Достапни линкови

Протестите на опозицијата, најкоментирана тема


Хајд паркот за тоа дали протестите на опозицијата преку митинзи и средби со населението ќе имаат некаков резултат и колумната на Диме Спасов се најкоментирани теми на нашата интернет страница.

„Сите се разочарани, и неопределените, а од ВМРО-ДПМНЕ барем половина, но се уплашени“, ни испраќа порака некој слушател интересно потпишан со „Нов бран-ко“, од, како што ја напишал дестинацијата, „југоисточна“. Како коментар на прашањето во нашиот Хајд парк дали протестите на опозицијата преку митинзи и средби со населението ќе имаат некаков резултат. Слушателот смета дека Љубчо и Бранко морале да го охрабрат народот и да му всадат искра надеж преку непосредни контакти, па народот напролет ќе си го кажел своето.
Фајде од протести нема, ама оваа власт веќе не се трпи. Народот се плаши да каже што мисли за Владата, па можеби опозицијата вака, низ градовите, ќе го охрабри да крене глас.
Коментар на читател.

Митинг на СДСМ.
Митинг на СДСМ.
Коце од Велес, меѓутоа, смета дека прво морале да го сменат Бранко и да се направеле радикални промени во СДСМ, па после ќе имало реални шанси да ги добијат наредните избори. Мирко, пак, смета дека фајде од протести нема, „ама оваа власт веќе не се трпи“, како што вели, па продолжува: „Народот се плаши да каже што мисли за Владата, па можеби опозицијата вака, низ градовите, ќе го охрабри да крене глас“.

Горан пишува дека време било СДСМ да се активира и дека само со седење во ладовина и чекање власта да падне самата од себе ќе траело предолго. Некој потпишан со „Реален“, од Скопје коментира дека опозицијата не понудила ништо ново и дека Бранко, како што пишува, излегува со истите лаги. Но на реалниот му одговара Полат Алемдар од „Некаде во Македонија“, дека реалниот е толку многу реален што од дрвјата не ја гледа шумата. Полат апелира до опозицијата да се обедини и ги потсетува на примерот со Индијанците кога пред неколку века обединети го победиле Генерал Кастер и дека од тогаш датира фразата: „Секој непријател на мојот непријател е мој пријател“.

И колумната на претседателот на младите вмровци, Диме Спасов, е посветена на критики, главно на Црвенковски и на неговите гледања каква опозиција требала да има Македонија. Текстот предизвикал главно реакции на негови и на неговата партија приврзаници и членови, кои го фалат Спасов дека е млад надежен политичар, но Марјан од Скопје смета дека опозицијата дејствувала како камиказе, па, вели, „ако успееме да се наметнеме со цел багаж добро, ако не, ќе не' нема“.

Драги, пак, од Скопје во пораката извикува: „Ова човече зборува за култ на личноста во опозицијата! Поголем култ од оној што постои во ВМРО-ДПМНЕ за Груевски и фамилијата не може да постои. Нека се обиде човечево да искаже свој став или критика спрема својот бос, па ќе види што ќе го снајде!“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG