иранските лидери да изнајдат дипломатско решение за нуклеарната криза, додавајќи дека меѓународната заедница е детерминирана да го спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје.

За Обама, вчерашната трета севернокорејска нуклеарна проба претставува уште еден акт на провокација.

„Америка ќе продолжи да ги води напорите за спречување на ширењето на најопасното оружје во светот. Севернокорејскиот режим мора да знае дека може да постигне стабилност и развој само доколку ги исполнува меѓународните обврски.“
Профитите на корпорациите достигнаа рекордни висини, но над една деценија платите и приходите едвај пораснаа. Наша генерациска задача е да го придвижиме вистинскиот мотор на американскиот економски раст: зголемена и просперитетна средна класа.
Барак Обама, претседател на САД.

Обама вети дека ќе работи на натамошно кратење на американките и руските нуклеарни арсенали, како и помош на земјите како Јемен, Либија и Сомалија против заканите од исламскиот екстремизам.

Како и да е, во говорот на Обама доминираа домашни теми. Тој побара од Конгресот, кој е поделен меѓу Сенатот контролиран од неговите демократи и Претставничкиот дом кој е под контрола на републиканците, да соработуваат за намалување на дефицитот и за избегнување на кратењето на трошоците, односно на фискалната бездна од први идниот месец.
сенаторот Марко Рубио
сенаторот Марко Рубио

Обама, кој инсистира на зголемување на даноците за најбогатите Американци, оцени дека најважно за иднината на американската економија е зацврстување на средната класа.

Се надевам дека претседателот ќе се откаже од неговата опседнатост за покачување на даноците и да работи со нас за да постигнеме вистински пораст на нашата економија.
Марко Рубио, сенатор од Републиканската партија.
„Нашата економија отвора нови работни места, но се уште малку луѓе можат да најдат работа со полно работно време. Профитите на корпорациите достигнаа рекордни висини, но над една деценија платите и приходите едвај пораснаа. Наша генерациска задача е да го придвижиме вистинскиот мотор на американскиот економски раст: зголемена и просперитетна средна класа.“

Обама повтори дека е против републиканските инцијативи за намалување на социјалните трошоци и побара нови инвестиции во инфраструктурата и алтернативната енергија.

Веднаш по говорот, сенаторот од Флорида, републиканецот Марко Рубио ги отфрли повеќето предлози на Обама.

„Се надевам дека претседателот ќе се откаже од неговата опседнатост за покачување на даноците и да работи со нас за да постигнеме вистински пораст на нашата економија“, изјави Рубио.

Традиционалниот говор на американскиот претседател за состојбата на нацијата е предвиден со Уставот. Во почетокот, претседателите само испраќаа писмен извештај до конгресмените и воопшто не се појавуваа на Капитол хил.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG