Достапни линкови

Фронт за автономија на Војводина


Во Војводинa деновиве се интензивираа барањата за создавање автономен фронт, за заеднички настап во Собранието на Србија со цел измени на Уставот.

Потпретседателот на Собранието на Војводина и еден од лидерите на Либерално демократската партија Миливој Вребалов, вели дека во ваквиот автономистички блок би влегле сите партии во Покраината. Повод за негово создавање е одлуката на Уставниот суд за поништување на делот на Законот за надлежностите на Војводина со што е оспорен Статутот на Покраината. Еве што за ова вели Александра Јерков, претседателка на Собранието на Нови Сад и функционерка во Лигата на социјалдемократите.

„Дали тоа ќе прерасна во движење за промена на Уставот, би биле повеќе од среќни со оглед на тоа што заедно со Либерално демократската партија сме единствените кои сметаме дека Уставот не е добар за граѓаните на Војводина.“

Јерков наведува дека станува збор за одбрана на интересите на граѓаните на Војводина и оти автономниот фронт веќе бил формиран со формирањето на владата на Војводина која се состои од партии кои веќе подолго време имаат поинаков поглед на положбата на Покраината од оној што го имаат властите во Белград. На ист став е и претседателот на нејзината партија Ненад Чанак кој смета дека автономистичкото движење се создава само од себе со ексалацијата на ароганцијата на политичките структури во Белград спрема Војводина.

„Станува збор за брутално игнорирање на специфичностите на Покраината“, смета Чанак.

Од друга страна пак има и такви кои велат дека постојните партии во Покраината немаат кредибилитет за формирање на таков фронт.

„Ова сегашно залагање за автономија на Војводина повеќе беше последица на реакциите на одлуката на Уставниот суд и на промена на власта во Белград, бидејќи новата политичка структура нема ни минимум разбирање за потребите на Војводина. Затоа се сомневам дека идејата ќе успее да мобилизира голем број граѓани“, вели публицистот Томислав Жигманов

Ненад Чанак
Ненад Чанак
Претседателот на Центарот за регионализам Александар Попов, пак, потсетува дека и претходно постоеле тензии меѓу Белград и Нови Сад и оти и сега би можело да се очекува влошување на ситуацијата.

„Единствено охрабрувачки тон стигна од премиерот Дачиќ кој предложи политички дијалог и јас мислам дека тоа е единствено паметно во оваа ситуација, бидејќи веќе имаме доволно кризни жаришта во Србија за да отвораме ново“, вели Александар Попов, претседател на Центарот за регионализам од Нови Сад.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG