Достапни линкови

Движењето на неврзаните на самит во Иран


Во Техеран се одржуваат подготвителни состаноци на самитот на Движењето на неврзаните што почнува в четврток. За Иран тоа не е само најголем меѓународен настан што се одржува во таа земја во изминативе неколку децении, туку и можност да се претстави како светски маченик.

Шефот на иранската дипломатија Али Акбар Салехи на еден од подготвителните состаноци апелира до Движењето на неврзаните да се спротивстави на економските санкции против некоја членка на ова Движење.

„Не сакаме конфротирање, ниту пак бараме нешто повеќе од легитимното право да имаме нуклеарна енергија“, изјави Салехи пред официјалниот почеток на најголемиот собир што се одржува во Иран по Исламската револуција во 1979 година.

Ова Движење беше создадено за време на Студената војна како организација на земјите кои сакаа да останат надвор од тогашните два блока. Денес Движењето има 120 членки што го сочинуваат најголемиот гласачки блок во Обединетите нации.
Не сакаме конфротирање, ниту пак бараме нешто повеќе од легитимното право да имаме нуклеарна енергија.
Шефот на иранската дипломатија Али Акбар Салехи

Затоа Техеран сака да го искористи самитот како платформа да си го поправи дипломатскиот имиџ и да ги убеди неврзаните земји дека Западниот притисок околу нуклеарната програма е неправден.

Во градот е прогласена неработна недела, а иранските медиуми посебно го нагласуваат учеството на Мохамед Морси, првиот египетски претседател кој ќе го посети Иран за повеќе од три децении и покрај тоа што неговата посета е со цел да му го предаде на Иран тригодишното претседавање со Движењето на неврзаните.

Како специјален гостин се очекува и генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, од кого Израел веќе побара да не го прави тоа, бидејќи неговиот престојот ќе значело легитимизирање на иранскиот режим.

Движењето на неврзаните нема историја да дејствува заеднички. Затоа не верувам дека овие земји би можело на неков начин да ги заобиколат санкциите воведени спрема Иран.
Алекс Ватанака, експерт за Иран во Институтот за Блискиот Исток.
Портпаролот на Стејт департментот Викторија Нуланд под прашалник ја стави и самата одлука самитот да се одржи во Иран.

„Мислиме дека е чуден изборот каде да се одржи овој состанок, особено ако се имаат предвид многуте аспекти на обврските што Иран ги нема исполнето спрема Обединетите нации. И на неврзаните и на Бан Ки-мун им пренесовме дека тоа не е добар сигнал.“

Некои ирански активисти за човекови права побараа од Бан Ки-мун да ја искористи можноста и да побара од режимот да ги пушти политичките затвореници, особено опозициските лидери Мир Хосеин Мусави и Мехди Каруби.

Од друга страна, шефот на политичкото биро на иранската Револуционерна гарда Јадолах Џавани изјави дека самитот ќе биде шанса да се спречат последиците од западните санкции со тоа што на маргините на самитот би се склучиле многу економски договори со членките на Движењето на неврзаните.

Со тоа не се согласува Алекс Ватанака, експерт за Иран во Институтот за Блискиот Исток.

„Движењето на неврзаните нема историја да дејствува заеднички. Затоа не верувам дека овие земји би можело на неков начин да ги заобиколат санкциите воведени спрема Иран“, вели Ватанака.

На самитот во Техеран се очекува да се разговара и за конфликтот во Сирија, иранскиот најголем сојузник во Арапскиот свет. Техеран остана еден од главните поддржувачи на режимот на претседателот Башар ал Асад кој сепак нема да присуствува на собирот, поради, како што е наведено, „безбедносни причини“.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG