Достапни линкови

Неделен печат- меѓуетнички односи и индустријата во 2011


За меѓуетничките тензии и македонската индустрија во 2011 година, анализираат меѓудругото неделниците во своите последни броеви.

Чудна работа, ама дозволете една новинарска размисла: невидено брзо, како на некоја команда од повисоко, одеднаш се смирија меѓуетничките инциденти во Тетово, Гостивар и во главниот град. Како некој да се подбива со основното новинарско правило - да се реагира навремено и да се биде во фокусот на настаните.

Фокус - Кој сака да ја турне Македонија на колена?

Кој навистина сака да ја турне Македонија на колена, дали меѓуетничката криза е автохтона или вештачки предизвикана, кој и зошто поттикнува и организира безбедносна дестабилизација на земјава.
Фокус.
Па, оттаму, Фокус и Глобус како да „пукаат“ во празно: неколку статии и анализи токму за меѓуетничките инциденти, а од нив во Фокус за овој преглед ја одбираме анализата за тоа дали тоа е заговор против Македонија или се запоставени меѓуетнички односи.

Неделникот поставува неколку прашања за тоа кој навистина сака да ја турне Македонија на колена, дали меѓуетничката криза е автохтона или вештачки предизвикана, кој и зошто поттикнува и организира безбедносна дестабилизација на земјава... На кој начин и со кои средства го прави тоа, прашува неделникот за да додаде: на страна сите тези и теории за режисерите и актерите на безбедносната дестабилизација, последните инциденти се причинско-последична појава на националистичката и етноцентричната политика на актуелната власт, за која единствен е заклучокот дека не се занимава со менаџмент на меѓуетничките односи! - коментира Фокус.

Глобус - Меѓунационалната омраза, зачин кој се зема по потреба

За „Пеколното сценарио на власта“ пишува најновиот он-лајн Глобус при што забележува дека влегуваме во една спирала на политичка, етничка и општествена нестабилност и несигурност во која меѓуетничките тензии и инциденти се само последната манифестација. Во друг текст, неделникот, со доза на саркастичен хумор, забележува дека насилството базирано врз меѓунационална и меѓуконфесионална омраза кај нас личи на зачин ставен во некоја кутивка во кујната, што како сол и пипер некој ја зема, ја употребува и ја одложува на полицата. До следната употреба.

Капитал - Македонската индустрија во 2011

Неделникот Капитал прави осврт на тоа како работеше македонската индустрија во 2011 година, базиран врз разговори со менаџери на најголемите компании во земјава, при што забележува дека кон крајот на 2010 година тие биле умерени оптимисти за годината што следуваше: очекуваа зголемување на продажбите, но свесни дека се' уште постојат опасности во светската и европската економија. Сега, продолжува неделникот, откако излегоа резултатите за 2011 анализиравме кој како поминал лани: градежната индустрија ја спасија јавните проекти, металурзите се мачеа со поскапените суровини и енергија, фармацијата и прехрамбената индустрија поминаа повеќе од солидно, додека банките ги чистеа билансите од лошите пласмани, па им страдаше добивката, заклучува Капитал.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG