Достапни линкови

Неделен печат - Шлаканица во Брисел и штрајк на лекарите


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Република и Фокус ја анализираат „шлаканицата“ што ја доби Македонија на Самитот на ЕУ во Брисел, а Граѓански и Глобус пишуваат за штрајкот на лекарите.

Република - Брисел е мал за Атина и за Софија - Балканските зачини главни на европската маса
Атина и Софија пак го урнисаа европскиот систем на вредности и на правила - пораката е јасна и дефинитивна. Тоа што го научивме од последните настани во Брисел е дека темелните вредности на Унијата полека стануваат заложници на политичките интриги на дел од членките што ретко можат да се пофалат со почитување стандарди и искрени намери.
Република.

Тема на неделата во најновата Република е што, ако не најновата „шлаканица“ од Брисел на Македонија, и тоа од двата соседи. Дури два текста се посветени на тоа дека „Брисел е мал за Атина и за Софија - Балканските зачини - главни на европската маса“, како што е насловена првата анализа и „Време е за акција“ - како што порачува во вториот текст по истиот повод: „Атина и Софија пак го урнисаа европскиот систем на вредности и на правила - пораката е јасна и дефинитивна. Тоа што го научивме од последните настани во Брисел е дека темелните вредности на Унијата полека стануваат заложници на политичките интриги на дел од членките што ретко можат да се пофалат со почитување стандарди и искрени намери“ - пишува Република.

Фокус - Зар и ти, бај Гањо?
Се сеќава ли Тодоров на пациентката која пред парламентарните избори беше условена да обезбеди 15 гласови за неговата партија во замена за ’ин витро‘? Тогаш немаше штрајк. Зошто оваа пациентка не беше услужена? Каде беше тогаш инспекцијата?
Граѓански.

За разлика од овој неделник, Фокус покажува и самокритичност, па уводникот насловен „Зар и ти, бај Гањо?“ го завршува со порака дека сепак соседите треба да се слушаат внимателно и трпеливо меѓу себе. Ако ги слушаме внимателно, тогаш ќе имаме и ние можност да кажеме што мислиме за истите теми. И, нормално, не мора да се согласиме, а сепак, тоа да не биде бегство од повторно седнување на иста маса. Но за да се случи такво нешто неопходен е пред сè внатрешен дијалог, меѓу нас самите, во земјава. За жал, тоа ни е основниот проблем: нема толеранција за слушање на спротивното мислење што доаѓа од истиот град, а камоли од некоја друга држава, па уште ако името ѝ е Бугарија!, пишува Фокус.

Веројатно поради тоа што новите изданија на Глобус и на Граѓански се појавуваат пред денот за веста од Брисел, овие два неделника се занимаваат со друга актуелна тема последниве месеци, штрајкот на лекарите.

Граѓански - Доктор Хаос

За „Доктор Хаос“, пишува Граѓански, забележувајќи дека премиерот, заборавајќи се во својот манир секогаш да е прав, станал заложник на несериозниот министер со што ризикува сериозно деструктуирање на здравствениот систем и прашува: „Се сеќава ли Тодоров на пациентката која пред парламентарните избори беше условена да обезбеди 15 гласови за неговата партија во замена за ’ин витро‘? Тогаш немаше штрајк. Зошто оваа пациентка не беше услужена? Каде беше тогаш инспекцијата?“ - поентира Граѓански.

Глобус - Фрустрираноста од ДУИ, Груевски ќе ја компензира со силен притисок врз лекарите

„Фрустрираноста од ДУИ, Груевски ќе ја компензира со силен притисок врз лекарите“ - тврди Глобус, за да објасни дека без можност да влијае на позициите на својот коалиционен партнер, кој му фрла ифтирии во дворот, и поради другите неизвесности на политички и економски план, кои му ги лулаат сите негови темели, Груевски го поправа рејтингот на свој познат начин - си порачува анкета во која е ’најголем‘ и си станува дрзок кон ’спаринг-партнерот‘, кого го одбира од списокот на жртви на малициозната држава, пишува Глобус.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG