Достапни линкови

Овој филм содржи слики на печено пилешко


Иранската државна телевизија деновиве беше критикувана од шефот на полицијата затоа што прикажувала слики на луѓе како јадат пилешко месо. Според него, тоа може да води до револт, бидејќи посиромашните луѓе веќе не можеле да си дозволат да го купат. Цената на пилешкото е последен показател за големата инфлација во земјата погодена од Западните санкции поради контроверзната нуклеарна програма.

Пилешкото месо наскоро би можело да биде цензорирано во Исламската Република. Деновиве, шефот на иранската полиција Есмаил Ахмади Могхадам ја критикуваше државната телевизија за емитување слики на луѓе кои јадат пилешко месо.

„Филмовите денес се витрина на општетството и некои поединци гледајќи го овој класен јаз можат да кажат: ајде да земеме ножеви и да си ги земеме нашите права од богатите“, изјави Могхадам.

Иранската влада ја фиксира цената на пилешкото месо на 2 долара што е многу пониско од онаа на пазарот, каде што за една година порасна за над 60 насто. За килограм пилешко се плаќаат 5 долари. Во иранските градови секојдневно има долги редици луѓе кои чекаат да купат пилешко по државна цена.
Се откажавме од купување пилешко. Иранските лидери создадоа толку сиромаштија што едвај можеме да купиме компири. Сега е забрането на филмови да се прикажува пилешко месо, по шест месеци ќе ги забранат и компирите. Што ќе биде на ред: лебот?


Еден жител на Техеран изјави за Радио Фарда дека многумина очекуваат уште потешки денови како последица на западните санкции.

„Се откажавме од купување пилешко. Иранските лидери создадоа толку сиромаштија што едвај можеме да купиме компири. Сега е забрането на филмови да се прикажува пилешко месо, по шест месеци ќе ги забранат и компирите. Што ќе биде на ред: лебот?.“

Шефот на Централниот огранок на Исламскиот универзитет во Техеран Фердовс Хаџијан најави за денеска еднодневен бојкот на пилешкото месо како протест против растечките цени.

„Нема да купуваме пилешко за да ги поддржиме владата и народот“, рече тој, обвинувајќи ги трговците за безочна потрага по профит.
Шефот на иранската полиција Ахмади Могхадам
Шефот на иранската полиција Ахмади Могхадам

Иранските власти засега, освен ваквиот вид цензорство, не понудија конкретно решение за растечките цени на пилешкото месо. Во минатата недела министерот за култура Мохамед Хосеини ги предупреди медиумите да не објавуваат извештаи за влијанието на западните санкции.

„Ситуацијата со санкциите и другите притисоци посебно во економијата, бара поголема соработка со медиумите за да не биде погодена земјата“, изјави тој откако Европската унија на 1 јули го активира ембаргото на најважниот ирански извозен артикал, нафтата.

Како одговор на најновото цензорство, некои иранци веќе почнаа на социјалните мрежи да објавуваат слики на пилешко. Велат, додека и таму не ги забранат.

Еден од нив дури пишува дека наскоро филмовите на иранската телевизија ќе се прикажуваат со предупредување: „Овој филм содржи слики на печено пилешко.“
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG