Достапни линкови

Референдум на Србите на северот на Косово


„Дали ги прифаќате институциите на таканаречената Република Косово“ е референдумското прашање на кое денеска и утре се произнесуваат Србите на северот на Косово. Меѓународната заедница, па дури и Белград, бараа референдумот да не биде спроведен, бидејќи не придонесува во дијалогот меѓу Србија и Косово.

Со референдумот се опфатени четири српски општини на северот на Косово и на него во наредните два дена би требало да учествуваат 35 илјади луѓе со право на глас.
Знаеме дека со тоа нема да бидат решени сите проблеми, но тоа е порака дека не сакаме да се интегрираме во таа држава.
Доброслав Добриќ, претседател на општина Звечан.

Станува збор за Косовска Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ. Од таму порачуваат дека референдумот ќе биде порака до светот, но и до државата Србија дека Србите на тој простор не ги прифаќаат косовските институции.

„Знаеме дека со тоа нема да бидат решени сите проблеми, но тоа е порака дека не сакаме да се интегрираме во таа држава“, вели претседателот на општина Звечан, Доброслав Добриќ.
Ако нашата власт е за наши, а против албански институции, тогаш зошто им пречи референдумот кој уште еднаш ќе го потврди нашето мислење дека не ги прифаќаме косовските институции.
Милан Ивановиќ, претседател на Српскиот национален совет.

„На референдумот е поставено јасно прашањe поради зачестените притисоци за насилна асимилација на населението на северот на Косово. Народот на демократски начин јасно ќе каже дали ги прифаќа косовските институции или, пак, е за институциите на Србија, како и досега“, наведува Добриќ.

Со него се согласува и претседателот на Српскиот национален совет Милан Ивановиќ, кој додава дека референдумот е голем аргумент и за државата Србија доколку сака, како што вели, искрено и сериозно да го реши прашањето со Косово.

„Ако нашата власт е за наши, а против албански институции, тогаш зошто им пречи референдумот кој уште еднаш ќе го потврди нашето мислење дека не ги прифаќаме косовските институции.“

Официјален Белград претходно оцени дека одржувањето на референдумот неминовно доведува до продлабочување на судирите и несогласувањата со српската влада.

„Она што е многу битно е дека со овој референдум се испраќа многу негативна порака до Србите кои живеат јужно од Митровица. Ако формално се залагаме дека сме дел од ист национален корпус и оти така си помагаме, се плашам дека на ваков начин тоа не го правиме“, изјави државниот секретар во српското министерство за Косово Оливер Ивановиќ.

Тој додава дека владата на Србија се грижи за интересите на седум милиони граѓани каде и да се наоѓаат. Србија се наоѓа пред кандидатура за членство во Европската унија, а за тоа Брисел бара подобрени односи меѓу Белград и Приштина.

Во меѓувреме, командантот на КФОР генерал Ерхард Друс оцени дека референдумот би можело да поттикне насилства на Косово кое пред четири години прогласи независност од Србија.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG