Достапни линкови

Неделен печат - Апсења и кризи


Радикалниот исламизам, кризата, како и падот на индустриското производство неколку месеци по ред, теми за кои анализираа неделниците.

„После Урко и Ставревски, на ред стигна и Ал Каеда - со еден удар, Мијалков отепа три муви!“, пишува Фокус во најновиот уводник. Алијансата, вели понатаму неделникот, треба да знае за жртвите што ги поднесуваме поради неа.

Фокус - Радикалниот ислам ни влезе в куќи, а НАТО се' уште порти не ни отвора

Радикалниот ислам ни влезе в куќи, а НАТО се' уште порти не ни отвора. Но и фундаменталистите мора да сфатат дека со нас нема шега. И дома, и надвор, дур до Авганистан. Патем, продолжува авторот, и УЧК не смее да заборави дека знаеме за верските фанатици во нивните редови. Авторот наведува дека ова се трите клучни политички пораки што власта ги испрати со апсењето на радикалните исламисти во акцијата „Монструм“. Со право или не, допрва ќе видиме. Дури тогаш и ќе дознаеме дали сите сме во голем проблем или само владата на Груевски! - сличен на оној што го снајде Љубета Бошкоски откако Западот не поверува во исламистичката закана кај Раштански Лозја, завршува Фокус.
Апсењето на осомничените во случајот со петкратното убиство во Смиљковци.
Апсењето на осомничените во случајот со петкратното убиство во Смиљковци.

Глобус- Македонија сред тројна криза

„Среде луњата на тројна криза“, се насловени извадоците од трибината што неодамна во Скопје ја организира невладината „Платформа“, што ги објавува најновиот он-лајн магазин Глобус. Како заеднички именител од кажаното на учесниците, поголема група слободномислечки наши интелектуалци, неделникот наоѓа дека македонското општество, покрај економската и кризата во меѓунационалните односи, се наоѓа и во евидентна уставна криза, која ќе се засили со изборот на новите судии во Уставниот суд. Демократијата ја губи последната тврдина - Уставниот суд. Неговите одлуки досега власта не ги почитуваше, но отсега, кога владеачката партија стави свои судии во оваа институција, веројатно, сметаат интелектуалците во „Платформа“, тој нема да носи одлуки во духот на модерното сваќање на демократијата, човековите права, слободите и ќе поддржува едно автократско владеење.

Капитал - Индустријата губи здив - на Македонија и' се заканува рецесија

Главната анализа во неделниот Капитал е посветена на податокот од Статистика дека производството во индустријата во Македонија веќе седми месец по ред бележи намалување. Во сторијата со наслов: „Индустријата губи здив - на Македонија и' се заканува рецесија“, се појаснува дека клучните индустрии во земјава се соочуваат со намалено производство кое почнува рапидно да се намалува и во првите три месеци од годинава. Ако размислуваме според логиката на власта, пишува Капитал, која кажува дека ќе ни тргнело подобро дури во втората половина од годината, кога Европа ќе излезела од рецесијата, тогаш може да се очекува Македонија во првата половина од оваа година да влезе во рецесија, односно, да има два квартала пад во економијата.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG