Достапни линкови

Жерновски - Против оваа власт би коалицирал и со СДСМ


Интервју со Андреј Жерновски
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:17 0:00
Директен линк

Интервју со Андреј Жерновски

Ако една сериозна анализа покажува дека коалицирањето со СДСМ ќе биде најдобриот начин да ја смениме оваа власт, тогаш јас сум спремен и тоа да го направам, вели претседателот на ЛДП Андреј Жерновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Жерновски, до каде сте со соработката со ВМРО-НП, односно десничарскиот дел на коалицијата? Какви се вашите очекувања и мислите ли дека на тој начин може да постигнете поконкретни резултати во споредба со претходните избори кога вашата партија остана надвор од парламентот заедно со останатите помали партии, кои поради изборниот модел, како што велите, не успеаја да постигнат резултат?

Овие четири политички партии се оние коишто се одважија да настапат самостојно, коишто имаа капацитет, платформски, програмски, да излезат на избори. Не го постигнаа успехот што го очекуваат, но се многу битни што тие ќе прават понатаму, каде ќе отидат гласовите на овие четири политички партии. Состојбата денеска во политиката, на демократски план, на економски план едноставно не приморува да соработуваме сите во опозицијата. Да имавме ние едни услови каде што нормално функционира демократијата, економијата да не беше на вакво ниско ниво, тогаш ќе беа сосема други услови, меѓутоа, денешната состојба, да не заборавиме дека овој нов мандат на Никола Груевски започна со убиство, започна со апсење на политички лидери, започна со апсење на сопственици на медиуми, Македонија бележи сериозен пад на демократијата, така што ние мора да соработуваме.

Со оглед на тоа што во изминатиов период зачестија контактите на вашата партија и со опозициските партии од десницата, но и од левицата, останува отворено прашањето дали тоа на крајот ќе резултира со трета политичка опција којашто заедно ќе настапи на наредни избори или тоа е само чекор кон обединување во здружена опозиција предводена од СДСМ?

Прерано е во овој момент да се каже како ќе заврши целиот овој проект. Може е да ЛДП да настапи самостојно на изборите, многу поверојатно за мене да настапи во една соработка, коалиција со овие други политички партии со кои ја започнавме соработката, но исто така е отворена можноста целиот овој настап да заврши со една широка опозициска коалиција, широк опозициски фронт. Времето ќе даде одговор на сето ова, но јас не кријам, ниту во ова интервју ќе го скријам тоа дека сакам, посакувам да се спротивставиме во најсилна можна формација на оваа актуелна политика која што се води денеска, особено погубна како економски резултати итн., и јас лично сум убеден дека треба една компактна сила да се спротивстави на денешната политика. Тоа го гледам во еден широк опозициски фронт. Дали ќе дојде до тоа, дали ќе успееме да се договориме, нема да биде лесно, имаме сериозни разлики, идеолошки, платформски, ова ќе биде првпат во историјата на Македонија да во една идна евентуална коалиција соработуваат партии од центарот, од левицата и од десницата, но пак велам, политиката на актуелната влада е она што нас не мотивира да се собереме заедно.

Останува ли во опција можноста за самостоен настап на избори на вашата партија и какви се воопшто шансите на малите партии за таков настап?

Петти јуни на некој начин ја нацрта скицата за тоа што ќе се случува на политички план, особено помеѓу опозицијата. Ако ги анализираме резултатите од 5 јуни тогаш ќе видиме дека оние што гласале против политиката на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ се во поголем број од оние што ја поддржале таа политика, но зошто не дојде до смена на власта. Прво затоа што опозицијата беше разделена и второ, затоа што имаме изборен модел којшто во голема мера ги уништува шансите на условно кажано помалите партии да дојдат до успех.

Затоа ве прашувам, сметате ли дека треба да се здружите и со СДСМ за да постигнете поконкретен резултат на избори?

Токму тоа го одговорив. Ако една сериозна анализа покажува дека тоа ќе биде најдобриот начин да ја смениме оваа власт, тогаш јас сум спремен и тоа да го направам, се разбира.

Што очекувате во наредниот период на планот на евро-атлантските интеграции, зачленувањето во НАТО, решавањето на прашањето за името? Во Грција има избори, во Македонија за една година ќе има избори. Како ова ќе влијае на овие процеси?

Не очекувам ништо ново со новите избори во Грција. Мислам дека и двете страни, односно владите на Македонија и Грција не се заинтересирани да го решат овој проблем. Зошто, тоа е веќе друго прашање. За жал ние денеска остануваме веќе и официјално во друштво со Косово и Босна и Херцеговина. Гледаме дека нашите соседи напредуваат, слушнавме пред неколку дена дека Црна Гора е новата ѕвезда во процесот на евро и евро-атлантските интеграции, Македонија за жал го изгуби овој моментум. Апсолутно сум убеден дека евро-атлантските интеграции, аспирации воопшто не се на дневниот ред, на агендата ако сакате на актуелната влада.

Вашиот партнер од новата коалиција Љубчо Георгиевски се изјасни дека за него прифатливо решение е предлогот Северна Македонија. Што мислите вие за ова?

Уште еднаш да потенцирам дека ние се уште немаме направено коалиција ниту меѓу овие четири политички партии. Допрва започнуваат разговорите како тоа ќе се формализира или како ќе заврши. Што се однесува до ставот на претседателот на ВМРО-НП, тоа е негов личен став, секој има право се разбира да си го брани својот став. Тоа не значи дека и утре ние евентуално ако коалицираме дека ќе имаме идентичен став. Затоа велам, не е лесно да се воспостави оваа соработка, но ние ќе мора да собереме сила, или ако сакате да ја оставиме суетата зад нас, несогласувањата што ги имавме во минатото, за да можеме сите да го постигнеме она што, не на овие партии, туку на Македонија и е потребно, а тоа е смена на оваа штетна политика.

На кои теми ќе го ставите акцентот на претстојните избори?

Нема поважна тема од економијата, нема поважна тема од паднатиот стандард на граѓаните, од сиромаштијата. Денеска во Македонија имаме рекордна сиромаштија, ние за жал сме први во Европа по индекс на мизерија, младите во Македонија се први во Европа по стапка на невработеност. Се води политика опседната со минатото, а не со иднината. Слушаме информации кои се навистина алармантни, а тоа е дека Македонија ги губи коридорите 8 и 10, а тоа значи дека ќе нема раздвижување на економијата, а тоа е од стратешки интерес на Македонија, тоа значи нови инвестиции, нови работни места. Целата таа политика не доведе до ова дереџе на кое се наоѓаме. Не е патриотизам вие денеска да градите споменици, да се опседнете со минатото, патриотизам е да можете Македонија да ја приклучите кон главните транспортни коридори во Европа.

Дали сметате дека локалните избори ќе бидат референдум за предвремени избори? Дали ни се потребни уште едни предвремени избори?

Либерално–демократската партија секогаш инсистирала на локални избори да се зборува за локални теми, ние имавме еден програма која се уште е многу добра, силни општини – силна Македонија. Македонија не може да биде силна ако нема силни општини, во превод ако нема стабилни економски општини, да видиме конечно една фискална децентрализација во Македонија. Но, денеска е таква состојбата, јас сум убеден дека на наредните локални избори најмалку ќе се зборува за темите од локалната самоуправа, туку ќе доминираат оние крупни теми. Не може никој да избега од сиромаштијата, од економските теми, за жал денеска граѓаните не се загрижени како ќе го премостат месецот, туку како ќе ја премостат неделата, па дури и денот. Овие сметки што секојдневно се зголемуваат, овој пад на животниот стандард, неминовно ќе донесат тоа да бидат тема на идните избори.

Сметате дека тоа треба да отвори пат кон предвремени избори?

Ако резултат биде позитивен, што не се сомневам дека ќе биде за опозицијата, неминовно ќе дојде до еден таков притисок, целокупната атмосфера ќе изврши притисок врз актуелната влада, но јас и денеска ќе кажам не ја исклучувам можноста од тоа ние во Македонија паралелно со локалните да имаме и парламентарни избори.

Имате ли соработка со албанските партии од опозицијата?

За жал ние во Македонија се уште сме скептични или можеби уплашени од некоја предизборна коалиција, ова не го зборувам за политичарите, можеби е повеќе табу тема за граѓаните. Тие граѓани, како што созрева демократијата, знаат дека коалиција е неопходна меѓу албанските и македонските партии, така што не гледам зошто тоа не би го направиме пред избори, напротив мислам дека тоа ќе прати една одлична порака како на домашен план, така и на надворешен план.

Колку сметате дека е стабилна владата на ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ?

Оваа влада без разлика на тоа што потенцира дека имаа заеднички стратешки проекти кои ги поврзуваат двете партии, тоа не е така, а тоа може да се види по различните коментари што ги даваат. Еве ако сакате за економијата, особено за евроатланските интеграции, додека ВМРО–ДПМНЕ тврди дека меѓународниот фактор е виновен што ние не одиме напред, ДУИ вели не ние самите сме виновни. Сакам да кажам дека тие имаат еден единствен интерес што ги поврзува, а тоа се лукративните моменти, за жал тоа е денеска така, но задача на опозицијата ќе биде точно да го забележи овој проблем и на виделина ги изнесе основните мотиви, основните причини зошто денеска соработува оваа власт.

Останува дилемата дали до локалните избори ќе се формира опозициски фронт. Вашата партија најави дека здружувањето со партиите од десницата, е за да се спротивставите на погрешните политики на актуелната власт, сепак на крајот дали може да се случи соработка на вашата партија со ВМРО-ДПМНЕ?

Сето она што јас го зборувам, го пишувам и што го емитира оваа партија е јасно насочено против политиката на ВМРО–ДПМНЕ, така што нема никакви шанси да соработуваме на идните избори, напротив наша главна цел е оваа политика да си замине.

Какви се вашите очекувања за наредниот период, околу меѓуетничките односи? Очекувате ли поголема криза на овој план?

ЛДП укажуваше дека инцидентите кои почнаа ќе доведат неминовно кон влошување на меѓуетничките односи, ние за жал освен што имаме застој на евроатлантските интеграции, освен што имаме тешка економска состојба, освен што имаме застој на политички и на демократски план, имаме и лоша состојба на меѓуетничките односи, па дури е загрозена и стабилноста на државата, што неминовно е поврзана со тој меѓуетнички простор. Така што она што загрижува е што двата партнери не работат на тој план, туку гледаат со овие инциденти да ги покријат негативните податоци, негативните бројки што ги имаме на економски план, меѓутоа така не треба да се води политиката во Македонија. Да не заборавиме дека таа стабилност ја носи всушност Македонија во едни други води, а не гледам како би можеле да напредуваме ако немаме стабилни меѓуетничките односи, тие се од исклучително битни, ако сакате на политички план, ако саката на економски план, на планот на евроинтеграциите итн.

Колку размислувате за некаква соработка со партиите од опозицијата, со албанските партии за работа на терен околу меѓуетничките односи?

Точно е тоа, мора опозицијата и албанска и македонска во Република Македонија да биде таа што ќе емитира позитивна енергија, ако тоа не го прави владата, нам тоа ни е причина повеќе да го правиме. Затоа мислам дека во овој период ќе дојде до приближување на соработката, како таа ќе заврши не знам, дали ќе заврши со заеднички настап, или ќе заврши со техничка соработка од аспект на тоа едноставно да не даваме противкандидати. Многу е битно претходно да се согласиме околу тоа кои се стратешките интереси кои не поврзуваат, а јасно е дека освен тоа што сакаме сите да ја видиме Македонија во ЕУ и НАТО, има уште една работа што не поврзува а тоа е дека сите подеднакво не погодува сиромаштијата и Македонците и Албанците и Турците и Ромите итн.
  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG