Достапни линкови

АМАН протестира, медиумите игнорираат


Протест против поскапувањето на струјата, парното и горивата.
Протест против поскапувањето на струјата, парното и горивата.

Во иницијативата АМАН се незадоволни од игнорирањето на протестите против поскапувањата од медиумите, но велат дека протестите продолжуваат секој вторник.

Од граѓанската иницијатива АМАН и овој вторник повикаа на масовни и мирни протести против поскапувањата. Освен граѓаните, повторно побараа и Сојузот на синдикати да им даде поддршка. Досега зад нив застанаа стечајците, синдикатот на работниците во управата и правосудството, новинарскиот синдикат и невладината организација Ленка. Еден од членовите на АМАН Џелал Хоџиќ вели дека тие се задоволни од одзивот, но со огледот на проблемите со кои се соочуваат граѓаните очекуваат поголема излезност, бидејќи само така ќе бидат исполнети нивните барања. Според него, потребна е и поголема застапеност во медиумите.
Многу е жално и многу е мизерно тоа што државниот, јавниот сервис, државната телевизија МРТВ не го покрива протестот. Приватните телевизии си имаат своја уредувачка политика, но државната телевизија секако би требало да има интерес за проблемите на граѓаните.
Џелал Хоџиќ, иницијатива АМАН.

„Некои медиуми воопшто не доаѓаат ни на пресот, ни на протестите, едноставно не игнорираат тотално. Другите медиуми што доаѓаат, информираат можеби малку пократко отколку што треба, или можеби не му даваат толкаво внимание на протестот, можеби мислат дека ова е мал протест, не знам, но мислам дека времето одвоено за тоа, според мене, не е задоволително.“

Зошто некои медиуми ги игнорираат протестите веројатно си знаат уредниците, вели Хоџиќ, но додава дека Македонската радио телевизија како јавен сервис мора да информира за протестите.

„Многу е жално и многу е мизерно тоа што државниот, јавниот сервис, државната телевизија МРТВ не го покрива протестот. Приватните телевизии си имаат своја уредувачка политика, но државната телевизија секако би требало да има интерес за проблемите на граѓаните“, вели Хоџиќ.

Но сепак оние кои што е најпотребно да бидат присутни на протестите се најзасегнатите, велат членовите на АМАН.

„Дојдете, немојте да не поддржувате од дома, од фотелја или со тапкање по рамо кога ќе не сретнете. Дојдете, сите заедно да покажеме дека не можеме да го издржиме ова поскапување“, вели една повозрасна жена, членка на АМАН.

Протестите и денеска ќе се одржат во 18 часот пред Регулаторната комисија за енергетика на плоштадот Пела. Освен повисоки сметки за струја и парно, зголемени се и трошоците за живот. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, трошоците за живот во август во однос на јули се зголемиле за 1,5 насто, а во однос на истиот период минатата година за 3,7 насто.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG