Достапни линкови

Задоцнета младина


Антоанета Иванова, Коосновач на Младиинфо
Антоанета Иванова, Коосновач на Младиинфо

Тие немаат формула за успех која се вика: натпросечна интелегенција, мама и тато, членска книшка, ниту среќа, а сепак имаат ИЗБОР. Избор, што да прават во животот, дали да студираат тука или да студираат во Лондон, да практицираат во Индија или во Брисел, да работат во Скопје или во Виена. И сето тоа да го направат сами, без ничија помош, пишува за РСЕ Антоанета Иванова, коосновач на Младиинфо

Летото е време кога многу луѓе, барем оние будните, се подготвуваат за нови животни предизвици наесен. Меѓу нив и неколку млади од земјава кои на прагот на дваесетите имаат толку многу зад себе и толку многу пред себе, ќе одлучат во кој дел од светот ќе ја започнат својата нова етапа од животот. Она што единствено ми е жал, е што таквите млади, кои се будни, во оваа земја ги има многу малку.
Одговорот на прашањето, што е тоа што нив ги прави поинакви, не е толку едноставен. Тие немаат формула за успех која се вика: натпросечна интелегенција, мама и тато, членска книшка, ниту среќа, а сепак имаат ИЗБОР. Избор, што да прават во животот, дали да студираат тука или да студираат во Лондон, да практицираат во Индија или во Брисел, да работат во Скопје или во Виена. И сето тоа да го направат сами, без ничија помош.
Секој би се запрашал зарем навистина во оваа наша Македонија имаме вакви млади кои имаат толку отворени можности? Епа изгледа дека да, но овие млади за денес да го можат ова го граделе својот пат многу време претходно


Секој би се запрашал зарем навистина во оваа наша Македонија имаме вакви млади кои имаат толку отворени можности? Епа изгледа дека да, но овие млади за денес да го можат ова го граделе својот пат многу време претходно. Со години не доцнеле ниту еден час во нивниот досегашен живот, вложиле во образованието, учеле јазици, биле активни во проекти, посетувале обуки, волонтирале, овие млади луѓе вложувале во секој ден, за еден ден да го имаат тој избор. Затоа ним им е лесно, и често им се припишува дека имале среќа затоа што оние другите не сакаат да признаат дека за да добиеш во животот треба да вложиш во нешто, што некогаш ќе ти донесе многу, можеби не веднаш, но сигурно еднаш.
Животот е трка, и тоа маратонска, кога ќе погледнеш и на скопскиот маратон на кратката патека има многу луѓе, кои станале утрото пред тоа и решиле да трчаат и тогаш сфаќаат дека можат да издржат едвај 2 км, но затоа оние другите кои се само неколкумина, тренирале со месеци и години за да еден ден ја истрчаат целата патека од 42 километра.
Токму такви се и останатите животни трки, или ќе бидеш меѓу првите или само ќе учествуваш затоа што не си тренирал доволно.
Жално е само едно, дека во оваа земја сите млади имаат капацитет да трчаат во животот на долги патеки, но кога ќе ги погледнеш, во нив гледаш напразно потрошени потенцијали, изгубено време кое не можеш да го вратиш, млади кои кога ќе ги прашаш што прават во животот, ќе сфатиш дека освен што секој ден одат до факултет и назад ништо друго не прават. Нивните биографии се празни, чекаат да почнат да ги полнат кога ќе дојде време, а тоа време е далеку.
И кога еден ден, обично во лето кога имаат уште повеќе слободно време, ќе посакаат да потрчаат побрзо, за да наесен почнат нешто ново, тогаш никако не може да разберат зошто тие имаат лоша стартна позиција. Како да им објасниш дека разликата меѓу нив и оние кои не доцнат единствено лежи само во времето и вложувањето, а не во среќата или потенцијалот. Не веруваат дека денес не е тешко да оствариш нешто што го сакаш без разлика дали дома или надвор, но треба да бидеш подготвен дека за да стигнеш до тоа треба да почнеш да размислуваш најмалку 3-4 години порано. Успехот, според мене, е прорпорционален со времето потрошено за да се стигне до него. И исто така е важно да се знае, дека еден ден успехот секако ќе дојде, никој не останал со празни раце кога држел по неколку карти во кои „вложувал“ подолго време, така тие секогаш можат да ја извадат онаа соодветната, која во одреден момент им треба, и секогаш може да се пофалат дека имаат по еден кец во секој ракав.
Постои и една поговорка која вели: кој повеќе ќе се осмели тој повеќе ќе оствари, но изгледа дека на заспаната младина и одовара да спие додека може, и кога еден ден ќе се расони и ќе се обиде да направи нешто, неуспесите се тука наредени еден до друг, и тогаш ќе почнат да се тешат дека оние што успеале го направиле тоа на поинаков начин, а не со труд


Постои и една поговорка која вели: кој повеќе ќе се осмели тој повеќе ќе оствари, но изгледа дека на заспаната младина и одовара да спие додека може, и кога еден ден ќе се расони и ќе се обиде да направи нешто, неуспесите се тука наредени еден до друг, и тогаш ќе почнат да се тешат дека оние што успеале го направиле тоа на поинаков начин, а не со труд. Тогаш слушаш дека мама и тато помогнале, или имале врски, или едноставно голема среќа, а кога ќе ги прашаш какви се тие врски во Лондон или Њујорк, и кого тоа мама и тато убедиле дека нивното дете треба да добие стипендија на Кембриџ или да практицира во Обединети нации? Е тука одговорот е дека сигурно се работи за среќа. Епа не драги мои заспани, треба да бидете свесни дека успехот и кариерата не почнува од денес за утре, туку многу години пред тоа, и со секој посветен час секој ден: некаде, на некого, за нешто и дека сиот тој труд утре ќе ви го олесни патот во животот и ќе ве однесе некаде високо! Луѓето со повеќе умешности, вештини и знаења вложувале години и години за да имаат ИЗБОР! А вие другите, на крајот ја имате САМО опцијата која преостанала....
XS
SM
MD
LG