Достапни линкови

Датум или не, прашање е сега!


Еврокомесарот за проширува Штефан Филе и премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Скопје на 5 септември 2011 година.
Еврокомесарот за проширува Штефан Филе и премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Скопје на 5 септември 2011 година.

За два дена се очекува пресудата на Хашкиот суд по тужбата на Македонија против Грција, а само неколку дена подоцна ќе се знае дали земјава ќе добие датум за преговори со ЕУ.

Македонија ги одбројува деновите до очекуваната расправа на Европскиот совет на министри, кога и официјално ќе се знае дали земјава ќе добие датум за почеток на преговори со Унијата. Исто толку очекувана е и пресудата на меѓународниот суд во Хаг, за тужбата која Македонија ја поднесе против Грција поради прекршување на Времената спогодба од 1995 година кога пред три години на самитот во Букурешт го блокираше членството на Македонија во НАТО.
Се додека огледалото, т.е. извештајот на ЕК, велеше дека најубавиот е овдешната Влада, сегашниот премиер, владејачкото мнозинство, се дотогаш работите одеа добро. Кога оваа година огледалото ја соопшти вистината, која не требаше да ја чекаме да дојде од Брисел, премирот Груевски, се одлучи на драматичен пресврт, да го скрши огледалото.
Радмила Шеќеринска, СДСМ.

Откако во октомври Македонија го доби извештајот за својот напредок, јавноста беше под влијание на жестоки дебати околу неговата содржина. Очекувано, за властите извештајот беше добар, но со пренагласени критики во одредени области. За опозицијата пак, овој беше најлошиот извештај досега, зошто ја одразувал реалната ситуацијата во земјава. Фактот што во содржината на извештајот отсуствуваше придавката македонски беше уште еден поразителен знак за опозицискиот фронт.

Реален извештај или пренагласени забелешки?

Репликите кои ги слушавме на прес-конференциите и јавните дебати беа идентични на оние во собраниската сала.
Радмила Шеќеринска.
Радмила Шеќеринска.

„Се додека огледалото, т.е. извештајот на ЕК, велеше дека најубавиот е овдешната Влада, сегашниот премиер, владејачкото мнозинство, се дотогаш работите одеа добро. Кога оваа година огледалото ја соопшти вистината, која не требаше да ја чекаме да дојде од Брисел, премирот Груевски, се одлучи на драматичен пресврт, да го скрши огледалото“, рече пратеничката Радмила Шеќеринска од СДСМ.
Пренагласените забелешки, јас можам да кажам дека ги разбирам едноставно како тенденција на ЕК за да се изврши притисок врз Република Македонија, да се смени името на Република Македонија, јазикот, националниот идентитет.
Косана Николиќ Мазнева, ВМРО-ДПМНЕ.

„Огледалце, огледалце, на светот најубав кој е? До 2006-та, тоа беа колегите од СДСМ на чело со госпоѓата Шеќеринска. Таков настап, толку злоба да се има за својата држава, толку негативно да се настапи против својата Влада. Тоа е Влада на сите нас, рече пратеничката Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
Косана Николиќ-Мазнева.
Косана Николиќ-Мазнева.

„Главни приоритети на оваа Влада се инвестирање во антиквизацијата, насилни поделби помеѓу населението на патритоти и на предавници, насилно делење на народот на антички и на словенски Македоници“, рече Наташа Савова Салковска од СДСМ.

„Пренагласените забелешки, јас можам да кажам дека ги разбирам едноставно како тенденција на ЕК за да се изврши притисок врз Република Македонија, да се смени името на Република Македонија, јазикот, националниот идентитет“, рече Косана Николиќ-Мазнева од ВМРО-ДПМНЕ.

Умерен оптимизам на власта, песимизам кај опозицијата

За власта најголем успех беше тоа што земјава по трет пат од добивањето на кандидатскиот статус доби препорака за членство во Европската унија. Оптимизмот кај владејачката партија дека земјава ќе добие датум за преговори на претстојниот совет на министри го слушаме и денеска.

„Сметам дека Република Македонија треба да го задржи својот оптимизам, и да се надева дека и Советот на министри на ЕУ, како тело што ги преставува интересите на државите членки, ќе успее да се издигне над интересите на една држава членка, и да донесе одлука што кореспондира со фактите, а тоа е дека Република Македонија заслужува и треба да отпочне преговoри за членство со ЕУ“, вели за очекувањата од претстојниот министерски совет, Александар Спасеновски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Ќе се отвори ли вратата на ЕУ за Македонија?
Ќе се отвори ли вратата на ЕУ за Македонија?

За разлика од владејачката, најголемата опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз не очекува датум за преговори во декември. За тоа ја обвинуваат политиката на актуелната влада, која како што велат од партијата, земјава ја води кон самоизолација.

Македонија заслужува и треба да отпочне преговoри за членство со ЕУ.
Александар Спасеновски, ВМРО-ДПМНЕ.
„Лекцијата која што треба да се научи во Македонија, особено овие луѓе од власта треба да научат, е дека кога не реагираш навреме, потоа не треба да се чудиш од лошите резултати кои потоа некој ќе ти ги испорача на маса. Задача на дипломатијата не е само да зборува на вести, во Скопје, во Македонија. Задача на дипломатијата и на нашите политичари избрани во Владата е да реагираат секој пат кога ќе биде загрозен македонскиот нациоанален интерес . И тоа не да го прават за домашна публика, туку за да ја променат политиката на меѓународните организации“, рече Радмила Шеќеринска од СДСМ.

Сега кога извештајот за напредокот е зад нас, вниманието е насочено кон претсојниот самит на министри. Дали во заклучоците на истиот ќе биде одреден датум за преговори не се знае, но умерениот оптимизам е присутен кај вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи.

Од секторот за евроинтеграции се надеваат дека Советот во своите заклучоци ќе најде формулација која ќе може да ни даде поотворени врати, односно ќе поттикне еден процес што би не придвижил напред. Во меѓувреме ние, треба да продолжиме да бидеме ангажирани во решавањето на проблемите и спорот за името и да докажеме дека сме посветени на реформите. Арифи деновиве изјави дека и одложен датум за преговори би било поволна варијанта за нас и токму кон тоа треба да се стремиме.

И од министерството за надворешни работи очекуваат позитивен епилог од расправата на Европскиот совет. Извори од МНР велат дека лобирањето во кое преку пишување писма до своите европски колеги се вклучи и министерот Никола Попоски се прави со цел Македонија да добие датум за преговори, но од Министерството не ја исклучуваат можноста Советот да постави рок за објавување датум, или како што некои го нарекуваат одложен датум за почнување преговори.

Инаку, министерот Попоски преку писмата кои ги упати до европските дипломати бара да изнајдат модел како Македонија да ги започне преговорите со Унијата, наспроти противењето на Грција. Дали отпочнувањето на еден европски пристап кој нема да се базира на попречување, туку на соработка, ќе биде реализиран и успешен ќе зависи од земјите членки на Унијата, вели Попоски.

Пишување писма - очајнички потег

Некои од експертите, ваквите потези на лобирање ги окарактеризираа како очајнички потег на владата да добие датум за преговори.

„Тие се очајнички потези на Владата. Се преправа дека нешто прави, а во суштина тоа не е метод на работа, ниту на ЕУ, ниту е метод на работа на дипломатијата, да се тера работата со писма. Во смисла дека ете нешто правиме, се прават тие писма, мислам дека ништо не произлегува, а се осмелувам да кажам дека од тоа произлегува и малку презир и понижување на дипломатијата“, изјави професорот Алајдин Демири.
Тие се очајнички потези на Владата. Се преправа дека нешто прави, а во суштина тоа не е метод на работа, ниту на ЕУ, ниту е метод на работа на дипломатијата, да се тера работата со писма. Во смисла дека ете нешто правиме, се прават тие писма, мислам дека ништо не произлегува, а се осмелувам да кажам дека од тоа произлегува и малку презир и понижување на дипломатијата.
Алајдин Демири,универзитетски професор.

Еврпското знаме ја чека македонската ѕвезда.
Еврпското знаме ја чека македонската ѕвезда.
Домашната и меѓународната стручна јавност се едногласни дека на патот кон Европската унија Македонија мора да го реши прашањето за името со Грција. Покрај потребните реформи кои треба во целост да се спроведат, проблемот со името е клучен за нашите евроатлански аспирации. Лидија Димова, претседателката на Македонскиот центар за европско образование вели дека и на Грција и е неопходно брзо решение на долгогодишниот спор, но токму неразумните политичари се тие кои го кочат целиот процес.

„Значи целата финансиска перспектива 2014-2020, значи буџетот на ЕУ, ќе биде во развој на иновации и инфраструктура, многу битно е тоа. Грција од тоа ништо не ќе може да искористи, ако Македонија е во вакум како што е сега. Така што од политичка гледна точка на Грција многу и одговара Македонија да почне преговори, само што се ставени во ситуација како што ние ја водиме државата и нема кој да пресече.“

Поранешниот дипломат, професор Димитар Мирчев вели дека земјава направила се што е потребно за да добие препорака за почеток на преговори. Но за успех треба да се смета и доколку на Советот се отвори дебата за нашата земја, вели Мирчев.

„Ние направивме се во последните неколку месеци, што беше во моќта на нашите органи, дипломатија, надворешна политика, за да се добие датум, меѓутоа засега се уште нема индикаци што ќе се случува. Многу би сакале пред се да се разговара за Македонија на тој Европски совет, затоа што досега, овие две-три години ова прашање не доаѓаше на ред.“

Помалку оптимисти во однос на европската иднина на Македонија се нејзините граѓани. На прашањето дали Македонија ќе добие датум за преговори во декември поставено на анкетата на нашата веб-страница, мнозинството граѓани одговориле негативно. Оние кои ги прашавме велат дека не се надеваат на датум за преговори. Меѓудругото велат дека во ниту една област не препознале напредок и приближување кон меѓународните организации.

„Тешко, тешко.“

„За жал не, од она што треба да биде делеку сме мислам, така да реалноста е таа, гледам дека нема иницијатива за некои работи, ние чекаме некој од надвор да ни каже, а ги знаеме тие работи.“

„Јас мислам дека имаме шанси и полека, полека ќе стигнеме.“

„Побргу се приблиуваме кон ЕУ од долната страна, од криминалот, наркоманијата, од корупција, мито.“

„Нема некој ред како што е во Европа, да биде така и така.“

„Не напредуваме ние добро.“

Пресудата на Хаг не го решава спорот за името

За два дена јавноста и официјално ќе дознае каква е пресудата на Меѓунардниот суд во Хаг, и дали таа ќе влијае на одлуката за датум на министерскиот совет. Судот објави дека пресудата за тужбата која Македонија ја покрена против Грција поради кршење на Времената спогодба е донесена, но јавно ќе биде објавена во понеделник.
Грција нема да ја спроведе одлуката автоматски, во смисла дека да речеме на наредниот самот на НАТО во Чикаго да бидеме примени, едноставно судот нема ситем да принуди една држава ако тоа не сака да го направи.
Денко Малески, универзитетски професор.

Во однос на влијанието на пресудата на Хашкиот суд врз одлуката на Советот на министри, од Министерството за надворешни работи велат дека тоа се работи кои треба да се разграничат, но сепак признаваат дека доколу пресудата е во наша корист, Македонија ќе добие меѓународен кредибилитет и сите аргументи во полза на Македонија ќе добијат и меѓународна потврда.
Земајќи ја предвид политичката димензија, универзитетскиот професор Денко Малески очекува неутрална пресуда.
Македонската делегација пред почетокот на изложувањето на аргументите во Меѓународниот суд на правдата во Хаг на 21 март 2011 година.
Македонската делегација пред почетокот на изложувањето на аргументите во Меѓународниот суд на правдата во Хаг на 21 март 2011 година.

„Тој колосек ќе си остане отворен, проблемот на решавање на името меѓу Македонија и Грција како што тоа го заклучи и Советот за безбедност на ОН во 1993-та година. Мислам дека и судиите ќе внимаваат на тој политички елемент, конечно Меѓународниот суд на правдата е дел од системот на ОН и јас лично не очекувам чиста пресуда.“

Македонија бара од судот да и наложи на Грција да ги почитува своите обврски предвидени со Времената спогодба и да не го блокира македонското членство во меѓународни организации. Според Малески, нереално е да се очекува дека Грција нема да ја повтори истата постапка и пред следниот самит на НАТО, односно дека нема да го блокира нашето членство во оваа организација.

„Грција нема да ја спроведе одлуката автоматски, во смисла дека да речеме на наредниот самот на НАТО во Чикаго да бидеме примени, едноставно судот нема ситем да принуди една држава ако тоа не сака да го направи. Најлошата варијанта која може да се случи со добивањето негативна пресуда за Македонија е таа да остане надвор од Европската унија, односно да имаме статус кво позиција, вели професор Владимир Ортаковски, но доколку пресудата е поволна за нас, на Грција ќе и биде наложено да престане да го попречува приемот на Македонија во меѓународните организации.

„Очекуваме таква да биде пресудата ако е позитивна за нас, и наложува на Грција да ги извести друѓите држави дека престанала да го попречува приемот на другата страна, во случајов Македонија во меѓународните организации.“

Ставовите се поделени во однос на тоа дали евентуалната пресуда во полза на Македонија, Грција би ја спровела?

Во меѓувреме грчкиот весник Катимерини објави дека пресудата е донесена во полза на Македонија, но ниту една од македонските државните институции тоа не го потврди. Од правниот тим што ја составуваше тужбата против Грција велат дека пресудата на Хашкиот суд не може никој да ја знае се до денот на нејзиното објавување, на 5 декември. Од тимот велат дека се подготвени на сите можни сценарија, но преовладува оптимизам од начинот на кој течела расправата во Судот.

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов изјави дека Македонија ќе ја почитува пресудата каква и да е. Вицепремиерката за евроинтеграции Теута Арифи, пак, изрази надеж дека одлуката на судот ќе биде таква што ќе ги помогне македонските евроинтеграции.

Грција испрати порака до македонската влада да не се мешаат пресудата во Хаг и преговорите за спорот за името. Портпаролот на грчкото МНР, Грегорис Далавекурас изјави дека двете процедури треба да се разграничат и дека политичките преговори во рамките на Обединетите нации имаат зацртано цел и одговорности за кои двете страни треба да преговараат.

За само неколку дена ќе се знае дали Македонија ќе успее да се избори за датум за преговори. И дали досегашната работа и реформите со кои Владата се гордее ќе бидат доволни за прием во големото семејство? Европските дипломати и меѓународните претставници постојано ги повторуваат забелешките во однос на слободата на медиумите, борбата против корупцијата, независноста на судството, јавната администрација. Отворените повици на некои европарламентарци дека Македонија нема да добие датум за преговори се додека не покаже политичка волја да го реши проблемот со името, отвораат простор за загриженост и сомневања околу тоа дали Македонија во Европската унија и НАТО се вистинските приоритети на македонските власти.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG