Достапни линкови

Залуден обид за договор за буџетот?


Претседателот на Собранието, Вељановски предложил разумна рамка од два дена за да се заврши расправата во двете комисии. Опозицијата го одбила оваа барање.

И денeшниот ден во македонското Собрание минува во неизвесна и тензична атмосфера. Кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски се одвива координативна средба на која се разгледува динамиката и деблокирањето на буџетот за 2013-та година.
Бараме да преовлада разумот кај владата и нема да дозволиме да се донесе ненароден буџет и понатаму ќе опстоиме на она што го замисливме и ќе се бориме до крај да биде прифатен секој наш амандман.
Игор Ивановски, СДСМ.


Според извори од ВМРО-ДПМНЕ она што Вељановски го предложил на опозицијата е разумна рамка од два дена за да се заврши расправата во двете комисии со цел до 24 декември кога е планирана собраниската расправа, владата да може да се произнесе за дополнителниот предлог доставен од страна на опозицијата, односно да одлучи дали нивниот предог ќе биде вметнат во предлог буџетот.

Опозицијата го одбила оваа барање. Игор Ивановски од СДСМ изјави дека она што ВМРО-ДПМНЕ и Трајко Вељаноски го нарекуваат предлог не води кон никаков напредок и токму затоа тоа не го прифатиле.
Буџетот не може да помине без да се донесат нашите 400 амандмани. Ние бараме 85 милиони евра за проекти и инвестиции за југо-западниот регион.
Изет Зекири, НДП.


До овој момент владата не се произнесе за нашиот предлог, а тоа е предлогот за буџетските заштеди, односно намалување на буџетот за 204 милиони евра наменети за непродуктивни трошоци, рече Ивановски.

„Бараме да преовлада разумот кај владата и нема да дозволиме да се донесе ненароден буџет и понатаму ќе опстоиме на она што го замисливме и ќе се бориме до крај да биде прифатен секој наш амандман“, рече Ивановски.

За ДПА кои не присуствуваа на координацијата кај Вељаноски ова е политичка маскарада. Тие сметаа дека оваа расправа е за дефокусирање од основниот проблем, а тоа според нив е дискриминирањето на Албанците при распределбата на Буџетот.

Нова светлина на расправата внесува и ставот на Националната демократска преродба. Од оваа партија велат дека ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ залудно се обидуваат да се договорат.

„Буџетот не може да помине без да се донесат нашите 400 амандмани. Ние бараме 85 милиони евра за проекти и инвестиции за северо-западниот регион, изјави Изет Зекири од НДП.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG