Достапни линкови

Јанкулоска - Безбедносната состојба е непроменета


Интервју со Гордана Јанкулоска
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00

Интервју со Гордана Јанкулоска

Сметам дека е крајно непотребно и крајно неиздржано некои политичари да се обидуваат да го градат сопствениот рејтинг или рејтингот на нивната партија преку импровизации и шпекулации по однос на безбедноста на Република Македонија или дотолку повеќе преку обиди да се нарушат меѓуетничките односи, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министерке Јанкулоска, дали безбедноста на граѓаните е доведена во опасност по зачестените инциденти и тепачки што се случуваат во последниот период меѓу младите во главниот град?

Мене ми е јасно дека во јавноста постојат обиди, пред сè од политичари од опозицијата, во недостаток на аргументи, во недостаток на конкретна понуда на граѓаните, по секоја цена да настојуваат да прикажат една лоша слика за Република Македонија, и пред домашната, но и пред меѓународната јавност, меѓутоа некако веќе стана правило на кое се навикнавме истите тие политичари постојано да зборуваат за некакви сценарија инволвирајќи ги и соседните држави и за некои безбедносни кризи, и притоа да користат еден мал број на медиуми преку кои ги пласираат своите тези верувајќи дека нема да биде побарано мислење од другата страна, односно нема да бидат цитирани бројките, меѓутоа бројките покажуваат нешто што е сосема поинакво и ако јас се обидам да ви дадам еден краток и прецизен одговор на ова прашање, тогаш несомнено безбедносната состојба во Република Македонија веќе подолг период е непроменета. Ние се разбира дека ги следиме сите случувања и во земјата и во регионот и креираме одредена политика по однос на тие случувања, бидејќи не се исклучува фактот во одреден момент да се појави потреба од реакција на полицијата и ние во многу наврати сме покажале дека како институција имаме целосен капацитет соодветно да одговориме тогаш кога е потребно, меѓутоа сметам дека е крајно непотребно и крајно неиздржано некои политичари да се обидуваат да го градат сопствениот рејтинг или рејтингот на нивната партија преку импровизации и шпекулации по однос на безбедноста на Република Македонија или дотолку повеќе преку обиди да се нарушат меѓуетничките односи, односно лажно да се презентира една фактичка слика, која, како што може да видите, бројките ја илустрираат на сосема поинаков начин од она што го тврди опозицијата.

Добро, статистиката, како што велите, покажува позитивен тренд, во смисла дека се намалуваат таквите инциденти и таквите случувања, но сепак постојат и не се за занемарување. Претпоставувам дека на секој родител не му е сеедно...

Ние во ниту еден момент не тврдиме дека во општеството нема проблеми. Илузорно е да се тврди такво нешто бидејќи сите ние и како граѓани пред сè сме сведоци на проблеми од различен тип што се појавуваат во општеството, меѓутоа, она што е релевантно е дека има тренд на намалување, односно трендот е негативен, што значи дека состојбите се подобруваат.

Да се вратиме уште малку на прашањето околу безбедноста и одговорноста на политичарите во однос на сликата којашто се креира. Министерке, дали недоразбирањата коишто постоеја и сè уште постојат во владината коалиција, меѓу коалиционите партнери, мислите дека се одразуваат на ваквото однесување на младите и подгревањето на меѓуетничките тензии?

Ние во повеќе наврати покажавме дека имаме јасен став по однос на сите инциденти и сите насилства без оглед каде ќе се случат и кој е инволвиран во ваквите инциденти. За такво нешто не може и не смее да има толеранција, нити од страна на политичарите, нити од страна на институциите. Впрочем, најдобар пример за тоа се сите наши јавни ставови и изјави, но и нашето однесување во однос на конкретни случаи. Мислам дека е добар пример практиката за дискусија за проблемите во општеството на највисоко ниво. Впрочем, неодамна имаше и една средба меѓу претседателите на двете најголеми партии од владејачката коалиција кои се однесуваа токму на испраќање на јасни и недвосмислени пораки за важноста на соживотот во Република Македонија, за важноста на добрите меѓуетнички односи и за важноста на промоција на толеранцијата.

Министерке, и покрај бурните реакции во врска со Законот за полиција, тој е веќе донесен и стапи во сила. Како прв човек во Министерството, зарем не сметате дека се кршат човековите права и слободи ако со овој закон, или со одредена одредба во него, му се дава овластување на еден човек, во конкретниот случај на директорот на Бирото за јавна безбедност, тој да дава наредби и да одлучува за засилено и прикриено набљудување?

По однос на конкретниот закон имаше многу обиди од страна на лица кои себе си се нарекуваат експерти, а всушност се работи за луѓе со неуспешни кариери кои во најголем број беа и сè уште се активни и експонирани членови и функционери од опозицијата, да го наметнат своето мислење како мислење на јавноста, но фактите говорат дека јавноста има сосема спротивно мислење. Јас би сакала оваа прилика уште еднаш да ја искористам и да потенцирам дека не само што не се нарушени човековите права и слободи, односно не се остава таков простор со овој закон, туку напротив, законот нуди низа алатки со кои на граѓаните им се заштитени човековите слободи и права. Инаку бидејќи споменавте една конкретна одредба, за која од страна на опозицијата имаше обиди да се презентира како нешто што е неприфатливо, односно нешто што не може да ја издржи стручната критика, јас би сакала да потенцирам дека токму по однос на таа конкретна одредба, не само што добивме позитивно мислење од практичарите, значи обвинителите, судиите и од луѓето кои директно работат на оваа проблематика, туку би рекла дека таа е одредба која го има поминато и филтерот на ЕУ, со оглед на тоа што е на некој начин пресликана од хрватското искуство, а Хрватска веќе станува членка на ЕУ и јас не верувам дека ЕУ би прифатила една нивна членка да има закон кој ги крши слободите и правата.

Да појасниме само со пример. Дали оваа одредба дозволува, да речеме, полицијата да ми влезе дома без судски налог, само затоа што некој се сомнева дека нешто кријам или работам нешто сомнително?

Одредбата која вие ја цитиравте јас ќе се обидам да ја илустрирам на начин кој смета дека ќе биде доволно разбирлив за граѓаните, бидејќи сепак зборуваме за човековите слободи и права. Во случај кога, еве да се вратиме на почетното прашање од ова интервју, имаме зголемен број инциденти во автобусите, на спортските натпревари, имаме оперативни сознанија за недозволена трговија со луѓе во некои од баровите некаде на територијата на Република Македонија или имаме какви било индиции за можно проблематично однесување на одредени лица, тогаш се разбира дека полицијата треба, мора и може да пристапи кон засилена примена на оперативно собирање информации по однос на сторителите на тие кривични дела, по однос на луѓето кои провоцираат или креираат инциденти и се разбира дека сето тоа се прави во непосредна координација со јавниот обвинител и во постапка утврдена со закон. Значи не постои ни најмал простор за граѓаните да се сомневаат или да стравуваат за нивните слободи и права, меѓутоа онака како што е во земјите членки на ЕУ, како во земјите што сега стануваат членки на ЕУ, полицијата има одредени чисто полициски овластувања, односно има право да примени одреден метод на работа за побрзо и полесно откривање на кривичните дела и јас сметам дека ние треба да ја следиме таа добра практика.

Ајде малку и околу трендот за партиски вработувања во МВР. Дали трендот на вработувања на лица коишто имаат криминално досие којшто почна некаде по 2001 година продолжува и денес и како вие се справувате со тоа?

Добро е што тој тренд престана во моментот кога СДСМ си замина од власт и ние тогаш покажавме силна волја да запре овој тренд. Тоа го направивме не само преку изјави и декларативни заложби, туку преку конкретни чекори. Направивме низа измени и во Законот на полиција, во смисла на процесот на регрутација на полициските службеници и критериумите што еден иден полициски службеник треба да ги исполни, но и во смислам на градење на системот на кариера.

Ако овој тренд, како што велите, запрел, морам да ве потсетам на некои акции коишто се спроведуваа. Да речеме пред една недела се случи да биде уапсен командир на Езерската полиција во Охрид поради тоа што работел заедно со рибокрадците или да потсетам на акцијата Детонатор во којашто 12 началници беа сменети.

Тоа е само потврда на она што јас го говорам. Тоа значи дека без оглед на тоа дали некој е висок полициски службеник, па ако сакате и раководен полициски службеник, ние неселективно постапуваме. Во овие конкретни случаи сме откриле или сторен криминал, значи сме ги осомничиле лицата или за сторени кривични дела или сме се посомневале во нивниот капацитет да ја извршуваат нивната работа. Ако сакаме да имаме успех, ние мора да имаме еднаков критериум за сите, без разлика дали се работи за луѓе вработени во МВР или за граѓаните. Ако ние замижиме пред криминалот во сопствените редови, тогаш како да очекуваме дека граѓаните ќе ни веруваат.

Министерке, неспорно е дека вашиот мандат го одбележуваат многу акции во борбата против организираниот криминал, но колку сте задоволни од процесуирањето на предметите до Јавното обвинителство и до судовите?

Се разбира дека по однос на одредени случаи можеби нашите очекувања се побрзо да оди постапката кога таа ќе помине во рацете на некој друг од МВР, меѓутоа јас немам право да влијаам на динамиката на работењето, ниту на судовите, ниту на обвинителството. Она што можам да го кажам е дека Обвинителството во сите активности во кои заедно сме биле инволвирани, макотрпно и посветено работи во насока или во функција на докажување на кривичните дела за кои ние имаме сомневања и ние високо ја цениме работата на обвинителството. Судската власт е независна, таму условно речено важат други правила на оценка на доказите, правила на судиско убедување, но она што мене ме радува е што еден огромен процент од кривичните пријави што ние сме ги поднеле до Обвинителството, а потоа обвинителството ги застапувало пред судовите, завршиле со осудителни пресуди, значи се потврдило дека полицијата добро ја сработила својата работа.

Во овој контекст морам да ве потсетам на акцијата Бумеранг. Тоа беше акција во којашто беа уапсени полицајци од гранични премини коишто примале мито, меѓутоа повисоките судови ја укинаа казната, односно ги вратија тие луѓе на работните места. Немавте доволно докази, што се случи?

Повисокиот суд може и смее да одлучи онака како што ќе процени. Враќањето на предметот на повторно одлучување не значи немање на докази или неуспешност на обвинителот да го докаже кривичното дело. Може да значи и само одреден пропуст во постапката поради кој првостепениот суд треба повторно да одлучува. Се разбира дека од позицијата министер за внатрешни работи јас не би сакала судот да се почувствува дека работи под некаков притисок, бидејќи тоа се најлошите можни услови за работење на еден суд, меѓутоа верувам дека во повторената постапка, обвинителот, врз основа на доказите кои се обезбедени, ќе успее да го докаже обвинението.

Како напредува истрагата за Монструм? По неодамнешното апсење на Шукри Алија, дали имате некакви сознанија за другите обвинети коишто се во бегство?

Со оглед на тоа што се работи за случај што е високо сензитивен и за кој судот побара да не се изнесуваат дополнителни информации во јавноста, а за кој судењето почнува за само неколку дена, јас во оваа прилика верувам дека кај вас и кај граѓаните ќе наидам на разбирање за мојата воздржаност по однос на коментирање на конкретни чекори и активности што се преземаат или што може да бидат преземени во иднина, бидејќи сепак, најважно за сите нас е овој случај да добие судска завршница.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG