Достапни линкови

Партиска книшка железни порти отвора


Илустрација.
Илустрација.

За добивање „државна“ работа требаат дебели врски. Оние што немаат роднини и пријатели на високи позиции, врски може да најдат само во партија.

Кумановка измамила своја сограѓанка дека за одредена сума пари ќе и го вработи синот во МВР. Измамничката „наплатила за услугата“ 750 евра. По објавувањето на конкурсот за вработување полицајци, 35-годишната „посредничка“ побарала уште 900 евра. Откако измамената кумановка сфатила дека останала и без пари и без вработување за синот, одлучила да го пријави случајот во полиција.
Една партија ќе дојде на власт, ќе си вработи свои, доаѓа друга партија, тие ги отпуштаат, вработуваат свои, барем тоа го гледаме сите, толку е јасно, како бел ден.
Анкетиран граѓанин.

Илустрација.
Илустрација.
Со оваа куса информација од полицискиот билтен го илустрираме ставот на граѓаните за тоа како се стигнува до вработување во државна служба.

Врски или пари, а најчесто и едното и другото. Оние што немаат роднини и пријатели на високи позиции, врски може да најдат само во партија. Не во која било, ами во владејачка партија. Сонуваат дека долгогодишното лепење плакати, агитирање, делење пропаганден материјал ќе им се врати во форма на вработување во државна служба. На некои им се посреќува. Па откако ќе се вработат, ќе треба да и се оддолжуваат на партијата со повторно лепење плакати, обезбедување по најмалку 15 сигурни гласачи на изборите, организирање „спонтани“ контра-протести, формирање невладини организации за поддршка на владини политики, со закупување билборди...
Новиот скандал со партиските вработувања во Скопје е уште еден од низата примери зошто ВМРО-ДПМНЕ упорно не сака да ги прифати забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и Европската комисија и да ги вметне во изборното законодавство. Со прифаќање на овие препораки, на власта ќе и се скратеа можностите за вакви предизборни манипулации и злоупотреби на власта.
Емилијан Станковиќ, СДСМ.

Оние од опозицијата се во аут. Лепат плакати, агитираат, делат пропаганден материјал и сонуваат, еден убав сончев ден, кога нивната партија ќе дојде на власт, да ги заземат местата на сегашните партиски војници, за потоа да и се оддолжуваат на партијата со повторно лепење плакати... И сè така во круг.
Илустрација.
Илустрација.

Граѓаните што ги анкетиравме во Скопје се речиси едногласни дека вработувањата во јавниот сектор се исклучиво по партиска линија. Велат, партизираноста е поголема отколку во времето на комунизмот. Порано бараа да си член на партија само за раководителите, а сега и чистачките се вработуваат преку партија. Некои одат дури дотаму што тврдат дека преку партија одат вработувањата и во приватните фирми.

„Никој сега не го гледа образованието и другите квалитети, обично секогаш се гледа по партиска линија.“
Само за две недели во општините Куманово, Охрид и Струмица, со кои раководат градоначалниците на СДСМ, се распишаа огласи за ангажирање на вкупно 98 нови вработувања. Сомневањата се дека со ова СДСМ ја отвора вратата за нови партиски вработувања. Целта е полнење на општините со партиски заслужни војници, за сметка на младите и способни кадри кои немаат шанса наспроти членовите на СДСМ.
Александар Бичиклиски, ВМРО-ДПМНЕ.

„И по партиска линија и по роднинска линија, тие се први основни правила, дури на трето место се вреднува школото.“

„Сè е партиски, ако не си од нивната партија нема ни да работиш.“

„Така бараат, ако си партиски определен ќе те вработат, ако не – нема.“

„Една партија ќе дојде на власт, ќе си вработи свои, доаѓа друга партија, тие ги отпуштаат, вработуваат свои, барем тоа го гледаме сите, толку е јасно, како бел ден.“
Илустрација.
Илустрација.

„Тоа е јавна тајна.“

„Бараат преку врски, а сите компании се поврзани со владата. Партиите на власт одлучуваат и во приватните компании“, велат анкетираните граѓани на Скопје.
Овозможувањето слободни и фер избори е стандард во ЕУ. Ние како опозиција во овој момент буквално дуваме на јогурт, бидејќи во изминативе шест години, сите овие скандали што се случија, ин витро оплодувања, заплашувањата, апсењата на лидери на опозициски партии, нас не наведуваат да мислиме дека во Република Македонија во март нема да има слободни и фер избори.
Гордан Георгиев, СДСМ.

Само во последните две недели дневните весници се полни со огласи за вработувања во општините и јавните претпријатија. Комунална хигиена прима 159 луѓе, а има огласи за вработување и во општините Штип, Кичево, Кавадарци, како и во општина Чаир.

Последниот случај на десетици партиски вработувања во Јавните претпријатија во Град Скопје го открија и документираа колегите од ТВ Алфа. Телевизијата дошла до списоци испратени од општинските комитети на владејачката партија за тоа кои луѓе треба да се вработат. Во телефонскиот разговор со новинарите на Алфа, посочените активисти признаваат дека се вработуваат со препорака на општинските комитети на владејачката партија.
Илустрација.
Илустрација.

„Јас веќе почнав во Водовод и канализација“, вели граѓанин.

Новинар: Таму ве предложија?

Македонците бараат каква била работа и во тој дел мислам дека условите што ги нуди јавната администрацијата барем во моментов се повисоки од бизнис секторот и од аспект на плата, почитување на работно време, почитување на други права на работниците, колективни договори итн.
Неда Коруновска, невладина организација Реактор.
„Да, тука ме предложија и веќе почнав тука.“

Новинар: Тој оглас таму е завршен, веќе се знаат примените?

„Примени се тие што се на листата.“

Новинар: Од кој месен комитет ве праќаат?

„Од Чаир.“

Новинар: Вие сте во Водовод и канализација така?

„Да, да, во Бутел“, вели друга граѓанка.

Новинар: Кога конкуриравте?

„Минатата недела.“

Министерот Иво Ивановски во посета на администрацијата.
Министерот Иво Ивановски во посета на администрацијата.

Слабо ни е стопанството, нема апсорпциона моќ да ги прими новозавршените правници, инженери и кадри од сите струки, има многу стечајни работници, многу луѓе останаа на улица и сите видоа единствен спас за вработување, за вдомување, преку вработување во јавниот сектор. Партиите тоа многу елегантно го сфатија, ги прибраа незадоволните како свои членови, им ветуваа и која политичка гарнитура победи, така тие беа вдомувани во државната и во јавната администрација.
Борче Давитковски, унверзитетски професор.
Новинар: Од кој општински комитет доаѓате и за кое работно место конкурирате?

„Од општински комитет Чаир за работно место хигиеничар во Водовод.“


„Денеска почнав на работа“, вели трет граѓанин.

Новинар: Преку кој штаб одевте?

„Тоа не знам, само ни рекоа да дојдеме на работа.“

„Во процедура сме за вработување“, вели четврти граѓанин.

Новинар: Гледам тука од Центар доаѓате. Со која препорака?

„Со препорака од штаб“, одговара граѓанинот.


И покрај тоа што е јавна тајна дека вработувањата во јавни и државни претпријатија се партиски, ова е прв пат таков случај да биде документиран во медиумите. Директорите на претпријатијата, откако прво молчеа, по објавувањето на случајот рекоа дека ги вработуваат оние луѓе кои и досега хонорарно работеле во претпријатијата.
Ние имаме една темна бројка од 20 до 30 илјади, а некои велат и повеќе, луѓе што работат со договор за дело. Тоа се по правило партиски војници и сега, особено пред избори, се врши трансферот од договорен во редовен работен однос. Тука се изигруваат законите, не се влегува по регуларната процедура и најчесто така партиите што се на власт ги користат тие вентили да трансформираат цели контингенти од тие што се со договор за дело во службенички или работен однос на неопределено време.
Борче Давитковски, унверзитетски професор.

Владејачката партија, пак, само кусо се огласи дека списоците за вработување партиски членови во скопските јавни претпријатија се конструкција на опозицијата. Сигурно членовите на ВМРО-ДПМНЕ не ви доставиле такви списоци, рече партискиот портпарол Александар Бичиклиски, одговарајќи на новинарско прашање.

„Наместо нашите колеги да зборуваат за програми, проекти, реализирани ветувања спрема граѓаните, опозицијата очигледно ги губи и овие избори, не научи да не оттргне од негативностите, голите критики и манипулациите.“

Иако Бичиклиски не беше расположен да зборува за вработувањата во општините што ги водат кадри од неговата партија, на почетоков на месецот реагираше на огласи за вработување во општините предводени од СДСМ.

„Само за две недели во општините Куманово, Охрид и Струмица, со кои раководат градоначалниците на СДСМ, се распишаа огласи за ангажирање на вкупно 98 нови вработувања. Сомневањата се дека со ова СДСМ ја отвора вратата за нови партиски вработувања. Целта е полнење на општините со партиски заслужни војници, за сметка на младите и способни кадри кои немаат шанса наспроти членовите на СДСМ“, рече Бичиклиски.

Се чини дека ниту едните, ниту другите немаат проблем со партизирањето на администрацијата, туку со тоа кој ја партизира. Оние што се партиски неопределени, и онака никој за ништо не ги прашува.

Предизборни вработувања за купување гласови

Опозицискиот СДСМ реагираше на огласите за предизборни вработувања преку партиски списоци. Побара од скопскиот градоначалник Коце Трајановски да ги разреши директорите на јавните претпријатија што се „фатени на дело“ и да ги поништи овие вработувања. Партискиот портпарол Емилијан Станковиќ ги поврза овие вработувања со локалните избори кои треба да се одржат во март. Тој смета дека на овој начин власта купува гласачи за претстојните избори.

„Новиот скандал со партиските вработувања во Скопје е уште еден од низата примери зошто ВМРО-ДПМНЕ упорно не сака да ги прифати забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и Европската комисија и да ги вметне во изборното законодавство. Со прифаќање на овие препораки, на власта ќе и се скратеа можностите за вакви предизборни манипулации и злоупотреби на власта“, рече Станковиќ.

Опозицијата ја отвори темата за партиски вработувања и на последната собраниска седница за пратенички прашања. Пратеникот и потпретседател на СДСМ Гордан Георгиев рече дека скопските јавни претпријатија вработуваат 300 луѓе преку партија. Георгиев го праша премиерот Никола Груевски дали ќе му сугерира на градоначалникот Коце Трајановски да ги разреши директорите на посочените јавните претпријатија, зашто, како што рече, овие вработувања го дерогираат изборниот процес.

„Овозможувањето слободни и фер избори е стандард во ЕУ. Ние како опозиција во овој момент буквално дуваме на јогурт, бидејќи во изминативе шест години, сите овие скандали што се случија, ин витро оплодувања, заплашувањата, апсењата на лидери на опозициски партии, нас не наведуваат да мислиме дека во Република Македонија во март нема да има слободни и фер избори“, рече Георгиев.

Премиерот Груевски само кусо одговори дека нема информации за случајот.

„Со оглед дека не е работа поврзана со владата, туку е од градот Скопје, потребно ми е да приберам информации и ќе одговорам писмено“, рече Груевски.

Македонија со години добива критики за превработена и неефикасна администрација, но се чини дека тоа не е пречка за бројот на вработени во државниот сектор да продолжи да се зголемува. Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски во интервју за Радио Слободна Европа пред половина година рече дека во јавниот сектор работат 118 илјади вработени. Но, според некои податоци, плата од државата земаат скоро 165 илјади луѓе.

Европската комисија долго време ја критикува владата и за привремените или хонорарни вработувања за кои се претпоставува дека достигнуваат бројка и до 30.000. Според официјалната статистика, во Македонија има 648.000 вработени. Тоа значи дека најмалку една четвртина од вработените се во државниот сектор.

Според овие бројки, превработеноста во јавниот сектор сериозно го оптоварува буџетот. Просечната нето плата во Македонија изнесува околу 21 илјади денари, а просечната бруто платата е нешто повисока од 30 илјади денари, односно 500 евра. Ако претпоставиме дека вработените во јавниот сектор примаат просечна плата, овие 165 илјади вработени годишно ја чинат државата околу една милијарда евра.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, пофален е и напредокот во администрацијата. Но, Комисијата забележува дека се „потребни дополнителни напори за да се гарантира транспарентноста, независноста и професионализмот во јавниот сектор“. Во извештајот се нагласува и потребата од вработување или напредување „врз основа на заслуги“.

Слаба економија, сите трчаат во администрација

Превработеноста во администрацијата често е на мета на критики и на експертите. Тие посочуваат дека поради слабиот економски раст, во приватниот сектор не се отвораат работни места, па така, единствените слободни работни места се оние во јавниот сектор.

На линија на овие размислувања е и истражувањето на невладината организација „Реактор“ спроведено годинава. Резултатите од истражувањето покажуваат дека младите во земјава речиси подеднакво сакаат да работат во државна администрација и да имаат сопствен бизнис. Биле анкетирани 1.204 испитаници, а 31,6 отсто од нив одговориле дека би сакале да работат во државната администрација, односно во јавниот сектор, наспроти 29,9 отсто кои би сакале да имаат сопствен бизнис.

Неда Коруновска од Реактор вели дека причините за големиот интерес за работа во јавната администрација кај младите треба да се бараат во тоа што јавната администрација во Македонија нуди стабилна и пристојна работа на подолг период.

„Македонците бараат каква била работа и во тој дел мислам дека условите што ги нуди јавната администрацијата барем во моментов се повисоки од бизнис секторот и од аспект на плата, почитување на работно време, почитување на други права на работниците, колективни договори итн.“

Унверзитетскиот професор Борче Давитковски вели дека партиските вработувања станаа дел од политичкиот фолклор во изминативе 20 години.

„Слабо ни е стопанството, нема апсорпциона моќ да ги прими новозавршените правници, инженери и кадри од сите струки, има многу стечајни работници, многу луѓе останаа на улица и сите видоа единствен спас за вработување, за вдомување, преку вработување во јавниот сектор. Партиите тоа многу елегантно го сфатија, ги прибраа незадоволните како свои членови, им ветуваа и која политичка гарнитура победи, така тие беа вдомувани во државната и во јавната администрација.“

Давитковски вели дека за надминување на ваквата состојба е потребна политичка волја и доследна примена на законот. Ако се почитува законот, партиската книшка нема да може да биде пасош за вработување во јавниот сектор, вели тој.

„Ние имаме една темна бројка од 20 до 30 илјади, а некои велат и повеќе, луѓе што работат со договор за дело. Тоа се по правило партиски војници и сега, особено пред избори, се врши трансферот од договорен во редовен работен однос. Тука се изигруваат законите, не се влегува по регуларната процедура и најчесто така партиите што се на власт ги користат тие вентили да трансформираат цели контингенти од тие што се со договор за дело во службенички или работен однос на неопределено време“, објаснува Давитковски.

Експертите се сомневаат дека проблемот со партиски вработувања во Македонија ќе биде надминат сè додека економската ситуација во земјата е ваква каква што е. Овој проблем може да се надмине само со отворање работни места во приватниот сектор, па така и притисокот за вработување во администрацијата ќе се намали.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG