Достапни линкови

Обама и Ромни во фото финиш трка по гласови


Шолји за млеко со ликовите на Обама и Ромни.
Шолји за млеко со ликовите на Обама и Ромни.

Американскиот претседател Барак Обама и неговиот републикански ривал Мит Ромни ја привршуваат трката по гласови пред претседателските избори на 6 овој месец. До тогаш се очекува тие кампањата да ја насочат кон таканаречените неопределени држави, каде што, според анкетите, ниту еден од нив нема предност.

Победник на американските претседателски избори не е оној кандидат кој ќе добие мнозинство од гласовите, туку оној што ќе освои најмалку 270 електорски гласови.

Имено, Американците гласаат за електори кои го сочинуваат 538-члениот изборен колеџ. Секоја од 50 американски држави и Вашингтон имаат извесен број таканаречени електорски гласови. Најнаселената Калифорнија има 55, додека главниот град Вашингтон само 3.
Знам дека има некои луѓе кои веруваат оти треба да се остане на сегашниот курс и оти работите во моментов се одвиваат добро. Не верувам дека статус кво состојбата е вистинскиот курс за Америка.
Мит Ромни, кандидат за претседател на САД.

Според најновите истражувања на јавното мислење, Обама и Ромни се скоро изедначени. Разликата меѓу нив, 47 насто за Обама спрема 46 проценти за Ромни била, како што оценуваат аналитичарите, статистички безначајна и покрај зголемениот број на рекламни спотови и ефектите од разорниот ураган Сенди.

По неколкудневната пауза поради невремето, Обама последните напори во освојувањето гласови ги започна во Висконсин и Невада, додека Ромни беше во Вирџинија. Овие држави, заедно со Охајо, Колорадо, Ајова и Њу Хемпшир се таканаречени неопределени држави.

Сега, во последните недели од оваа кампања, гувернерот Ромни го користи целиот негов талент како продавач за да ги дотера оние исти политики што ја доведоа нашата земја во ваква лоша состојба, истите политики што ние ги поправавме во изминатите четири години. И тоа го нуди како промени.
Барак Обама, претседател на САД.
Карактеристично во финишот на трката е тоа што и Обама и Ромни инсистираат на темата „промена“. По години на слаб економски пораст, Ромни изјави дека на Америка и треба вистинска промена и оти тој може да го направи тоа.

„Знам дека има некои луѓе кои веруваат оти треба да се остане на сегашниот курс и оти работите во моментов се одвиваат добро. Не верувам дека статус кво состојбата е вистинскиот курс за Америка. Верувам дека на Америка конечно и треба вистинска промена. Тоа му беше ветено и ние тоа ќе му го дадеме на американскиот народ“, изјави Ромни.

Тој го критикуваше Обама поради тоа што се залагал за огромна администрација и за проширување на сојузните агенции, што, според него, ќе го намали стопанскиот раст на земјата.

Барак Обама во Висконсин исто така се осврна врз промените, но тој притоа потсети дека токму тие беа клучни за неговиот успех во претседателската кампања пред четири години.

Тој го обвини Ромни дека не нуди вистински промени, туку враќање на политиките што ги водеше неговиот претходник Џорџ Буш.

„Сега, во последните недели од оваа кампања, гувернерот Ромни го користи целиот негов талент како продавач за да ги дотера оние исти политики што ја доведоа нашата земја во ваква лоша состојба, истите политики што ние ги поправавме во изминатите четири години. И тоа го нуди како промени. Тој вели дека е кандидат на промени. Дозволете ми да ви кажам, ние знаеме како изгледаат промени. Она што го нуди гувернерот тоа не се сигурно.“

Претседателот Барак Обама вчера и официјално беше поддржан од градоначалникот на Њујорк, поранешниот републиканец Мајкл Блумберг.

Тој изјави дека е неопходно лидерство во справувањето со климатските промени и притоа оцени дека Обама презема значајни чекори во редукцијата на штетните гасови во атмосферата за кои научниците сметаат дека се клучниот фактор за глобалното затоплување.

Во Њујорк е во тек голема акција на чистење на последиците од ураганот Сенди кој однесе најмалку 90 човечки животи во американското источно крајбрежје.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG