Достапни линкови

Со сензационализам до вжештени глави


Илустрација.
Илустрација.

Со неодговорното однесување, медиумите ризикуваат да разгорат многу подлабоки конфликти, велат комуниколозите.

Комбинацијата на отсуство на професионални стандарди и сензационализмот како императив во правењето вести може да биде многу опасна, предупредуваат медиумските експерти.
Едното е отсуството на професионални стандарди и контрола на квалитет на вестите и во крајна линија квалитетна професионална уредувачка политика и од друга страна сензационализмот како главна алатка за привлекување на публика.
Марко Трошановски, комуниколог.

Последниот пример со објавувањето на веста за наводното убиство на македонски студент во Грција во дел од медиумите, само потврди дека штетата од непроверената информација може да биде голема, односно да предизвика опасност од конфликти и тензии, објаснува комуникологот Марко Трошановски.

„Тие што тоа го направија, дел од нив се прилично релевантни, влијателни врз публиката во Македонија, ризикуваат да разгорат многу подлабоки етнички и национални тензии и конфликти со една сосема неодговорна уредувачка политика и потрага по сензационализам.“
Ако уредникот одлучува што медиумот ќе објави, тогаш не смее да се бара одговорноста на друго место освен во медиумите за она што го објавуваат или за она што не го објавуваат.
Климе Бабунски, комуниколог.

Дека потрагата за сензационализам, непроверената, а објавена информација, која не ретко се среќава во македонскиот медиумски простор може да има само негативни последици за општеството, се согласува и комуниколкогот Климе Бабунски. Ваквите работи не може да се регулираат со законски прописи, вели Бабунски.

„Ние сме соочени со суровата реалност дека професионализмот во медиумите, во новинарството, не е последица на некаков строг закон, на големи казни или мали казни, туку е последица на личен став на секоја редакција, на секој уредник, последица на зрелоста и на медиумите и на самото општество.“

Според Трошановски, постојат две причини поради кои медиумите си дозволуваат вакви пропусти во работењето.

„Едното е отсуството на професионални стандарди и контрола на квалитет на вестите и во крајна линија квалитетна професионална уредувачка политика и од друга страна сензационализмот како главна алатка за привлекување на публика.“

Експертите се согласни дека одговорноста за непочитувањето на професионалните новинарски стандарди треба да ја понесат креаторите на уредувачката политика.

„Ако уредникот одлучува што медиумот ќе објави, тогаш не смее да се бара одговорноста на друго место освен во медиумите за она што го објавуваат или за она што не го објавуваат“, вели Бабунски.

Комуниколозите предупредуваат дека во иднина вакви слични ситуации можат да бидат злоупотребени од различни политички центри на моќ за да предизвикаат дестабилизација на општеството.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG