Достапни линкови

Опасност од салафизмот на Балканот


Неодамнешните насилни инциденти, од кои некои резултираа со убиства на невини цивили, како и поголемиот број следбеници на радикалните исламски доктрини, укажуваат дека ширењето на радикалниот ислам во Западен Балкан би можело да претставува закана за стабилноста на регионот. Ова се наведува во најновата анализа на Џејнс Интелиџенс ревју во која се спомнува акцијата на македонската полиција „Монструм“, при што беа уапсени 20 радикални исламисти за убиството на петмина Македонци во април годинава.

Овие убиства ги поттикнаа тензиите во Македонија. Осомничените се обвинети за тероризам и според изјава на министерот за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, сите претходно се бореле во Авганистан и Пакистан и биле следбеници на „радикалниот ислам“, се наведува во анализата на Џејнс Интелиџенс во која се цитира и изјавата на Јанкулоска дека намерата била да се создаде чувство на несигурност и страв кај населението.

Салафистичките приврзаници ја користат предноста од пропустите во регионот на Западен Балкан, историската политичка нестабилност и високата стапка на невработеност за да ги придобијат обичните муслимани за унапредување на фундаменталистичките агенди. Ова се случува низ процес на индоктринација, инфилтрација и финансиски субвенции.
Во анализата се посочува дека со почнување на уште еден конфликт меѓу православните Македонци и претежно муслиманските Албанци, екстремистите ќе стартуваат натамошно ширење на нивната идеологија во регионот.

Исто така се потсетува дека во пресрет на судскиот процес е во тек истрага и оти не станува збор за прв инцидент во Македонија со кој се потврдува растечкото влијание на салафистите во регионот.

Центарот за исламски плурализам во Македонија во февруари годинава пријави агресија од салафисти во Арабати Теќе во Тетово, најголемата суфи институција во поранешна Југославија.

„Ситуацијата стана толку лоша што групи салафисти го попречуваат пристапот на посетители на Теќе. Вахабистите сега ги имаат повеќето структури во Теќе“, се цитира во анализата на Џејнс Интелиџенс во која се наведува дека ширењето на радикалните форми на исламот во Западен Балкан е тесно поврзано со распадот на поранешна Југославија, конфликтот во Босна и ембаргото на Обединетите нации за сите шест екс-југословенски републики од 1992 до 1995 година.

Всушност, падот на комунизмот, придружен од падот на државната власт и релаксацијата од моќта на државниот безбедносен апарат, ги остави луѓето поделени меѓу традицијата, религијата, комунистичките и западните закони и популарната култура.

Ваквиот процес особено беше видлив по конфликтот на Косово каде што салафизмот е увезен од исламски организации кои работат под етикета на хуманитарни агенции. Тие, како што се наведува, по една декада успеале да создадат влијателни социјални мрежи кои имаат за цел да навлезат во Исламската заедница на Косово и да го рекреираат албанскиот национален идентитет во верски.

Иако многу од овие организации немаат радикални или насилни агенди, одредени организации пропагираат поекстремистички ставови. Како пример се наведува Шефќет Красниќи, најконтроверзниот радикален свештеник на Косово кој ја осудува Мајка Тереза затоа што била католик, како и изборот на Атифете Јахјага за претседател на Косово. Според Красниќи, тоа било против исламските принципи.

Салафистичките приврзаници ја користат предноста од пропустите во регионот на Западен Балкан, историската политичка нестабилност и високата стапка на невработеност за да ги придобијат обичните муслимани за унапредување на фундаменталистичките агенди. Ова се случува низ процес на индоктринација, инфилтрација и финансиски субвенции.

Сепак, експертите не укажуваат на тоа дека има непосредна закана од салафистички екстремизам, иако владите и органите за спроведување на законот во земјите од Западен Балкан почнаа да чувствуваат притисок од исламските фундаменталисти. Оваа закана може да биде во форма на директно насилство и на терористички напади, но и на меѓуетнички или верски тензии.

Слабите органи за спроведување на законот ќе значи дека тензиите и несигурноста може да се зголемуваат и да се прелеваат преку границите што пак, ја отвора можноста за поширока дестабилизација на регионот.

Таа закана, која иако не е толку експлозивна во споредба со сериозните регионални проблеми: организираниот криминал и политичката нестабилност, може во иднина да претставува поголем ризик доколку се дозволи натамошно вкоренување и ширење на екстремистичките идеологии, се наведува во анализата на Џејнс Интелиџенс ривју.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG