Достапни линкови

Кој ќе ќари од блокадата на буџетот?


Комисијата за финансирање и буџет во расправа за амандманите на СДСМ. Пратеничката на СПМ Владанка Авировиќ се обиде да го прекине говорот на пратеникот Јани Макрадули од СДСМ.
Комисијата за финансирање и буџет во расправа за амандманите на СДСМ. Пратеничката на СПМ Владанка Авировиќ се обиде да го прекине говорот на пратеникот Јани Макрадули од СДСМ.

Политички поени од жестоката расправа за буџетот се обидуваат да ќарат и власта и опозицијата. Сепак, велат експертите, сите инструменти се во рацете на власта, па на подолг рок и губитокот на нејзина страна ќе биде далеку поголем.

Колку повеќе ја одолговлекуваат расправата околу буџетот, толку повеќе остваруваат добивка на своето конто - и власта и опозицијата, коментираат експертите, откако комуникацијата во парламентот успеа да го одвлече вниманието од застрашувачки закочените процеси, како на полето на евроинтеграциите, така и во сферата на економијата.
Крајниот резултат е погубен за Република Македонија од повеќе аспекти. Тоа говори за капацитетот на самите институции, но и пошироко за една политичка култура која што во Македонија се вгнезди или како би рекол стана практика еден подолг временски период.
Илија Ацески, универзитетски професор.

„Крајниот резултат е погубен за Република Македонија од повеќе аспекти. Тоа говори за капацитетот на самите институции, но и пошироко за една политичка култура која што во Македонија се вгнезди или како би рекол стана практика еден подолг временски период“, вели професор Илија Ацески.

Опозицијата, оваа ситуација ја искористи за да ги потенцира и останатите проблеми во државата, но клучно за неа е што го побара своето место на политичката сцена, иако на ваков начин, додава Ацески.

„Бидејќи нејзиното потиснување некако во сенка или нејзиното губење во овие политички процеси, сега и за нив дојде како една добивка во смисла да покажат и да докажат дека тие се опозиција.“

За власта придобивките се многубројни , но краткотрајни, велат експертите.

„Бидејќи се совпаднаа со недобивање датум за почеток на преговори и со другите извештаи кои беа присутни“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.

Сите инструменти сепак се во рацете на власта, велат експертите, па според тоа и губитокот на нејзина страна ќе биде далеку поголем.

„Да речеме да ги покрие неуспесите и да ги префрли многу лесно и едноставно на самата опозиција, но тоа трае многу кратко време“, вели Ацески.

Од друга страна, политичката игра сега ѝ налага на власта да остане на своите позиции затоа што секое повлекување на оваа точка од расправата би покажало дека нејзината проекција на буџетот била напумпана и пред народот би покажала дека нешто не е во ред со трошењето на народните пари, заклучуваат експертите.
XS
SM
MD
LG